Европа
Ердоган: Русија е подготвена да стави крај на конфликтот што е можно побргу
Сè што сакаме е конфликтот во Украина, во кој има многу жртви и во кој нема победник, да заврши мирно, а рускиот став „дека сакаaт да заврши што е можно побргу“ е многу важен, изјавил турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, пренесуваат медиумите.
Ердоган, кој пристигна во Њујорк на Генералното собрание на ОН, за американската телевизиска мрежа PBS изјави дека неодамна во Узбекистан се сретнал со рускиот претседател Владимир Путин и имал многу опсежни разговори со него.
„И тој, всушност, ми покажа дека е подготвен да го заврши ова што е можно побргу. Тоа беше мојот впечаток бидејќи начинот на кој се одвиваат работите во моментот е доста проблематичен“, рече турскиот претседател.
Според Ердоган, Турција води балансирана политика меѓу Киев и Москва откако Русија почна воена операција против Украина во февруари и поддржува сослушување на двете страни.
Тој најави и дека има договор меѓу завојуваните страни за размена на 200 затвореници и според него тоа ќе биде значаен чекор напред.
Ердоган исто така смета дека мировното решение не треба да дозволи Русија да задржи дел од териториите што ги зазеде во воениот конфликт со Украина, пренесува медиумот.
Турскиот претседател за PBS зборуваше и за блокирањето на приемот на Шведска и Финска во НАТО, што Анкара го објасни со поддршката на курдските терористи во овие две земји и рече дека во Шведска „терористи се инфилтрирале сè до нивните парламенти“.
„Во Стокхолм гледаме дека терористите постојано демонстрираат. Има многу транспаренти и постери на лидерите на терористичките организации. Тие демонстрираат. Извикуваат слогани. И ги напаѓаат невините потомци на турските граѓани во Стокхолм. Им ги дадовме на нашите шведски соговорници сите докази поврзани со овој развој“, рекол Ердоган.
Тој нагласил и дека Финска, од друга страна, не е како Шведска и дека ситуацијата во таа земја е малку помирна и дека властите имаат поголема контрола врз развојот на настаните.
Приемот на Шведска и Финска сè уште не е ратификуван од Словачка, Унгарија, Португалија и од Турција, а за влез во НАТО потребна е согласност од сите 30 членки на алијансата, пренесуваат медиумите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Германците објавија план во случај на војна со Русија
Германија почна поинтензивно да работи на подготовките за можни кризни ситуации, вклучително и воени сценарија кои директно би влијаеле на земјата. Според весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЗ), Бундесверот развил стратешки документ наречен „Операционен план Германија“, во кој се детализирани улогата на економијата и клучните инфраструктурни сектори во случај на вооружен конфликт.
Еден од клучните елементи на овој план е соработката со приватниот сектор за обезбедување снабдување и одржување на функционалноста на клучните сектори во случај на криза. Неодамна во Хамбург се одржа средба со претставници на логистички компании, на која воените власти презентираа насоки за подготовка во кризни ситуации. Беше истакнато дека логистиката ќе има клучна улога во овозможување мобилизација на силите и зачувување на стабилноста во земјата. Според ФАЗ, Бундесверот составил листа на приоритетни објекти и инфраструктура кои треба да бидат заштитени во случај на војна, вклучувајќи транспортни центри, магацини и енергетски системи.
Според сценариото кое предвидува одговор на НАТО на потенцијален конфликт со Русија, планирана е мобилизација на дури 800.000 војници и 200.000 возила преку германска територија. Јасно е дека за таква операција е потребно исклучително прецизно планирање и координација со цивилниот сектор, пишува ФАЗ.
Овие мерки доаѓаат во контекст на растечките геополитички тензии, особено по руската инвазија на Украина.
Освен Германија, други европски земји ги засилуваат подготовките за непредвидливи сценарија. Нордиските земји, како што се Шведска, Финска и Норвешка, исто така ги советуваат своите граѓани како да се подготват за потенцијални кризни ситуации, вклучително и обезбедување основни залихи со храна и вода.
Германското Министерство за одбрана редовно ги ажурира своите планови, приспособувајќи ги на промените во безбедносната средина.
Европа
Украинскиот парламент ја одложи седницата, на пратениците им е кажано да ги држат своите семејства подалеку од владиниот кварт на Киев
Украинскиот парламент ја одложи седницата што требаше да се одржи денеска поради безбедносни причини, јави јавната телевизија Суспилнe, повикувајќи се на извори.
„Беше планирано да се одржи седница на Врховната Рада на 22 ноември, на која пратениците требаше да поставуваат прашања до владата, но сè беше откажано поради безбедносни причини“, објави Суспилне. На пратениците им е кажано да ги држат своите семејства подалеку од владиниот кварт на Киев, а според некои од нив, следната седница на украинскиот парламент не е закажана до декември.
Одложувањето дојде откако рускиот претседател Владимир Путин во телевизиско обраќање објави дека Русија вчера истрела хиперсонична балистичка ракета со среден дострел врз украински воен објект, како одговор на употребата на американски и британски ракети од Киев за гаѓање цели на руска територија.
Путин посочи дека „во случај на ескалација на агресивни дејствија“ би можеле да следат уште такви потези. Предупредувањата за големи ракетни напади ги натераа американските и другите амбасади во Киев да ги затворат своите врати во средата.
Еден опозициски член на парламентот, Олексеј Хончаренко, изрази фрустрација поради откажувањето на седницата во објава на апликацијата за пораки Телеграм, велејќи дека тоа е изгубена можност да се поставуваат прашања на владата.
Европа
НАТО: Новата руска ракета нема да нè одврати да ја поддржиме Украина
Експерименталната ракета со среден дострел истрелана од Русија кон Украина нема да влијае на текот на војната или на поддршката на НАТО за Киев, изјави портпаролката на алијансата.
Портпаролката на НАТО, Фарах Даклала, изјави за АФП дека рускиот напад во четвртокот на Днепар е „уште еден пример за руски напади врз украинските градови“, додавајќи:
„Користењето на овој капацитет нема да го промени текот на конфликтот или да ги одврати сојузниците од НАТО да ја поддржат Украина“.