Економија
Андонов: Ако не се постигне договор со „Адора“ за топланите, решението ќе се бара во Законот за управување со кризите
Доколку не се постигне договор со „Адора“ за топланите, решението ќе се бара во Законот за управување со кризите, при што Владата има право да ги стави на располагање сите ресурси на државата, и на јавните претпријатија и на приватните компании, за обезбедување на јавната услуга, изјави денеска советникот за енергетика, Виктор Андонов.
Прашан до каде се преговорите со „Адора“ за топланите „Исток“ и „Запад“, Андонов рече дека Владата нема да потпадне под притисоци или уцени за некои да ја искористат ситуацијата во која се наоѓаме додавајќи дека за да се случи продажба, треба некаква процедура, која не може да се направи во рок од неколку дена.
Тој истакна дека и досега електраните функционираа на закуп, така што интенцијата на Владата е тоа да се заврши до крајот на грејната сезона – ЕСМ да го добие закупот од „Адора“ за електраните како што било досега.
На новинарското прашање дали граѓаните може да очекуваат дека со почетокот на грејната сезона ќе имаат парно, Андонов изрази увереност дека на граѓаните ќе им биде испорачана топлинска енергија навреме и дека со оглед на тоа што БЕГ ги врати назад трите лиценци, до крајот на оваа недела ќе се презентира решението за неговиот наследник.
На медиумскиот интерес за договорите со соседна Република Србија за набавка на дополнителни количества гас, тој оцени дека до крајот на грејната сезона топланите ќе потрошат околу 230 милиони нормални кубни метри природен гас и дека можниот договор со нашиот северен сосед е со цел да се обезбеди поповолна цена на енергенти за индустријата, како и поповолни цени на топлинската енергија за граѓаните.
Соработникот за енергетика истакна дека во ваква глобална енергетска криза сите држави преку своите буџети прават напори да дадат целосна поддршка и на граѓаните и на индустријата и дека тоа го прават и преку обезбедување пониски цени на енергентите.
Тој информира дека доколку се финализира договорот со купениот гас од соседна Република Србија, ќе се произведува електрична енергија, од која дел потоа ќе се продава назад во Србија. Тој изрази оптимизам дека овој можен договор ќе профункционира и ќе се обезбеди потребно количество енергенти, а доколку не се обезбеди потребното количество гас, електраните имаат резервна опција да работат и на мазут.
На новинарското прашање како ќе им се помогне на најголемите потрошувачи на електрична енергија, кои се на отворен пазар, Андонов истакна дека решенијата беа презентирани на состанокот на министерот за економија со Стопанската комора за обезбедување прифатлива цена на електричната енергија и истакна дека граѓаните нема да останат без електрична енергија и ќе бидат заштитени заедно со малите потрошувачи. Како што посочи, предвидени се и дополнителни мерки за граѓаните и ранливите категории.
За најавите за почнување со работа на електрана што ќе произведува електрична енергија од мазут, Андонов информира дека сите овие заложби се прават со цел да бидеме што помалку зависни од надвор и да обезбедиме сопствени извори на енергија. Тој истакна дека ЕСМ е задолжено да ги направи сите анализи во овој правец и да презентира до Владата кои се опциите за почнување со работа на ваква електрана.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Биткоинот силно паѓа
Биткоинот денес падна на најниско ниво за повеќе од шест месеци, бидејќи инвеститорите ја намалуваат изложеноста на ризични средства поради неизвесноста околу следниот потег на Федералните резерви на САД. Водечката криптовалута во светот падна на 86.325,81 долари, што е најниската вредност од 21 април. Цената подоцна се стабилизираше на околу 86.690 долари.
XRP падна за 2,3%, додека етерот изгуби повеќе од 3% од својата вредност и се тргува далеку под нивото од 3.000 долари.
Во исто време, главните индекси на Волстрит забележаа падови, откако почетниот ентузијазам предизвикан од импресивните резултати на технолошкиот гигант Nvidia брзо исчезна.
Веројатноста дека биткоинот ќе ја заврши годината под 90.000 долари се зголеми на 50%, според податоците од платформата за опции Derive.xyz, бидејќи трговците сè повеќе се заштитуваат од понатамошни падови, објавува „Ројтерс“.
Биткоинот е во опаѓачка траекторија од почетокот на октомври, кога достигна рекордно високо ниво од 126.223,18 долари. Изгуби повеќе од 7% од својата вредност од почетокот на годината и е на пат да го забележи својот прв годишен пад од 2022 година.
Една од главните причини за падот на биткоинот е попретпазливиот став на неколку претставници на Федералните резерви на САД, кои предупредуваат на сè уште превисока инфлација во САД и советуваат воздржаност во понатамошните намалувања на каматните стапки. Ова ги намали пазарните очекувања и изврши притисок врз биткоинот и другите ризични средства како што се акциите.
Економија
Бислимоски – Сјаојен: Енергетската транзиција е приоритет број еден
Над 55 % од расположливите енергетски капацитети во државава се од обновливи извори и определбата на земјава е јасна дека енергетската транзиција е приоритет број еден – е пораката што претседателот Марко Бислимоски и членовите на РКЕ ја истакнаа на средбата со амбасадорката на Народна Република Кина, Џианг Сјаојен.
Соговорниците ги споделија искуствата во секторот, истакнувајќи дека полето на соработка може да се прошири, ако се земе во предвид дека материјали со кинеско производство се повеќе се употребуваат при реализација на значаен дел на инвестициите во енергетиката.
„Инвеститорите се добредојдени во земјава, но соработката мора да биде базирана на законските прописи кои се синхронизирани со европските правила што подразбираат јавни и транспарентни тендерски постапки “ посочи Бислимоски.
На средбата се разговараше и за тоа како новите технологии – паметните мрежи, батериите за складирање на електрична енергија, можат да придонесат за побрза енергетска транзиција
Економија
Минималните семејни трошоци во ноември 65.173 денари, со изнајмен стан надминуваат 80 илјади
Минималните месечни трошоци што едно четиричлено семејство ги има во ноември достигнуваат 65.173 денари, додека доколку семејството живее во изнајмен стан од 60 квадратни метри, вкупните потребни средства се искачуваат на 80.548 денари.
За храна и пијалоци се издвојуваат 23.534 денари, додека 6.130 денари се потребни за режиски трошоци, соопшти Сојузот на синдикатите, кој ја изработува синдикалната минимална кошница.
Во однос на минатиот месец, кога за покривање на основните трошоци биле потребни 65.544 денари, сега е забележано намалување од 371 денар.

