Македонија
Рашковски купил систем за биометриска идентификација иако бил предупреден дека истиот е забранет за користење, вели сведок
Ексгенералниот секретар Драги Рашковски купил систем за биометриска идентификација, за да евидентира работно време на Генералниот секретаријат (пр. со отпечаток од прст), иако имал укажување дека според Законот за заштита на личните податоци обработката на биометриски податоци се дозволува само во исклучителни ситуации. Ова го посведочи ексдиректорот на Дирекцијата за заштита на дирекцијата за заштита на лични податоци, Горан Трајковски. Уште кога Рашковски го набавувал софтверот добил известување во кое било посочено да внимава на овој закон. Евидентирање на работно време на вработени со биометрија има само во одредени случаи.
„Согласно со Законот за заштита на личните податоци во тој период, домашната практика, сите искуства од меѓународно ниво, општ став е дека за биометријата постојат најригорозни ограничувања и се дозволува во исклучителни ситуации, за одредени патогени од јавното здравје и други дејности каде што може да дојде до масовно загрозување на јавното здравје. Во такви случаи може да се даде одобрение за употреба на биометрија“, додаде ексдиректорот Трајковски.
Прашан од обвинителката Ивана Трајкова дали Рашковски смеел да евидентира време со биометриски податок, Трајковски рече: „Во ниту еден субјект кој е работодавец не може со биометрија да се врши евиденција на работно време. Ниту во Генералниот секретаријат, ниту во Македонија, ниту каде било во светот“.
Тој додаде дека известување било испратено уште во моментот кога се набавувал системот.
„Во редовните активности на Дирекцијата со цел превентивно дејствување во делот на заштита на личните податоци, службите редовно ги следат сите јавни огласи и во сите каде што има акцент на лични податоци, во рамки на своите надлежности, Агенцијата дава известување во кое навестува дека органот треба да води сметка на одредбите од Законот за заштита на лични податоци, со цел, ако дојде до реализација на јавната набавка, да не дојде во колизија со Законот за заштита на личните податоци“, додаде Трајковски.
Рашковски, пак, му замери на Трајковски. Кажа дека тој не е експерт за да зборува за заштита на лични податоци. Тој пред судот предочил лично мислење, смета обвинетиот.
„Не сте експерт за заштита на личните податоци, судот треба да бара експертско мислење“, кажа Рашковски.
Потоа цитираше членови од закони за да го убеди Трајковски дека греши. Посочуваше дека законите дозволуваат обработка на лични податоци.
„Не би го коментирал Законот од 2020, не сум бил во областа на заштитата на лични податоци во тој период, ниту тогаш сум бил на функција, тоа не е периодот за кој сум повикан“, кажа Трајковски.
Рашковски го обвини Трајковски дека лаже кога вели дека во светот не се евидентира работно време со биометриски податоци.
„Лага е, ќе кажам дека лажете. Лажете дека никаде во свет биометриски податоци не се обработуваат поради евидентирање на работно време“, кажа Рашковски и праша дали останува на истиот став.
Трајковски одговори: „На сите меѓународни настани на тема биометрија потенцирано е во кои случаи се прават исклучоци. Доколку станува збор за лабораторија со вируси – да. Доколку некој работи во администрација – сигурно не му се обработуваат биометриски податоци“.
Рашковски реагираше дека ниту Обвинителството не знае дали системот ќе се користи за евидентирање на работно време.
„Со давањето лични ставови судењето ќе стане дебатна емисија, од која не смеат да произлезат судски одлуки. Ова е направено за да излегуваат наслови во портали. Како процес, никаде не е наведено за што ќе се користи овој систем, а сега гледаме претумбување, гледаме дека е систем кој ќе се користи за работно време, а Русковска зборуваше за систем за издавање лични карти, пасоши… Обвинителството не е запознаено за што ќе се користи. Прашањето дали може да се користи за работно време е непоткрепено“, кажа Рашковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба Мицкоски-Зеленски: Само праведен мир носи стабилност
Премиерот Христијан Мицкоски во Минхен оствари средба со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, со кого, како што објави, разговарале за актуелните безбедносни предизвици во Европа, за потребата од единство и солидарност, но пред сè, за праведен мир.

– Веруваме дека мирот мора да биде изграден врз правда, почитување на достоинството на народите. Само таков мир носи стабилност и сигурна иднина за Европа, напиша Мицкоски во објава на Фејсбук.

Мицкоски и Зеленски разговарале и за продлабочување на соработката, економска размена и поддршка во процесите за напредок на државите.

– Напредокот е можен кога има визија, храброст и јасна определба. Македонија ќе продолжи да биде глас на разумот, партнер на стабилноста и поддржувач на праведниот мир, порачува Мицкоски.

На вториот ден од 62-та Минхенска безбедносна конференција Мицкоски оствари средби со Ричард Гренел, специјален пратеник на претседателот на САД Доналд Трамп за специјални мисии, со холандскиот премиер Дик Схоф, со Џаред Коен, претседател за глобални прашања и ко-раководител на Глобалниот институт Голдман Сакс и со Тед Дојч од Американско-еврејскиот комитет.
Македонија
Пациенти со хемофилија со месеци без „фактор 8“, се бара одговор од МЗ
Од Левица велат дека пациентите со хемофилија повеќе од шест месеци се без неопходниот лек „фактор 8“ поради нераспишан тендер, што, според нив, ги доведува во сериозна здравствена состојба.
Пратеничката Јована Мојсоска преку социјалните мрежи се обрати до министерот за здравство Азир Алиу и директорот на Институтот за трансфузиона медицина Амир Елези, потсетувајќи дека на седница за пратенички прашања било најавено дека лекот ќе биде обезбеден.
Според неа, пациентите со хемофилија живеат во тешки услови додека го чекаат лекот, а добила и повик од лице кое подолг период е врзано за кревет поради недостиг од терапија.
Мојсоска прашува кој ќе сноси одговорност доколку настанат сериозни последици по здравјето на пациентите поради пролонгирањето на постапката.
Македонија
Трипуновски: Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци
Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци што егзистираат од земјоделство. Вака одговори денеска министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, на новинарско прашање, по закројувањето винова лоза во Кавадарци, во чест на празникот Свети Трифун, што се смета за заштитник на лозарите и винарите.

На новинарско прашање околу реакцијата дека годинава субвенции ќе добиваат лозари со над пет декари лозје, министерот одговори дека нема кратење на субвенции.
– Имаме сериозна и навремена поддршка и реформи во земјоделскиот сектор, што ќе значат сериозно зголемување на продукцијата. Она што е новина можеби во програмата за 2026 година, е, јасната распределба. Приоритет ќе добијат вистинските земјоделци, што егзистираат од тоа. Во изминатите години се воочени таканаречени ловци на субвенции, кои не обработуваат земјоделски површини, а сакаат да бидат корисници на субвенции. Ова сметам дека не е ниту фер кон вистинските земјоделци, ниту пак е законски. Затоа оваа година најавуваме дека ќе имаме сериозна контрола на терен, за парите да завршат кај вистинските лозари, земјоделци, што се многу важни за економијата и руралната средина, појасни министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Во новата програма се предвидувало, минималната површина да биде 0.5 хектари, за да се биде корисник на земјоделски субвенции. Трипуновски подвлече дека земјоделството е еден од приоритетите.
Запрашан кога ќе бидат одблокирани средствата од ИПАРД програмата, тој рече дека платежната агенција со новиот менаџерски тим, работела на отстранување на сите забелешки што биле нотирани и оти се очекува многу бргу агенцијата да почне нормално да функционира. Агенцијата, посочува тој, и сега работи нормално, со тековните плаќања во делот на субвенции и во врска со ИПАРД апликации.
На новинарско прашање, тој информираше дека за оваа година, веднаш по носењето на програмата, традиционално пред овој празник, вчера биле исплатени субвенциите кон лозарите. На над 12 500 лозари, исплатени биле речиси осум милиони евра. На почеток на наредна недела, најавува исплата на субвенците и за овоштарите.
Трипуновски уверува дека навремено се исплаќаат и ќе се исплаќаат сите субвенции.
Министерот рече дека на денешниот празник ја негуваме традицијата и културата во делот на една од нашите најдобри и најголеми земјоделски култури, лозаропроизводството. Им оддаваме почит на нашите лозари кои произведуваат квалитетно грозје, а нашите винарски визби прават квалитетно вино, коешто е наш амбасадор.
– Како Влада и Министерство остануваме посветени да ја поддржуваме оваа гранка и да ја развиваме оваа битна земјоделска култура, истакна министерот за земјоделство.
Во најголемиот лозаровинарски регион во државата, посака здравје и бериќет, а трудот на земјоделците да биде вреднуван.

