Свет
48 лица загинаа во страшна несреќа во Кина, Кинезите го слават херојскиот потег на камионџијата
Кинезите го слават возачот на камион кој го паркирал своето возило преку автопат за да спречи повеќе возила да не се стркалаат по падината по уривањето на автопат. Најмалку 48 лица загинаа во несреќата на југот на земјата.
Ванг Ксијангнан во средата возел по автопат во провинцијата Гуангдонг кога забележал неколку возила кои се движат во спротивна насока на автопатот со четири ленти. Набрзо еден колега возач го известил дека автопатот пропаднал.
Поранешниот војник Ванг брзо го позиционирал својот камион да го блокира автопатот, ефикасно запирајќи десетици возила да продолжат кон амбисот. Во меѓувреме, неговата сопруга излегла од камионот за да ги предупреди другите возачи за ситуацијата, јавуваат кинеските медиуми.
„Не размислував премногу. Само сакав да ги запрам возилата“, изјави Ванг за кинеската новинска агенција. Храбрите постапки на Ванг не само што добија пофалби од Кинезите на социјалните мрежи, туку и признанија од Кинеската фондација за развој на работниците.
Фондацијата во петокот објави дека му доделила на Ванг 10.000 јуани (1.414 долари) во соработка со една автомобилска компанија. Добротворниот проект поврзан со технолошкиот гигант Алибаба, исто така, му даде на Ванг еднаков износ. Ванг изјави за весникот дека парите ќе ги донира на семејствата на жртвите од колапсот.
Локалните медиуми, исто така, објавија дека уште еден маж клекнал за да ги спречи автомобилите да продолжат по автопатот. Несреќата се случила по цел месец обилни дождови во Гуангдонг. Некои од 23-те возила кои паднаа во длабоката провалија се запалија, по што се издигнаа густи облаци од чад.
Во саботата, градската влада на Меиџоу во Гуангдонг објави дека властите ќе спроведат проверки на автопатите, железниците и патиштата во планинските области. Тим предводен од гувернерот на провинцијата ги истражува причините за падот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Напаѓачот на Фицо доби мерка притвор за да не побегне и да не го повтори делото
Специјалниот кривичен суд во словачкиот град Пезинок, со силно полициско обезбедување денеска му одреди притвор на 71-годишниот Словак Јурај Цинтула, кој на 15 мај годинава во градот Хандлова со пет истрели го застрела премиерот Роберт Фицо и тешко го рани во стомакот.
Притворот за осомничениот е побаран поради опасност да не избега или да го повтори делото.
Осомничениот за нападот врз словенечкиот премиер Јурај Цинтула денеска призна вина.
Адвокатите предупредија дека признавањето на вината е спорно, бидејќи Цинтула веднаш по атентатот и апсењето бил сослушан во шок, без присуство на адвокат.
Регион
Убиство и самоубиство во Бјеловар, Хрватска
Во Бјеловар, Хрватска во семејна куќа се пронајдени две починати и едно тешко повредено лице, кое е префрлено во болница. Најверојатно се работи за насилна смрт, а според неофицијални информации, мажот ја убил мајката на неговата жена, а се обидел да ја убие и сопругата која е тешко повредена.
Напаѓачот, според првичните инфрормации се самоубил.
Хрватската полиција засега не ги потврдува неофицијалните информации дека се работи за убиство и самоубиство.
Полицијата дојавата ја добила околу 10 часот, а на местото се врши увид.
Европа
Премиерот Фицо уште е во животна опасност, напаѓачот призна вина
Осомничениот за нападот врз словенечкиот премиер Јурај Цинтула денеска пред Специјализираниот кривичен суд во градот Пежинок призна вина. Состојбата на премиерот Фицо и понатаму е сериозна.
Обвинителството вчера побара притвор за 71-годишниот Цинтула поради евентуално бегство или повторување на кривичното дело. Напаѓачот беше спроведен под силно полициско обезбедување, а ниту на новинарите им беше дозволен влез во Судот.
Премиерот на Словачка, Роберт Фицо на 15 мај беше застрелан во градот Хандалова додека се поздравуваше со насобраниот народ. Цинтула веднаш по нападот е приведен.
Тој се соочува со обвинение за обид за убиство од одмазда, за што е предвидена казна од 25 години до доживотен затвор.
Словачките политичари изјавија дека нападот врз Фицо не е политички мотивиран.