Топ
Во тепачка во автобус на ЈСП малолетник со остар предмет повредил друг малолетник за место за седење
Синоќа, во 19.33 часот, во СВР Скопје било пријавено дека полициски службеник задржал две лица, кои кај Стара Рампа, во автобус со бр. 51, го нарушиле јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу двајца малолетници, во која бил употребен остар предмет.
Имено, по вербална расправија за место за седење, малолетник од с. Моране извадил остар предмет да нападне малолетник од с. Студеничани, не успеал во намерата и повредил малолетен другар од с. Студеничани, а се повредил и самиот.
По преземените мерки и активности од страна на полициските службеници, обезбедени се сите учесници во настанот, двајцата малолетници со расеченици на рацете биле пренесени во ГОБ „Наум Охридски“, соопшти полицијата.
За случајот бил известен јавен обвинител и по документирање на случајот, против сторителите ќе биде поднесена соодветна пријава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сомнеж за труење со храна во основното училиште„Ѓорѓија Пулевски“во скопски Аеродром: затворена е кујната
Наредено е затворање на кујната, по добиено известување за сомнеж за труење со храна на 8 деца во основното училиште „Ѓорѓија Пулевски“ во скопската општина Аеродром, соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство.
Инспекциски служби на агенцијата во соработка со тимови од ЈЗУ Центар за јавно здравје Скопје, Државниот здравствен и санитарен инспекторат и Институтот за јавно здравје – Скопје, спровеле вонреден инспекциски надзор во кујната во училиштето.
„Земени се 4 контролни оброци од храната која на учениците им била послужена минатиот ден, мостри од храна – салата од краставица, супа, мусака со мелено месо и компири и бомбици кои ќе бидат лабораториски испитани. Исто така за лабораториско тестирање земени се и 5 бриса од работни површини и од опрема, како и испироци од раце од вработените лица во кујната.
Изречени се мерки за темелно чистење на кујната, дезинсекција, дезинфекција и дератизација, спроведување на вонредни здравствени прегледи на вработените лица во кујната“, се истакнува во информацијата од агенцијата..
Од кујната како што се појаснува не се носеле оброци за други училишни кујни, се до добивање на резултатите од лабораториските тестирања со кои ќе се потврди безбедноста.
Македонија
Орбан има предлог за изнаоѓање решение со Бугарија, му го кажал на Мицкоски
Следен чекор е Северна Македонија да се спогоди со Бугарија, изјави унгарскиот премиер Виктор Орбан при посетата во Охрид за време на заедничката прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски.
Како што рече, тој му го кажал предлогот на Мицкоски.
„Унгарија е подготвена да го искористи претседателството и да посредува по ова прашање. Дали страните ќе ја прифатат Унгарија како посредник е нивна работа. Сакаме да посредуваме да се најде решение што им одговара и на двете страни“, рече Орбан.
Прашан од новинарите за одвојувањето на Северна Македонија од Албанија на патот кон ЕУ, премиерот на Унгарија изјави дека е неразбирливо да се залажува една држава постојано со почеток на преговори, а да напредуваат сите други со кои заедно тргнала во процесот.
„Уште еднаш би сакал да нагласам дека националната гордост е најважна за една нација и ЕУ мора да ја има предвид националната гордост. Она што се случува тука е повредување на националната гордост на граѓаните на Севрена Македонија. Ако гледаме реално, оддамна требаше да сте членка. Наше мислење е дека треба да градиме пријателства, а не да има рани на душтата на една нација. Затоа, според мене, голема грешка е што сè уште не сте членка и што сега ве одвојуваат од една друга држава, која ја форсиараат забразно кон тоа“, рече Орбан.
Заклучи дека до крајот на годината Северна Македонија мора да почне преговори за членство во ЕУ.
Македонија
Oрбан: Историска грешка е што преговорите на Северна Македонија со ЕУ сè уште не се почнати
Унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој престојува во дводневна посета на земјата, оцени дека е историска грешка што Брисел сè уште не ги почнал преговорите со Северна Македонија, а тоа го направи со Албанија.
„Народите и државите од Западен Балкан заслужуваат многу повеќе од она што го добиваат од Брисел. Северна Македоија е кандидат за членство во ЕУ од 2005 заедно со Хрватска. Од тогаш Хрватите се веќе членки, а со Северна Македонија не се почнати ни преговорите. Тоа е историска грешка, која уште може да се удвои бидејќи државата ќе биде ставена зад Албанија за што не гледам никакви причини. Предизвик за Владата ќе биде да се бори со овој нечесен став“, рече Орбан на заедничката прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски.
Дополнително, унгарскиот премиер истакна оти позицијата на Унгарија е јасна, а тоа е дека се важни стабилноста на Западен Балкан и интеграциите, на кои предолго се чека. Орбан вели дека со зачленувањето се напредува, но ЕУ во меѓувреме ја загубила динамиката и мора да го обезбеди проширувањето.
„Украина и Молдавија добија забрзани постапки за членство. Мораме да внимаваме на политичкиот фактор, но и да ги почитуваме државите кои согодини работат на тоа, а сега се ставени во втор план, што не е чесно. Сметаме дека е многу важно да се одржи на дневен ред членството на Западен Балкан во ЕУ. Подготвени сме за меѓувладини конференции“, рече Орбан.
Се осврна и на пријателството помеѓу двете држави коментирајќи дека ова е негова 18-та средба со премиерот Мицкоски, кој доаѓа од братска партија, но двајцата не ги мешаат партиските и државните работи. Рече и дека сега се прославува 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете држави.
„И двата народа имаат долги историски традиции, цело време е карактеристична борбата за зачувување на националниот интерес и слободата. Важно е да ги зачуваме идеалите и националнната гордост, што е најважно за една нација“, рече Орбан.
Унгарскиот премиер потсети на помошта што ни ја испрати летово Унгарија во борбата со пожарите, но и се заблагодари за помошта на Македонија од 2015 година во однос на миграциската криза, кога Унгарија, според зборовите на Орбан, станала свесна за клучното значење што го има Северна Македонија за безбедноста на унгарската држава.
Премиерот Христијан Мицкоски ја оцени посетата на Орбан како доказ за одличните пријателски односи и соработката, кои се продлабочуваат со секој изминат ден.
„Унгарија секогаш нè поддржувала и во напорите за нашата европска интеграција. Пријателството продолжува да се зацврстува. Унгарија беше еден од нашите први партнери што ги препозна нашите стремежи за независност и суверенитет. Со години политичките и економските врски се продлабочуваат, а средбите го потврдуваат нашето сојузништво“, рече Мицкоски.
Двајцата разговарале за регионалната стабилност и економскиот просперитет, конкретни проекти за бизниси. Дискутирале за стретешки проекти, како север-југ, транспортниот коридор, кој го поврзува Балканот со Унгарија, а кој е огромно значење за енергетската сигурност на целиот регион.
Мицкоски му се заблагодари на Орбан за поддршката и пријателството оценувајќи дека посетата ќе придонесе за уште посилно партнерство и можности за соработка во интерес на граѓаните.