Култура
Девет стихозбирки во поширок избор за наградата „Антево перо“
Организацискиот одбор на меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ изразува голема и искрена благодарност до сите учесници на Конкурсот за петтото доделување на наградата „Антево перо“, за најдобра необјавена стихозбирка на македонски јазик. Како што веќе беше објавено, на Конкурсот пристигнаа 76 поетски збирки од автори од Северна Македонија, Австралија, Хрватска, Австрија, Шведска и Словенија.
На својот прв состанок жири-комисијата во состав: проф. д-р Весна Мојсова Чепишевска (претседател) , д-р Атина Цветаноска и Жорж Поповски (членови), темелно ги разгледа и анализираше пристигнатите збирки. По плодната дискусија, жири-комисијата издвои 9 стихозбирки кои се во поширок избор за наградата „Антево перо“ и тоа: Ана Пејчинова „Вонземно море“, Славица Гаџовска Свидерска „Golgotha Feminarum“, Јулијана Младеновска Тешија „Куќа“, Шифра Имануел „Умоверзум“, Ана Бунтеска „Остави го светлото“, Тања Павлеска „Созборка“, Кирил Ангелов „Онаму, каде молњите удираат“, Виолета Танчева Златева „Глуво време“ и Симун Лешоски „Песни“. Редоследот на номинираните нема вредносно значење.
Како и минатите години и овој пат жири-комисијата со особено задоволство ги издвои младите автори, коишто учествуваа во конкурсот што го распишува меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево Перо“. Во поширок избор за наградата „Антев часовник“, која се доделува на млад автор за поетско творештво на македонски јазик со забележителни поетски квалитети, Жирито издвои 5 збирки поезија и тоа: Софија Тодороска „Контури“, Матеја Талеска „Булевар на соништата“, Душко Двојаковски „Земја на зумбули“, Матеја Богдан „Посветено“ и Рената Пенчова „Точки во бескрајот“. И во овој случај, редоследот на номинираните нема вредносно значење.
На следната средба жири-комисијата ќе го стесни изборот за наградите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Македонскиот филм „Неми филмови“ меѓу најдобрите анимирани кратки дела за 2025 според „Animation Magazine“
Kраткометражен анимиран филм „Неми Филмови“ на режисерот Крсте Господиновски е вклучен во изборот на Animation Magazine за најистакнати анимирани кратки филмови во 2025 година.
Во текстот „Избор на познавачот: Субјективен критички преглед на најдобрите кратки анимирани филмови за 2025 година“, авторот Крис Робинсон – долгогодишен уметнички директор на Меѓународниот фестивал за анимиран филм во Отава – го наведува филмот како едно од најзначајните остварувања во годишниот преглед.
Робинсон го оценува „Неми Филмови“ како дело што се издвојува по визуелниот јазик, атмосферата и авторскиот пристап, особено преку неговата stop-motion естетика и внимателно развиена визуелна нарација. Како влијателна фигура во светот на независната анимација, неговата препорака се смета за важен сигнал за квалитет и релевантност на филмот.
Култура
Сорентино и филмот „Југо Флорида“ со Андрија Кузмановиќ на репертоарот на „Синедејс“
Денес, на претпоследниот ден од 24 издание на фестивалот Синедејс, во киното Фросина, со почеток од 20 часот ќе биде прикажан филмот “Помилување” во режија на славниот италијански режисер Паоло Сорентино. Филмот “Помилување” ја имаше својата светска премиера на 82 издание на Венецискиот филмски фестивал, со што се отвори и 82-та Мостра. Токму на овој фестивал, актерот Тони Сервиљо ја доби наградата “Волпи” за најдобар актер, а филмот беше номиниран за “Златен Лав”.
На истата локација, во 22.30 часот ќе биде прикажан филмот “Југо Флорида” во режија на Владимир Тагиќ, каде главната улога ја остварува популарниот српски актер Андрија Кузмановиќ. За ова остварување, актерот ја добива наградата “Срце на Сараево” за најдобра улога на Сараевскиот филмски фестивал во 2025 година.
Од останатите филмови на вечерашниот репертоар на фестивалот, во Денснг салата на МКЦ следи и краткиот филм “Зајак” во режија на Ханис Багашов кој се здоби со наградата Најдобар филм на фестивалот на краток филм Дримшорт во Струга и “Еден од оние денови кога Хеме умира” во режија на Мурат Фиратоглу. Во Кинотеката, ќе биде прикажан филмот “За Ева” краткиот филм во режија на Бојан Василев и “Вена” во режија на Кјара Флајшхакер.
Билети за фестивалот може да се набават на официјалната страница www.cinedays.mk.
Култура
Комичното оперско ремек-дело „Севилскиот бербер“ на 13 декември на сцената на Националната опера и балет
На 13 декември 2025 година, со почеток во 20.00 часот, на сцената на Националната опера и балет ќе се изведе комичното оперско ремек-дело „Севилскиот бербер“ од Џоакино Росини – опера која со својата духовитост, динамика и незаборавни арии со децении ја плени домашната и светската публика.
Изведбата е под диригентската палка на Џанлука Мартиненги (Италија), режијата е на Урсула Хорнер (Австрија), сценографијата на Марија Ветероска, а костимографијата на Марија Пупучевска. Концерт-мајстор е Јане Бакевски, а хор-мајстор Ѓурѓица Дашиќ.

Во солистичката екипа ќе настапат: Роберто де Кандиа (Италија), Николина Јаневска, Чанг Ванг (Кина), Владимир Саздовски, Јанoш Носек (Полска), Злата Тошевска Димовска, Драган Ампов, Кристијан Антовски, Никола Чедомировски, чембало: Анастасија Грговска заедно со хорот и оркестарот на МОБ.

„Севилскиот бербер“ е едно од најпрепознатливите дела на Росини – автор кој со својата музичка виртуозност и карактеристични брзи, ритмични фрази создава неповторлива енергија на сцената. Блеска со брзи дијалози, духовитост и незаборавни музички моменти, меѓу кои се истакнува славната арија „Largo al factotum“, со која Фигаро повеќе од два века го освојува светот. Делото ја раскажува љубовната приказна полна со неочекувани пресврти, тајни планови и духовити недоразбирања, претставени во препознатливиот Росиниев стил – брз, жив и раскошен.

