Европа
Сараево: Милановиќ не е добредојден во БиХ

Градот Сараево објави декларација во која ги осудува изјавите на хрватскиот претседател Зоран Милановиќ. Во него пишува дека тој не треба да доаѓа во Сараево додека не го промени однесувањето кон Босна и Херцеговина.
Градот Сараево ги осуди изјавите на хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, кои се однесуваат на Босна и Херцеговина. Тие го објавија целиот документ во кој наведуваат дека изјавите на Милановиќ се неразумни и штетни за односите на две пријателски земји.
„Однесувањето на господинот Милановиќ не е ниту државнички ниту му прилега на претседател на европска земја. Ние ја изразуваме нашата почит кон чесната и одговорна функција на претседателот на Република Хрватска, но не можеме да ја изразиме таа почит кон Милановиќ поради неговите навредливи и недипломатски изјави кон Босна и Херцеговина“, се вели во дел од документот, а пренесува „Кликс“.
Дополнително, наведуваат дека изјавите на Милановиќ нема да донесат ништо добро ниту за Хрватска, ниту за БиХ ниту на кој било начин ќе придонесат за регионалната стабилност и соработка.
„Сараево, главниот град на Босна и Херцеговина, е отворен за сите луѓе со добра волја, но не и за оние што навредуваат и прават штета. Затоа го повикуваме Милановиќ да го промени навредливото однесување кон Босна и Херцеговина. Дотогаш нека не доаѓа во Сараево, главниот град на БиХ, бидејќи нема да биде добредојден. Се надеваме дека Милановиќ ќе се вразуми и ќе го промени своето однесување“, се вели во декларацијата, која Градскиот совет допрва треба да ја усвои.
На крајот, беше констатирано дека сите ќе бидат информирани за ставот на Град Сараево.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Зеленски пристигнува на погребот на папата

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе присуствува на погребот на папата Франциско, пренесе АФП, повикувајќи се на извор од украинскиот претседателски кабинет.
Според истиот извор, канцеларијата на Зеленски ја подготвува неговата посета на Рим за Зеленски лично да се прости од поглаварот на Католичката црква.
Како што претходно беше најавено, погребот на папата Франциско ќе се изврши во сабота, на 26 април, во 10 часот по локално време. Досега Трамп и Макрон потврдија дека ќе бидат на погребот, но се очекува на погребот да присуствуваат бројни светски лидери и стотици илјади верници.
Европа
Украина: Русите го зголемуваат военото присуство во Мариупол

Руските сили продолжуваат да го зголемуваат своето воено присуство во привремено окупираниот град Мариупол. Како што соопшти денеска на Телеграм градскиот совет на Мариупол, во градот веќе се формирани две воени бази.
„Руските окупатори го прошируваат своето воено присуство во Мариупол“, се вели во соопштението.
Според Центарот за проучување на окупацијата, во текот на март и април 2025 година се појавиле две нови воени бази: една во областа Калмиус на северозапад од градот и логистичка база во областа Ливобережњи, во станбената зона „Шхидни“. Втората база, како што се наведува, главно се користи за сместување на персонал и воена опрема.
„На овој начин руските окупатори постепено го зголемуваат своето присуство во Мариупол. Центарот за проучување на окупацијата нагласува дека ова е план за трансформирање на градот во главна и полноправна логистичка и воена база, не само за стоки, туку и за опрема и персонал. Со широка мрежа на паркинзи, бази за поправка и точки на трајно и привремено распоредување на персонал. Ова е олеснето и со развојот на железничките и пристанишните врски што ги спроведуваат окупаторските власти“, се вели во соопштението на градскиот совет на Мариупол.
Европа
Знамиња со кукасти крстови се појавија во Стокхолм на роденденот на Хитлер, полицијата започна истрага

Три нацистички знамиња со кукасти крстови беа поставени на влезот на автопат во областа Есингеледен во Стокхолм, главниот град на Шведска, на 20 април, на роденденот на Адолф Хитлер.
Портпаролот на полицијата во Стокхолм, Матс Ериксон, изјави дека започнале истрага за злосторство од омраза.
Ериксон нагласи дека не е соодветно да се случуваат такви работи во Шведска. Тој посочи дека на влезовите на автопатите често се појавуваат транспаренти со политички пораки.
„Конкретно активистите споделуваат политички пораки бидејќи тука има густ сообраќај. Не е убаво да се споделуваат такви пораки“, рече Ериксон.
Тој додаде дека нацистичкото знаме најверојатно било поставено за да го одбележи роденденот на нацистичкиот диктатор Адолф Хитлер, кој е роден на 20 април.