Македонија
(Видео) Георгиевска: ВМРО-ДПМНЕ едно зборува, друго прави, да ги деблокира законите важни за справување со кризата

Во време на глобална економска и енергетска криза исклучително е важно функционално Собрание и заедничко дејствување во интерес на граѓаните, на економијата и државата. Парламентарното мнозинство предводено од СДСМ, со својата работа и поддршка на мерките и политиките обезбеди помош за граѓаните, компаниите, ранливите граѓани, училиштата, општините, болниците, истакна на денешната прес-конференција Марија Георгиевска, пратеничка на СДСМ.
Во пресрет на најтешката зима, посочи таа, обезбедени се храна, енергенти, парно. Струјата се субвенционира за сите граѓаните во висина од 80 % од сметките за струја.
„Македонското Собрание е место каде што сите политички партии треба да покажат дека се грижат и работат за граѓаните и за државата. Но, гледаме дека тоа не е случај со ВМРО-ДПМНЕ, едно зборуваат, а друго прават. ВМРО-ДПМНЕ не се откажува од блокадите на законите што се важни за полесно справување со предизвиците од кризата. Во Собранието кочат над 50 законски решенија. Ова е уште една потврда за лицемерството и неодговорноста на ВМРО-ДПМНЕ“, вели пратеничката од СДСМ.
Законот за задолжување во европската банка за обнова и развој од 100 милиони евра, како што истакна, обезбедува ликвидни средства по исклучително поволна каматна стапка за нормално работење на ЕСМ во услови на криза.
„Не е првпат вака да се однесуваат пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, кои дејствуваат единствено за интересите на партијата, а никако за интересите на граѓаните. Така беше и со Законот за средствата од 136 милиони евра за пречистителна станица во Скопје, кој ВМРО-ДПМНЕ го блокира сè додека градоначалник на Скопје не стана нивната Данела Арсовска. На крајот, самите меѓу себе за овој тендер и се скараа јавно обвинувајќи се за сторен криминал. Слично пратениците на ВМРО-ДПМНЕ по налог на Мицкоски постапуваа и за Законот за заемот за поврзување на локални патишта“, додаде таа.
По неколкумесечни блокади, како што рече, ВМРО-ДПМНЕ има можност да застане на страна на интересите на граѓаните. Неодговорното однесување да го замени со работа за граѓаните.
Оценува дека блокадите на македонското Собрание треба да прекинат, да се обезбеди ефикасност во носење на законите и поддршка на клучните закони за енергетската криза.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Аврамовски: Наместо пари за питијади и ајваријади, општините да инвестираат во повеќе јавни паркинзи, зеленило и подобри услови во градинките и училиштата

Либерално-демократската партија (ЛДП) упатува јавен повик до општините ширум државата: да престанат со расфрлање на јавните средства за еднодневни настани и манифестации како што се питијади, ајваријади, скара фестови и слични пригоди.
„Наместо тоа, ги повикуваме општинските власти да ги насочат парите кон проекти кои навистина значат подобар живот за граѓаните: повеќе јавни паркинг места, повеќе зеленило и паркови, подобри услови во градинките и училиштата. Јавните финансии мора да се трошат одговорно и домаќински“, вели во изјава за медиумите портпаролот на ЛДП, Љубен Аврамовски.
На граѓаните не им требаат свечености еднаш годишно, посочува Аврамовски, туку чист воздух, безбедни улици, функционални училишта и паркинг решенија секој ден.
„ЛДП стои на ставот дека локалната самоуправа треба да покаже зрелост и визија. Затоа ги повикуваме сите градоначалници и советници: наместо да се натпреваруваат кој ќе донесе поголема музичка ѕвезда или ќе организира поголема питијада – да се натпреваруваат кој ќе реализира повеќе конкретни, видливи и одржливи проекти за своите сограѓани“, заклучува Аврамовски.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Аудито Q8 на Филипче кое го возеше и во предизборната кампања е купено од фирмата која продавала 3 пати поскап јаглен на ЕСМ

Додека Заеви заработувале милиони, Филипче имал лично профит од 3 пати поскапата препродажба на јаглен од Грција на ЕСМ од 2022 до 2024 година, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Аудито Q8 на Филипче кое го возеше и во предизборната кампања е купено од фирмата која продавала 3 пати поскап јаглен на ЕСМ.
Во енергетска криза, кланот Заеви и Филипче преку шема на фирми препродавале јаглен на ЕСМ три пати поскапо и профитирале а граѓаните плаќале повисоки сметки за струја.
Најскап договор за јаглен, кој го склучила ЕСМ, а е по цена од 82.5 евра за еден тон со вкалкулиран ДДВ, е со компанијата „Зобек мининг груп“. Зобек мининг груп е компанија која води директно до Венко Филипче.
Газдата на Зобек мининг груп за новинарите потврдил дека тој го купил аудито на Венко Филипче, преку фирмата која препродавала три пати поскап јаглен на ЕСМ и дека сега возилото е на Филипче.
Договорот со „Зобек мининг“ бил склучен во септември 2023 година, првично за испорака на 200 илјади тони јаглен за РЕК „Битола“ во рок од една година. Со два анекса количината на испорака била зголемена, прво за 40 илјади тони, па за уште 48 илјади тони, до вкупно 288 илјади тони.
Според официјално соопштение од „Лигниторихиа Ахладас“, рудникот во Грција каде се копал јагленот, пратено до грчкото Министерство за енергетика, а до кое дошле истражувачките новинари од Македонија, од овој рудник во 2023 година во Македонија биле продадени 768 827 тони лигнит, по цена меѓу 28-30 евра по тон.
Тоа е три пати помалку од тоа што Зобек мининг груп продава.
Заеви и Филипче се богателе и луксузирале врз грбот на народот кој плаќал поскапи сметки за струја за Филипче да ќари Ауди Q8“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Времето денеска ќе биде сончево и многу топло, од утре засилен северен ветер, пороен дожд и грмежи

Времето денеска ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималните температури ќе се движат од 11 до 19, а максималните од 26 до 38 степени.
Во Скопје, сончево и многу топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб со умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде 17, а максималната ќе достигне 38 степени.
УХМР информира дека од утре времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува умерен до засилен северен ветер, а дневната температура ќе опадне за 3 до 5 степени. Во попладневните часови ќе има услови за локална појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи.