Македонија
Андоновска до Арсовска: Честито коалиција со ДУИ, но чесно ќе беше ова да го направевте пред изборите
Советничката од ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје, Марија Андоновска на денешната седница на Град Скопје потенцираше дека од градоначалничката Данела Арсовска не добиле ниту еден одговор на поставените советнички прашања.
„ За жал, не добивме ниту еден одговор на поставените советнички прашања, тие советнички прашање не ги прашуваме за нас лично, тие советнички прашање ги поставуваме за оние кај што чукавме по врати, сега тие доаѓаат прашуваат и ние мора да им одговориме. Што да им одговорам, дека сте имале попаметна работа, сте менувале во канцеларијата на генералниот секретар ролетни, тоа да им го кажам па не сте имале време да одговорите, тие работи ви се поважни, камери сте ределе, врати сте ставале нови, ама не сте имале да одговорите. Ве молам претседателе да ги добиеме одговорите на нашите советнички прашања бидејќи ние сме должни да им одговориме на граѓаните“, рече Андоновска.
Таа во текот на своето обраќање ја честиташе новата коалиција помеѓу градоначалничката Арсовска и ДУИ и воедно укажа дека ако ова се случило пред изборите граѓаните немало да ѝ ја дадат поддршката на Арсовска. Андовска исто така побара од Арсовска ако тоа е исправно да си даде оставка и да излезе на избори со овие коалициски партнери.
„Воедно сакам да ја честитам еве вака јавно новата коалиција помеѓу градоначалничката и ДУИ, сигурна сум дека ако ова се случеше пред изборите, граѓаните немаше да дадат поддршка. Ако вие сметате дека ова е исправно, повелете тука дајте си оставка и излезете на избори со овие коалициони партнери“, кажа советничката.
Андоновска потсети дека ВМРО-ДПМНЕ ја поддржи програмата „За модерно Скопје“, но на денешната седница има 16 точки, а нема ниту една точка од таа програма на дневниот ред.
„Ние ја поддржавме програмата ‘За модерно Скопје’, денеска на оваа седница со 16 точки нема ниту една точка од таа програма за која што ја поддржаа и граѓаните и ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, за жал, додаде Андоновска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поради јазични бариери одложено продолжението на конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство, кажа Филков
Поради технички причини денешната конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство беше одложена за следната недела. Министерот за правда Игор Филков изјави дека членовите на работната група не се впуштиле во материјална расправа затоа што прво треба да се утврди дневниот ред.
,,Иако денес требаше да биде одржана првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборно законодавство на која требаше да се избере претседател, како и да се донесе предлог-деловник за утврдување на методологијата и динамиката на работење, сепак тоа не се случи поради одредени јазични бариери. Од дел од присутните претставници на политичките партии беше побарано материјалите да бидат преведени за полесно да можат да се разберат’’, рече Филков.
Филков се надева дека следната недела членовите ќе се усогласат за термин , ќе се избере претседател на работната група и ќе се отпочне со работа каде што сите ќе имаат можност да ги дадат своите предлози и сугестии за реформите во изборното законодавство.
Македонија
Сиљановска-Давкова-Грлиќ Радман: потврдена подготвеноста на Хрватска да придонесе кон забрзување на македонскиот евроинтеграциски процес
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Гордан Грлиќ Радман, министер за надворешни и европски работи на Република Хрватска, кој престојува во официјална посета на земјава.
Обајцата го потврдија цврстото македонско-хрватско пријателство коешто двете земји го негуваат повеќе од 3 децении, втемелено на взаемна почит и разбирање и реализирано низ политички дијалог и конструктивна соработка.
Претседателката искажа искрена благодарност за хрватското отворено и континуирано разбирање и поддршка на македонската интеграција, како и на принципиелниот став на Хрватска дека проширувањето на Унијата со Западен Балкан треба да се темели на реални заслуги, без билатерализација и вето.
Министерот Радман ја потврди подготвеноста на неговата држава да придонесе кон забрзување на македонскиот евроинтеграциски процес во рамките на Копенхашките критериуми, потенцирајќи дека македонската држава доби статус на кандидат за членство во ЕУ во март 2005 година, односно неколку месеци пред Хрватска.
Соговорниците очекуваат дека партнерството дополнително ќе се зајакне со Договорот за стратешка соработка со Владата на Република Хрватска, како и со претстојната официјална посета на Претседателката Сиљановска-Давкова на пријателска Хрватска, кон крајот на март.
Македонија
Уапсен тетовец: осомничен за лажни дојави за поставени бомби во образовни институции
Утрово во 09:10 часот во с.Палатица, тетовско, полициски службеници од одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при Министерството за внатрешни работи во координација со полициски службеници од СВР Тетово го лишиле од слобода М.Р.(18) од село Палатица.
Тој се сомничи дека во повеќе наврати испраќал електронски пораки на повеќе образовни институции во Тетово дека во институциите има поставено експлозивни направи.
Полицијата соопшти дека по преземени мерки и извршени проверки е констатирано дека сите дојави за поставени бомби биле лажни.
Денеска, со сдуска наредба, бил извршен и претрес во неговиот дом во селото, при што биле одземени повеќе електронски уреди.
Лицето било приведено во полициска станица и по целосно расчистување и документирање на случаите, во координација со јавен обвинител против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

