Свет
Швајцарски весник: Џjинпинг вешто ја испланира својата посета за да го продлабочи јазот во Европа
Планот на посетата на Европа на кинескиот претседател Шји Џјинпинг на прв поглед можеби е изненадувачки, но фактот што тој за посета, покрај Франција, ги избра и Србија и Унгарија, покажува дека рутата била многу вешто избрана од кинеска перспектива, пишува швајцарскиот дневен весник „Тагес-анцајгер“.
„Режимот во Пекинг знае каде се линиите на раздор во Европа и го користи патувањето за уште повеќе да го продлабочи тој јаз“, пишува весникот истакнувајќи дека Шји не дошол во Европа со пријателски намери.
Весникот наведува дека Шји ќе се сретне со српскиот претседател Александар Вучиќ и со унгарскиот премиер Виктор Орбан, кои се „претставници на прорускиот табор на Путин во Европа“.
Посетата на Белград, потсетува весникот, се совпаѓа со 25-годишнината од бомбардирањето на кинеската амбасада во главниот град на Србија за време на воздушните напади на НАТО за што западната алијанса секогаш тврдеше дека е грешка.
„Сепак, Џјинпинг вешто ќе го искористи настапот на таа 25-годишнина за да го нагласи наративот за агресивен западен сојуз“, пишува „Тагес-анцајгер“.
Тој ќе биде пречекан во Будимпешта на 8 мај, на 20-годишнината од влезот на Унгарија во Европската Унија. „Во меѓувреме, таа земја се претвори во центар на руските и кинеските интереси“, пишува весникот.
Тој ќе најави изградба на голема кинеска фабрика за автомобили во Печ „точно на време за да се заобиколат казнените тарифи на Европската комисија поради инвазијата на електрични автомобили од Кина“.
Весникот забележува дека францускиот претседател Емануел Макрон неодамна го задоволил кинескиот моќник во Пекинг со изјавата дека Тајван е внатрешно кинеско прашање и дека Европа не смее да дозволи САД да го вовлечат во конфликтот, а исто така и со своите барања за поголема стратешка автономија за Европа.
„Сѐ што ја ослабува трансатлантската врска меѓу Американците и Европејците е во интерес на Кина“, пишува швајцарскиот дневен весник.
Гостин од Кина не доаѓа во Европа со пријателски намери“, заклучува весникот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Хеликоптерот со иранскиот претседател Ебрахим Раиси доживеа „тешко слетување“
Хеликоптерот со иранскиот претседател Ебрахим Раиси доживеа „тешко слетување“, објави иранската државна телевизија, без веднаш да даде детали.
Раиси отпатува во иранската провинција Источен Азербејџан. Државната телевизија соопшти дека инцидентот се случил во близина на Џолфа, град на границата со Азербејџан, на околу 600 километри северозападно од иранската престолнина Техеран, а спасувачите биле отежнати од силниот ветер и дождот.
Сè уште нема официјална информација за тоа во каква состојба е Раиси.
Раиси беше во Азербејџан во неделата рано наутро на отворањето на браната со претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев.
Иранската државната новинска агенција ИРНА објави дека хеликоптерот „паднал во несреќа во општата област Варзеган“ во провинцијата Источен Азербејџан, а покрај Раиси, во хеликоптерот имало уште неколку официјални лица, меѓу кои и министерот за надворешни работи Хосеин Амир Абдолахиан.
Тешките временски услови и густата магла ги отежнаа напорите на спасувачките тимови, соопшти иранската државна телевизија.
Регион
Загинаа две лица, а пет се водат како исчезнати по судар на чамец и крузер во Дунав кај Будимпешта
Две лица го загубија животот доцна синоќа, а пет се водат за исчезнати во судар на мал моторен чамец и крузер на реката Дунав северно од Будимпешта, соопшти денеска унгарската полиција.
Телата на возрасен маж и жена се пронајдени северно од главниот град, а властите се уште трагаат по пет исчезнати лица.
Сома Чечи, портпарол на полицијата во Будимпешта, на прес-конференција рече дека, според досегашните сознанија, во чамецот имало вкупно осум возрасни лица и потврди дека две лица загинале, а пет се водат како исчезнати. Тројца мажи и две жени моментално се бараат со глисери и дронови, јавуваат унгарските медиуми.
Полицијата соопшти и дека во градот Комаром бил запрен поголем брод, а од увидот било откриено дека му е оштетен страничниот дел. Се врши увид и во тек е истрага за опасноста по водениот пат и смртта на неколку лица.
Регион
По обидот за атентат словачкиот премиер Фицо е надвор од животна опасност
Словачкиот премиер Роберт Фицо е надвор од животна опасност по обидот за атентат, изјави денеска министерот за одбрана и вицепремиер Роберт Калинак за словачката новинска агенција ТАСР.
Состојбата на Фицо се подобрува, а лекарската комисија утре треба да одлучи дали тој ќе биде префрлен. Фицо моментално се опоравува во универзитетската болница во Банска Бистрица.
Фицо беше тешко повреден на 15 мај, по седницата на Владата во градот Хандлова, кога 71-годишниот писател Јурај Цинтула, од непосредна близина неколку пати пукаше со пиштол во него. Специјалниот кривичен суд во словачкиот град Пезинок, со силно полициско обезбедување вчера му одреди притвор на Цинтула.