Свет
Северна Кореја лансираше балистичка ракета-Итен состанок на воениот врв на Јужна Кореја
Северна Кореја истрела балистичка ракета во правец на морето во близина на нејзиниот источен брег, во пресрет на планираните воени вежби на јужнокорејските и американските сили, како и посетата на регионот на американскиот потпретседател Камала Харис.
Јужнокорејската војска соопшти дека станува збор за проектил со краток дострел, истрелан од областа Таехон во провинцијата Северен Пјонгјанг, а проектилот прелетал околу 600 километри на височина од 60 километри, пренесува Ројтерс.
„Севернокорејското лансирање на балистичка ракета е сериозна провокација, која ги загрозува мирот и безбедноста на Корејскиот полуостров и меѓународната заедница“, соопштија од Генералштабот на армијата на Јужна Кореја.
По последното лансирање, врховниот командант на армијата на Јужна Кореја, Ким Сеунг-кјум и командантот на американските сили во Кореја, Пол Ла Камерадис, ја разгледаа моменталната ситуација и ја потврдија својата подготвеност да одговорат на каква било закана или провокација од Северна Кореја.
Советот за национална безбедност на Јужна Кореја одржа итен состанок за да разговара за одговорот на лансирањето и го осуди чинот како кршење на резолуциите на Советот за безбедност на ОН и неоправдана провокација.
Се огласи и јапонскиот министер за одбрана Јасуказу Хамада, кој изјави дека според јапонските проценки, ракетата достигнала височина од 50 километри и дека паднала надвор од ексклузивната економска зона на Јапонија, па нема извештаи за проблеми со воздушниот и бродскиот сообраќај.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Макрон: Царинските закани се неприфатливи, Европа ќе одговори обединето
Францускиот претседател Емануел Макрон реагираше на царинските закани на Доналд Трамп, порачувајќи дека тие се неприфатливи. Макрон нагласи дека европските лидери ќе одговорат „обединето и координирано“ доколку тие се потврдат, објави тој на социјалните мрежи.
„Франција е посветена на суверенитетот и независноста на нациите, во Европа, како и на други места. Тоа ги води нашите избори. Тоа ја поддржува нашата приврзаност кон Обединетите нации и кон нивната Повелба“, наведе Макрон. Тој додаде дека „врз таа основа ја поддржуваме и ќе продолжиме да ја поддржуваме Украина“.
Во истиот контекст го спомена и учеството во вежба на Гренланд. „Исто така, врз таа основа одлучивме да се приклучиме на вежбата што Данска одлучи да ја спроведе на Гренланд. Стоиме зад таа одлука. Особено затоа што се однесува на безбедноста на Арктикот и на границите на нашата Европа“, напиша тој.
Макрон порача дека европските лидери нема да бидат под влијание на заплашување или закани.
„Царинските закани се неприфатливи и немаат место во овој контекст“, додаде тој.
„Ќе знаеме како да го одбраниме европскиот суверенитет. Во тој дух ќе разговарам со нашите европски партнери.“
Свет
Данскиот министер: Изненадени сме од најавата на Трамп за царини
Данскиот министер за надворешни работи, Ларс Леке Расмусен, ја нарече изненадување најавата на Доналд Трамп за воведување царини и нагласи дека Данска е во тесна комуникација со Европската унија по ова прашање.
„Најавата на претседателот доаѓа како изненадување“, наведе Расмусен во писмена изјава. Тој во средата се сретнал со американскиот државен секретар, со кого, меѓу другото, разговарале и за несогласувањата меѓу Данска и САД во врска со Гренланд.
Трамп како оправдување за заканата со царини ја наведе испратената воена помош на неколку европски земји на Гренланд. Меѓутоа, Расмусен го отфрли тоа објаснување.
„Целта на зголеменото воено присуство на Гренланд, на кое се повикува претседателот, е токму зголемување на безбедноста на Арктикот. Во постојан контакт сме со Европската комисија и со нашите други партнери по тоа прашање“, се наведува во изјавата на данскиот министер.
Свет
Зеленски: Русија подготвува удари врз нашите нуклеарни постројки
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Русија се подготвува за понатамошни напади врз украинската енергетика и инфраструктура, вклучително и објекти што ги опслужуваат нуклеарните електроцентрали, пренесе „Би-Би-Си“.
„Извештај од началникот на Главната разузнавачка управа Олег Ивашченко. Пред сè, во врска со конкретните задачи за руската армија. Не сме регистрирале подготвеност од страна на агресорот да почитува какви било договори или да ја прекине војната. Но, има доволно информации за подготовка на понатамошни руски удари врз нашиот енергетски сектор и инфраструктура, вклучително и објекти и мрежи што ги опслужуваат нашите нуклеарни електроцентрали“, изјави украинскиот претседател по средбата со началникот на Главната разузнавачка управа Олег Ивашченко.
„Украина е исклучително конструктивна во дипломатијата, додека Русија е фокусирана единствено на напади и вознемирување на луѓето. Нашите партнери треба да ги извлечат соодветните заклучоци од тоа“, додаде Володимир Зеленски.

