Македонија
(Видео) Мицкоски: Пред состанокот бев загрижен, истата загриженост ја споделувам и сега
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски по средбата со премиерот Димитар Ковачевски изјави дека ја има истата загриженост како и пред состанокот.
„ После речиси два часа состанок можам да кажам дека како што бев загрижен пред состанокот истата загриженост ја споделувам и сега веднаш после состанокот. Мислам дека во периодот кој што следи е потребно силно да работиме, да ги надминеме сите проблеми кои очигледно ќе ни се случуваат. Ние сме подготвени да ги ставиме на располагање сите позиции со кои што располагаме, од страна на Димитар Ковачевски лице за контакт беше одреден министерот за економија, Крешник Бектеши.
Веднаш после оваа средба ќе ги контактираме нашите позиции, ќе ги пренесеме контактите до министерот Крешник Бектеши и од тој момент понатаму очекуваме оваа неизвесност во која што во моментов се наоѓа Македонија, граѓаните и стопанството да се ублажи. Односно да обезбедиме евтин ресурс со кој што ќе можеме да обезбедиме евтина струја односно поевтина од таа што е на берзите, а со што ќе им помогнеме на граѓаните, на стопанството и на државата.
Ќе почнам од почеток со предлогот кој што го дадов, ако ја имаме оваа претпоставка за која што сега зборував оперативна, предлагаме позиција која што ќе обезбеди значително поевтин ресурс за ТЕЦ Неготино. Цената по која што тој ресурс ќе биде донесен до ТЕЦ Неготино нормално и комерцијалните услови ќе си испреговара и Владата, зголемена за трошоците на производство на тој ресурс ќе даде цена на електрична енергија која што ќе биде најмалку два пати помала од таа која што во вој момент е на берзите. Таа количина на електричната енергија нашиот предлог е да ја отстапиме на стопанството. Зошто на стопанството? За да спасиме илјадници работни места на нашите сограѓани. Затоа што компаниите не можат да плаќаат цена на електричната енергија која што е на берзите односно берзанската. Не се во кондиција, не се во ликвидносна состојба, не се во финансиска кондиција, а еднашка ако тие затворат, тоа значи дека многу тешко потоа ќе ги отворат своите бизниси. Затоа велиме тие количини кои ќе бидат по отприлика овие цени, обезбедени од ресурс, од позициите кои што ги ставаме на располагање да бидат дадени на стопанството.
Бидејќи во системот ќе недостасуваат тие количини во она првично сценарио да работат двете турбини во ТЕЦ Неготино, ќе недостасуваат. Подготвени сме да ставиме друга позиција која што ќе обезбеди ресурс за производство на електрична енергија и топлина од ТЕ-ТО Скопје, електрична енергија која ќе ја користат граѓаните и индустријата на регулираниот пазар, а топлината која ќе ја користат сите оние корисници на топлина кои ги плаќаат своите сметки во БЕГ.
Со сето ова ќе спасиме многу илјади работни места, ќе обезбедиме поевтин ресурс, не можеме да обезбедиме ресурс кој бил во минатото, но можеме драматично поевтин ресурс да обезбедиме и цена на струја која ќе биде најмалку два пати помала од таа која што во моментов е на берза.
Зошто изразив загриженост дека првичното сценарио нема да биде оперативно. Затоа што според нашите параметри и податоци со кои располагаме, денеска работи само еден блок во РЕК Битола, тоа е блокот број 2, тој произведува од 152 до 170 мегавати електрична енергија, а не 200 или 210, затоа што не работат двете турбини во ТЕЦ Неготино, туку работи една која произведува 70 мегавати, а не двете 160, затоа што хидропотенцијалот не ние на 75-80% туку е на 29% од расположивиот и е загрижувачка судбината затоа што вие пред грејната сезона треба да влезете со потенцијал од 75-80%, затоа што една греда нема 350, 400, 450 илјади тони јаглен, има за десетина пати помалку и тоа е загрижувачки. Затоа што нема јасна претстава дали имаме гас или немаме гас. Затоа велам дека сум загрижен и затоа треба да направиме се што е во наша моќ да им помогнеме на граѓаните, да и помогнеме на Македонија, да му помогнеме на стопанството.
Второ, го изложивме концептот кој што го содржи законот за измени на Законот за енергетика што вклучуваат мигрирање на сите јавни претпријатија, и тука не мислам само на општинските, тука мислам на сите јавни претпријатија вклучително и на државните кои што се занимаваат со комунална и водостопанска дејност, да мигрираат од слободниот на регулираниот пазар според тарифата што ја плаќаат компаниите кои што се на регулиран пазар. Не граѓаните, компаниите и сите објекти во образованието и сите објекти кои што се дел од здравствениот систем во државата затоа што трошоците ќе бидат големи, а парите ќе завршуваат за трговците за увезената струја.
Ако се искористат овие 12 и 5, не 5 до 12, ако се искористат овие моменти 12 и 5 и да се обезбедат овие ресурси, тогаш најодговорно тврдам дека Македонија нема да има потреба од увоз на електрична енергија, но под претпоставка првичното сценарио Владата да успее да го задржи оперативно. Кога зборувам оперативно, зборувам да работат трите блока во Битола, да работи Осломеј, да работат двете турбини во Неготино, да работи хидропотенцијалот и да работи ТЕ-ТО Скопје.
Во третиот дел го понудивме концептот како догодина да не ни се повтори оваа работа затоа што треба да ги направиме сега сите подготовки и догодина да се справиме повторно со сите овие предизвици затоа што нема да заврши сега кризата.
Тука зборувавме за изградба на кракот пругата од Длапкин Дол – Осломеј во должина од 7 километри, за изградба на крак од пругата којашто доаѓа до Битола до РЕК Битола. Зошто е тоа потребно? Затоа што на тој начин ќе се намалат транспортните трошоци за увозниот јаглен, драматично ќе се намалат можеби и до 30 проценти од моменталните и на тој начин ќе имаме уште поевтин увозен јаглен којшто ќе го засили домашниот, ќе го хомогенизира домашниот и агрегатите ќе може да произведуваат поевтина струја од таа што ќе биде на берзата.
Сето ова беше разговарано денеска. Целиот концепт, жалам што дали поради суета, дали поради инает или не знам поради кои причини до оваа средба не дојде порано, иако јас уште од четвртокот ја барав, изгубивме драгоцено време и можевме на тој начин да можеби денес зборуваме веќе за решение за договори а не да започнуваме од почеток.
Времето е кратко, состојбата е комплицирана насекаде во Европа, но кај нас мислам дека последицата дека кај нас сето ова што ни се случува е последица не само затоа што состојбата во Европа е комплицирана, туку и од би рекол слабиот потенцијал со коишто менаџерски располага Владата и компаниите коишто се задолжени за да ги обезбедат овие ресурси“ рече Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Левица: Ќе поднесеме предлог – закон за департизација и искоренување на непотизмот во јавното здравство
Пратеничката група на Левица до Собранието на Република Македонија ќе поднесе Предлог-закон за укинување на дискреционото право на директорите во јавното здравство при вработување, со кој се воведува обврска за избор на најдобро рангираните кандидати на транспарентни конкурси со јасни, мерливи и проверливи критериуми, соопштија од партијата.
Од таму појаснуваат дека со Предлог-законот се прави неопходен и одлучен чекор кон дефинитивно укинување на децениските практики на непотизам, партизација и клиентелизам, преку елиминирање на дискреционите овластувања и воведување задолжително почитување на ранг – листите и објективните критериуми при вработување.
„Јавното здравство со децении е оптоварено со системски непотизам, партизација и клиентелизам, каде што роднинските врски и партиската подобност се вреднуваат повеќе од стручноста, знаењето и професионалниот интегритет. Дискреционото право на директорите се претвори во институционализиран механизам за репродукција на привилегии, со што јавното здравство функционира како затворен систем на наследни и партиски вработувања. Како директна последица на ваквите политики, најквалитетните и највисоко рангираните здравствени работници се системски оттурнати од јавното здравство и принудени својата професионална кариера да ја продолжат во приватните здравствени установи во државата, каде што нивното знаење станува пазарна стока или во здравствените системи во странство, каде што државата практично го извезува сопствениот образуван кадар од државните универзитети“, велат од партијата.
Овој двоен одлив, кон приватниот сектор и кон странство, додаваат од Левица, претставува тежок удар врз јавното здравство.
Според Левица, државата инвестира во образование и обука на здравствени работници, а придобивките од таа инвестиција ги собираат приватните профитни структури, други држави или промена на професијата. Истовремено, велат од Левица, Фондот за здравствено осигурување сноси дополнителни трошоци за лекување во приватни установи и во странство, додека пациентите продаваат дел од својот имот да се лекуваат во приватни клиники или други држави.
„Јавното здравство мора да биде систем на знаење, одговорност и еднакви шанси, а не поле за семејни и партиски привилегии. Левица ги повикува сите пратеници во Собранието да го поддржат овој Предлог-закон и да застанат на страната на јавниот интерес, здравствените работници и пациентите. Поддршката на овој закон е јасен показател дали се брани јавното здравство или се продолжува со заштита на непотизмот и клиентелизмот“, велат од Левица.
Македонија
Продлабочување на стратешкото партнерство со САД во фокусот на средбите на Гаши во Вашингтон
За време на работната посета на Вашингтон, претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Даниел Џ. Лотон, заменик-помошник секретар во Бирото за европски и евроазиски прашања на Стејт департментот на САД.
„На оваа средба беше потврдено непоколебливото партнерство меѓу двете земји, изградено врз заеднички демократски вредности, посветеноста на владеењето на правото, борбата против корупцијата и посветеноста на меѓународниот мир и стабилност. Соговорниците разменија мислења за актуелните геополитички настани, безбедносните предизвици и конструктивната улога на Република Северна Македонија како фактор на стабилност во Западен Балкан“, соопштија од Собранието.
Гаши информирал за континуираните напори за полноправна интеграција во Европската унија и изразил благодарност за континуираната поддршка на САД во процесот на реформите.

Гаши на средбата беше придружуван од потпретседателите на Собранието, Антонијо Милошоски и Јован Митрески, како и од владината делегација, составена од министерот Стефан Андоновски, Златко Пирински и генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев.
По средбите во Вашингтон, Гаши се сретна и со Филип Рикер, поранешен амбасадор на САД во Република Северна Македонија и докажан пријател на земјата, со кого разговарале за неодамнешните политички настани и продлабочувањето на стратешкото партнерство со Соединетите Американски Држави.
На средбите биле потврдени одличните билатерални односи и заедничката посветеност за продлабочување на трансатлантската соработка.
Македонија
СДСМ ги осуди заканите и навредите кон новинарот Видиновски: Институциите да реагираат
„СДСМ најостро ги осудува заканите и личните навреди кон новинарот Александар Видиновски, кон граѓаните и директорот на Канал 5 Телевизија од бугарски државјани“, велат од СДСМ.
„Говорот на омраза, заканите и навредите се недозволиви, претставуваат атак врз целата новинарска професија, слободата на говорот и слободата на информирање кои се европски вредности.
Ги повикуваме институциите да реагираат и да ги преземат сите мерки за санкционирање“, соопшти СДСМ.

