Македонија
Маричиќ-Матуела: Скринингот ќе ги забрза реформите, на долг рок тоа се бенефити за граѓаните
Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, попладнево во Брисел одржа работен состанок со вршителката на должноста директор за Западен Балкан во Генералниот директорат за соседска политика и преговори за проширување на Унијата, Микела Матуела, и нејзиниот тим, кој ги следи нашите скрининг- состаноци и напредокот на Северна Македонија.
На средбата теми на разговор беа почетокот на скринингот, актуелната политичка состојба во Северна Македонија, предизвиците кои ги носи зимата која доаѓа и заедничкото делување во таа насока, како и за следните активности и очекувања во рамки на билатералниот скрининг.
Вицепремиерот за европски прашања и главен преговарач со Унијата, Маричиќ, изрази задоволство од првите скрининг-состаноци велејќи дека постои желба и посветеност од страна на администрацијата и институциите за успешно да се заврши процесот на преговори со Унијата.
Отворањето на преговорите е успех за сите. Сега сме во фаза кога целото општество треба да се посвети на процесот на скрининг, кој несомнено ќе ги забрза реформите. Реформите на долг рок ќе значат бенефити за граѓаните. Мотивирани сме и тоа е добар знак дека ќе го завршиме скринингот онака како што и е планиран со Европската комисија, рече Маричиќ на состанокот.
Вршителката на должноста директор за Западен Балкан во генералниот директорат за соседска политика и преговори за проширување на Унијата, Микела Матуела, на состанокот посочи дека почетокот на преговорите даваат нов правец во развојот на Северна Македонија и дека сега е важно сите да се максимално посветени на овој процес, кој ќе ги забрза реформите и ќе ја трансформира државата на подобро.
Матуела додаде дека очигледен е и јасен ентузијазмот кај македонските тимови на скрининг-состаноците и изрази верување дека тоа ќе продолжи да биде така и за време на билатералните скрининг-состаноци, потенцирајќи дека заеднички ќе работиме, за сите препораки и совети од Европската комисија да ги искористиме правилно, во насока на побрзо и полесно исполнување на нашите задачи за членство во Унијата.
На средбата вицепремиерот Маричиќ ги брифираше претставниците на Европската комисија за преговарачката структура, напоменувајќи дека се прават последните консултации со сите општествени чинители и дека се бараат најдобрите, експерти во својата област, за да се комплетираат тимовите за преговори пред почетокот на билатералните скрининзи.
Утре продолжува скрининг состанокот за поглавје 24 – Правда, слобода и безбедност, кој ќе трае два дена, а веќе наредната недела продолжуваат состаноците со многу важно поглавје 23 – Правосудство и темелни права.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јаневска се обрати на свечена академија по повод 105 години од основањето на Филозофскиот факултет во Скопје
105 години Филозофски факултет значат повеќе од еден век умствен и духовен раст, традиција, научна извонредност и општествено созревање. Тоа е наследство што мора да го чуваме и да го негуваме. Верувам дека оваа институција и понатаму ќе биде водилка на општествената и на хуманистичката мисла, бранител на критичноста и чувар на академската слобода, рече министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска на свечената академија со која високообразовната установа го одбележа големиот јубилеј.
„Факултетот не придонесува во развојот на државата само преку образованието и науката, туку и преку својата силна стратешка улога во креирањето на националните политики. Тука се раѓале концепти и научни согледувања што го обликувале образовниот систем, културните политики, социјалните институции и многу од современите професионални практики во државата. И во овој период, Филозофскиот факултет е активно вклучен во изработката на клучни национални стратегии“, рече Јаневска изразувајќи благодарност до сите поранешни и активни професори, истражувачи и вработени на факултетот за нивната посветеност, научен придонес и визија за општеството.

Министерката потенцираше дека иако по однос на неколку теми за време на нејзиниот мандат, ставовите на МОН и факултетот се разликувале, токму таквите јавни дискусии доведуваат до креирање на најдобрите решенија за обезбедување на поквалитетно национално образование. Очекува, како што рече, Филозофскиот факултет да остане меѓу најсилните партнери на државата кои отвораат пат кон нови образовни подвизи.
Јаневска изрази уверување дека буџетот за образование ќе продолжи да се зголемува, а со тоа ќе се зголемува и поддршката за развој на високото образование и науката.
„Држава која вложува во високото образование вложува во сопствената иднина – ја јакне својата конкурентност, го унапредува демократскиот капацитет и го поттикнува општествениот развој. Продолжуваме да креираме политики што обезбедуваат автономија, дигитализирани процеси, подобра научна инфраструктура и поддршка за младите истражувачи“, рече министерката.

Освен Јаневска, на свечената академија се обратија и ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, проф. д-р Биљана Ангелова и деканот на Филозофскиот факултет, проф. д-р Оливер Бакрески кои се согласија дека академскиот простор мора да остане место каде знаењето се претвора во визија, а визијата во општествена вредност.
Македонија
Делови од Илинден, Аеродром, Чучер Сандево и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.30 до 15.00 часот, корисниците од ул. 27 во село Белимбегово, општина Илинден;
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, корисниците од бул. Видое Смилевски Бато бр. 8А, општина Аеродром;
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, корисниците кои се напојуваат од изводот кој започнува од Рибилимус и продолжува во правец на Горно и Долно Оризари, општина Чучер Сандево;
– во периодот од 11.00 до 15.00 часот, корисниците од село Бардовци лоцирани кај Машинац зградите, општина Карпош.
Македонија
Магла во утринските часови, сончево со умерена облачност преку ден
Во утринските часови наместа ќе има појава на магла, а во текот на денот сончево со умерена облачност и претежно тивко. Во северозападните делови повремено ќе има зголемена облачност со услови за слаб дожд.
Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 1, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде умерено до значително облачно и претежно тивко.
Минималната температура ќе се спушти до -4, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредниот период
Продолжува периодот стабилно и претежно тивко време. Во утринските и ноќните часови по одделни котлини ќе има појава на магла

