Свет
Ураганот Фиона, кој го опустоши Порторико, се приближува кон Бермуди и Канада
Ураганот Фиона е на пат да ги загрози Бермудите и источна Канада откако уништи патишта и мостови низ Порторико и предизвика историски поплави.
Се предвидува дека Фиона ќе помине во близина на Бермуди доцна вечерва или рано в петок, а потоа ќе го погоди најисточниот дел на Канада рано наутро в сабота, соопшти американскиот Национален центар за урагани.
Канадскиот центар за урагани издаде предупредување за делови од Нова Шкотска, островот Принц Едвард, островите Магдалена и дел од брегот на Њуфаундленд.
Предупредувањето за ураган важеше за Бермуди, каде што премиерот Дејвид Бурт испрати твит во кој ги повика жителите да се грижат за себе и за своите семејства.
„Да се потсетиме сите да ги провериме семејството и соседите, како и да се грижиме за старите лица. Внимавајте“, напиша премиерот на Бермуди, а пренесе АП.
Американскиот центар соопшти дека Фиона утринава имала максимална брзина на ветер од 215 километри на час.
Најмалку седум лица загинаа, а едно е повредено во Ел Салвадор, во одрони предизвикани од обилните врнежи од дожд, соопшти денеска локалната власт.
Агенцијата за цивилна заштита на земјата соопшти дека двајца возрасни и три деца загинале кога лизгање на земјиштето ја затрупало нивната куќа во општина Хуизукар, пренесува „Ројтерс“.
Салвадорските власти известија дека уште две лица загинале, а едно дете е повредено кога лизгање на земјиштето зафатило куќа во градот Панчималко.
Се вели дека единицата за цивилна заштита одржува портокалова тревога во 29 крајбрежни општини во земјата и жолт аларм на целата територија бидејќи дождовите продолжуваат да влијаат на создавање свлечишта, пренесе „Блиц.рс“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Се откажуваат летови до Израел и други земји од Блискиот Исток
Германската авиокомпанија „Луфтханза“ ги суспендира летовите до и од Тел Авив, Бејрут и Оман до 7 март, откако САД и Израел извршија напади врз Иран, изјави денеска портпаролот на авиокомпанијата.
Тој додаде дека компанијата ги суспендира и летовите до и од Дубаи денеска и утре.
„Ер Франс“ исто така ги откажа летовите до и од Тел Авив и Бејрут што беа закажани за денеска.
Според холандска новинска агенција, „КЛМ“ откажа лет од Амстердам до Тел Авив по нападите во Иран.
„Виз Ер“ исто така ги суспендираше сите летови до и од Израел, Дубаи, Абу Даби и Аман до 7 март, соопшти компанијата.
Во соопштението се вели дека авиокомпанијата внимателно ја следи ситуацијата и е во постојан контакт со локалните и меѓународните власти, агенциите за безбедност на воздушниот сообраќај, безбедносните власти и надлежните владини институции.
Додадено е дека оперативните одлуки ќе продолжат да се разгледуваат и дека распоредите на летовите би можеле да се прилагодуваат како што се развива ситуацијата.
Ер Арабија, исто така, ги откажа летовите до Иран, Ирак и други делови од регионот.
Шпанската авиокомпанија Иберија Експрес, исто така, го откажа летот до Тел Авив, кој беше закажан за денеска во 17 часот по локално време.
Ирак, Катар и Кувајт, како и Обединетите Арапски Емирати денеска го затворија својот воздушен простор.
Израелскиот министер за одбрана Израел Кац претходно денеска изјави дека Израел започнал превентивен напад врз Иран за да ги отстрани заканите за безбедноста на земјата и дека е прогласена вонредна состојба низ целата земја.
Извор потврди за Си-Ен-Ен дека израелскиот напад врз Иран утрово бил координиран со САД.
Американските претставници изјавија дека очекуваат нападот врз Иран да биде „далеку пообемен“ од американските напади минатиот јуни врз иранските нуклеарни постројки.
Американските напади врз Иран се извршуваат од воздух и од море, изјави американски претставник.
Свет
Операцијата во Иран наречена „Епски гнев“
Пентагон денеска објави дека американските напади врз Иран се нарекуваат операција „Епски гнев“.
Претходно денеска, американскиот претседател Доналд Трамп објави дека САД го напаѓаат Иран и ги наведе причините за таквата одлука.
Израел, исто така, објави дека го напаѓа Иран, а израелскиот министер за одбрана Израел Кац и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, исто така, ги наведоа причините за нивниот потег.
Регион
Спречен шверц на 350 килограми марихуана на албанско-грчката граница
На граничниот премин „Какавија” на албанско-грчката граница, кај Ѓирокастро, спречен е шверц на 350 килограми марихуана, која требала да заврши на грчкиот нарко пазар.
„Денеска околу 6:30 часот, при скенерска проверка на празно возило на излез од царинската испостава Какавија, забележана е двојна шасија, каде што била сместена сомнителна количина на наркотична супстанца „канабис сатива“, соопшти албанската полиција.
Се додава дека царинските службеници го пуштиле возилото на физички преглед, заедно со полициските сили, при што биле откриени 166 пакети од по 2,1 килограма марихуана или вкупно 350 килограми.
Ова е прв случај откриен годинава со толкава количина марихуана на овој премин во јужниот дел на Албанија.

