Македонија
Министерството за одбрана за Ковачки: Кривична одговорност ќе има и за сторителите, но и за организаторот и поттикнувачот на овој криминал
Министерството за одбрана како и досега професионално и одговорно ги извршува своите задачи и транспарентно известува за сите случувања, посочуваат од ова Министерство по напишаното од страна на Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ кој информира дека од Министерството за одбрана биле украдени документи со назнака „строго доверливо“, и побара одговорност од Славјанка Петровска.
„За случајот со кражбата во одделението за одбрана, кое привремено е сместено во просториите на јавно претпријатие, отворена е истрага од релевантните надлежни организациски единици во Министерството за одбрана, кои во соработка со МВР треба да ја завршат оваа постапка. Во однос на обвинувањата на политичката партија претставена од поранешниот припадник на Армијата, а сега пратеник Ковачки, информираме дека кривична одговорност ќе има и за сторителите, но и за организаторот и поттикнувачот на овој криминал. Во однос на тоа со каков степен на класификација се документите никој не може да зборува пред да се заврши истрагата“, велат од Министерството за одбрана.
„Го повикуваме пратеникот Ковачки да се воздржи од ширење дезинформации и да ги прочита законските прописи, кои изминатиот период покажа дека не му се јака страна. Ја известуваме јавноста дека не станува збор за документи што може да им наштетат на виталните интереси на државата бидејќи такви документи нема во компјутерите на подрачните одделенија за одбрана“, се додава во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Ако лажат британските медиуми и „нема легални и нелегални мигранти“ – Мицкоски нека ја потпише Резолуцијата!“, бара СДСМ
„Христијан Мицкоски тврди дека британските медиуми, кои објавија дека се договара прифаќање мигранти во Македонија за пари, лажат. Исто така, тврди дека „нема легални и нелегални мигранти“. Значи, според Мицкоски, сите лажат“, велат од СДСМ.
„Ако е навистина така, тогаш зошто Мицкоски не ја потпишува Резолуцијата? Што чека? Зошто одолговлекува и бега?
Еве, нека ја потпише Резолуцијата на СДСМ. Со само еден потпис ќе ги расчисти сите сомнежи и дилеми.
Ние сме конструктивни и транспарентни од првиот ден. Резолуцијата е јавно објавена и сите ја видоа.
Граѓаните бараат дела – конкретен чекор од Мицкоски, а не празни зборови.
Затоа што за граѓаните неговите зборови одамна не важат, поради сите ветувања што не ги исполни. Како и ветувањето дека ќе се повлече од политиката ако се докаже поврзаност со Агенцијата за обезбедување во Кочани. А има и многу други неисполнети ветувања. Списокот е долг.
Мицкоски веднаш нека ја потпише Резолуцијата, а не да ја руши со контра Резолуции. Потпиши и нема мигранти. Толку е едноставно.
Ако одбива да потпише – тогаш сè е јасно: Мицкоски не ја зборува вистината, а договор за мигранти сепак има“, соопшти СДСМ.
Македонија
Делови од Илинден, Карпош, Кисела Вода и Гази Баба денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:20 – 14:20 часот, корисниците од дел од с. Марино, општина Илинден;
· од 09:00 – 15:00 часот, корисниците на ул. Козле, крак 2, општина Карпош;
· од 10:00 – 13:00 часот, корисниците од улиците: 1511 и 1512, (позади Автосервисот – Мечкаров), општина Кисела Вода;
· од 11:00 – 14:00 часот, корисниците од дел од ул. Коце Металец, општина Гази Баба.
Македонија
Претпладне магла, во текот на денот сончево со мала облачност
Сончево со мала до умерена локална облачност. Во утринските и претпладневните часови по одделни котлини и речни долини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до -2, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево со мала облачност и претежно тивко. Минималната температура ќе се спушти до -5, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на седмицата времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и претежно тивко. Во утринските и ноќните часови по одделни котлини и речни долини ќе има појава на магла.

