Култура
Оливера Николова: Она што го работиме никогаш не ќе знаеме со сигурност кои бедеми ги поставува сè додека не го пропуштиме времето да истрча пред нас
Денес, кога мојата земја и мојот јазик успешно го множат своето ехо, а ние се чувствуваме срчни и полетни, зошто да не кажеме дека еве и ние вредно ја ткаеме мрежата на светот заедно со другите? Мрежата на светот како некоја земна галаксија во која сите соѕвездија светат еднакво за секого. Дека се трудиме да веруваме оти е тоа така и дека мора да биде така. Нели веќе без страв го исправаме своето пред плимата на туѓото? Зошто да не го кажеме тоа? Дека ни било земано недозволено и дека и самите сме земале недозволено, дека сме давале и ни давале и дека сите подрачја вон уметничкото секогаш ни се чинеле банални и обични, а дека вистинската смисла на патетичното, вистинската смисла на драматичното за нас не била да им ја дадеме нивната фотографска вредност, туку нивното највисоко духовно значење, рече Оливера Николова синоќа во своето видеообраќање по повод врачувањето на наградата „Прозарт“, што ѝ ја додели интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“.
Обраќајќи им се на писателите и велејќи дека сигурно ќе ја разберат за што зборува, Николова додаде дека „никогаш не ќе знаат со сигурност кои бедеми ги поставува она што го работат сè додека не го пропуштат времето да истрча пред нив и да им мавта од иднината за повикување“. Затоа само ги поздрави жалејќи што не е во состојба да го направи тоа во живо, како што рече, „со понизноста за која обично сите гласаме, а која, всушност, го издига во триумф знамето на посветеноста, мечтите и разумот“.
Секој од авторите гости на фестивалот се претстави со извадоци од свои дела на јазикот на кој твори. Во Даутпашиниот амам синоќа читаа писателите: Дамир Каракаш од Хрватска, Броња Жакељ од Словенија, Владислав Бајац од Србија, Елена Алексиева од Бугарија, сценаристот и режисер Рајко Грлиќ од Хрватска, нашиот писател Томислав Османли и поетот Пијан Славеј. Сите имаа можност да се дружат во изминатите три дена заедно со членовите на програмата „Скопје fellowship“. Во сеќавање на Луан Старова, неговата ќерка Дита Старова-Ќерими прочита извадок од неговиот роман „Враќањето на козите“, кој тој го прочита на своето гостување на фестивалот во 2016 година.
Фестивалот го затвори неговиот основач Дејан Трајкоски, кој напомена две работи, кои сведочат како доказ зошто ваквите фестивали и манифестации треба да постојат и рече:
„Првата работа му се случи вчера на Владислав Бајац кога се сретна со жена со која се сретнал пред 20 години која му кажа дека читањето на неговата ‘Книга за бамбусот’ и романот ‘Друидот од Синдидун’ ѝ го смениле животот. Втората е писмото што на еден од нашите лауреати Георги Господинов му го пратила повозрасна жена од болница, а меѓу другото, во писмото пишувало „ве читав и почувствував дека уште ми се живее“.
Во рамките на дополнителната програма на фестивалот, вечерва, во 20 часот, во Кинотеката во Скопје, ќе биде прикажан филмот „Караула“ на режисерот Рајко Грлиќ, кој е гостин на „ПРО-ЗА Балкан“. Пред проекцијата ќе разговораат Петар Арсовски, Александар Прокопиев и Рајко Грлиќ.
Организатор на фестивалот е „Прозарт медија“. Поддржувачи на „ПРО-ЗА Балкан“ се: Министерството за култура, „Традуки“, турскиот културен центар „Јунус Емре“, Град Скопjе, Културно-информативниот центар на Бугарија во Скопје, Амбасадата на Словенија, Францускиот институт во Скопје, Кинотеката, Национална галерија, СПОНА.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Инспиративен настап на SIN PUSTINJE во Битола за Меѓународниот ден на џезот 2024
МКЦ-Битола по јубилеен 10-ти пат го одбележа Меѓународниот ден на џезот во Битола 2024. Во прекрасниот амбиент на кафе барот Порта Џез, Ахмед Буриќ, Дамир Имамовиќ, Тони Китановски и Иван Михајловиќ приредија несекојдневно музичко поетско доживување.
Во проектот станува збор за искуството и интерпретацијата на музиката и поезијата која ги сумира различните интереси и вештини на уметниците кои досега ги познававме од другите жанрови. На концертот Буриќ, Имамовиќ, Китановски и Михајловиќ изведоа дванаесеттина песни од нивниот прв албум, како и некои други делови кои на изведбата во живо му дадоа комплетна форма и магична атмосфера.
Овој концерт по десетти пат ја стави Битола на глобалната мапа на градови кои го одбележуваат Меѓународниот ден на џезот и ги слават вредностите кои тој ги промовира. Битола ја ставаме на иста линија со светските метрополи кои имаат почит кон уметноста како начин на живот и извор на енергија не само за уметниците туку и за обичните граѓани.
Концертот се организира со финансиска поддршка на Министерството за култура и Општина Битола.
Култура
Вердиевата спектакуларна опера „Трубадур“ на 11 мај на „Мајските оперски вечери“
На 11 мај со почеток во 20.00 часот ќе се изведе спектакуларната опера „Трубадур“ од Џузепе Верди, во рамките на 52. издание на меѓународниот фестивал „Мајски оперски вечери“. Билетите за премиерната изведба на „Трубадур“ на 9 мај се распродадени.
Диригент е Иван Еминовиќ, режијата е на реномираниот македонски режисер, Иван Поповски кој живее и работи во Москва повеќе од две децении и за своите врвни уметнички достигнувања е добитник на највисоки признанија во Русија и низ светот и за првпат поставува опера на македонската сцена. Сценографијата е на Миодраг Табачки од Србија, костимографијата е на Марија Пупучевска, а кореографијата на Саша Евтимова.
Во улогата на Манрико ќе настапи гостинот од Чиле, Филипе Рохас, тенор кој настапувал на повеќе светски сцени, во улогата на Гроф Луна ќе настапи нашиот баритон Ристе Велков, во улогата на Леонора ќе настапи гостинката од Канада Криста де Силва, драмски сопран препознатлива по нејзините темни мистични бои. Во улогата на Ацучена ќе настапи, Сања Анастасиа, мецосопран, првенка на операта во Народниот театар во Белград. Во улогата на Ферандо ќе настапи нашиот бас, Владимир Саздовски кој е чест гостин на светските оперски сцени. Во останатите улоги ќе настапат: Јане Дунимаглоски, Ана Ројдева, Тихомир Јакимовски и Дејан Стоев во придружба на хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
Романтична љубов, смртна љубомора и oдмазда се движечките драмски елементи на операта „Трубадур“ од италијанскиот музички мајстор Џузепе Верди. Операта се одликува со прекрасна музика и спектакуларно предводени вокални делови кои пренесуваат силни емоции, додека исклучително сложената приказна изобилува со огнена страст.
Култура
Изложба: „Четирите мајстори на модернизмот“
Град Скопје и ЈУ Културно Информативен Центар ќе отпочнат со реализација на Европскиот проект CreArt 3, со активноста „Европски месец на креативноста“ на 10 мај во галеријата Империјал 1 – ЈУ Културно Информативен Центар, каде што до крајот на месец мај ќе биде отворена групната изложба насловена: „Четирите мајстори на модернизмот“
Учесници: Теодора Андоноска, Мартин Буровски, Илина Василеска, Сергеј Јордановски, Камелија Каламерникова, Манели Крстиќ, Сара Милошевска, Ивона Петрова и Никола Тренов, сите студенти од четврта година на студиската програма Сликарство на Факултетот за ликовни уметности, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, во класата на проф. Слободанка Стевческа.
Изложбата „Четирите мајстори на модернизмот“ е воспоставена во чест на основоположниците на Факултетот за ликовни уметности од Катедрата за сликарство, професорите Петар Мазев, Родољуб Анастасов, Димитар Кондовски и Душан Перчинков.
Изложбата ќе биде отворена до 20.04.2024 година.