Македонија
Лефков: Ковачевски и кумот ја основаат „Пиксел груп“ пет месеци откако СДС прави Влада, утре повеќе детали за кумот

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, соопшти дека премиерот Димитар Ковачевски и неговиот кум ја основале „Пиксел гроп“ пет месеци откако СДСМ направила Влада.
Тој додаде дека оваа фирма добила: 4 исплати од Фондот за иновации во вкупна вредност од 4.324.363 денари (70.314 евра); државна помош во 8 исплати во вредност од 27.262.082 денара (443.285 евра).
„Кумот ја основа „КМГ ЕОЛ квазар“. Оваа фирма добива:
– тендери од ЈКП „Комуналец“ – Св. Николе во вредност од 100 000 евра!
– тендери од ЈП „Пасишта“, две набавки од 172.000 евра и од 343.000 евра!
– Општина Ѓорче Петров, тендер од 48.000 евра!
– Општина Чаир – 108.000 евра!
– тендер од ЕВН над 2.000.000 евра!
„Три месеци откако Ковачевски е премиер, се основа фирма ‘АЕ солар хорајзонт’ во Софија, со основачки влог од 15.000 лева. Осум месеци откако е премиер Ковачевски, фирмата основана од него и фирмата од Софија ја основаат ‘АЕ солар’ АД Тетово, вредна 54.000.000 евра. ‘Пиксел’ има 40 %, ‘АЕ солар хорајзонт’ од Софија 60 %.
Оваа компанија чека на државна помош, која треба да ја исплати премиерот.
Видовме исплати на државни пари за Ковачевски како сопственик на „Пиксел“, исплати за фирмата кога Ковачевски бил заменик-министер, ОГРОМНА исплата од Владата во оставка за фирмата основана од него два дена по станувањето МАНДАТАР, гледаме огромни суми на тендери за фирмата на кумот додека кумашинот е премиер…
Сè ќе се објави и дознае, нема веќе криење, не смее државната помош да завршува во фирми основани и во фирми блиски на ПРЕМИЕРОТ!“, порача Лефков.
Продолжуваме утре!
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски: Eрес беше да се спомене македонски идентитет во време на претходната власт

На денешната седница во Собранието посветена на пратенички прашања, премиерот Христијан Мицкоски со свој коментар за актуелните позиции во меѓународните односи.
Мицкоски при одговорот на пратеничкото прашање поставено од страна на пратеникот Трајчулевски од СДСМ, потсети дека негаторските позиции за македонскиот идентитет и јазик не се новина во некои кругови во Бугарија и тие постојат уште од создавањето на бугарската држава до денес.
„Нема да ве вратам во времето на Батембер, во времето на Егзахот Јосиф, како се обидувале да го асимилираат овој дел. Дошле и до вашето Крушево. Но не успеале. Потрошиле два буџети, но не успеале. Но тоа што го правеле, а потоа го продолжил Тодор Живков, вие го прифативте. Вие ли сега најдовте да ми кажувате? Тоа што не им успеало на Батемберг, преку Јосиф, преку оваа асимилаторска на Сталин, на комунистичкото раководство на Социјалистичка Бугарија, преку Тодор Живков, вие се прифативте. И да, тешко е, преку ноќ не можеме за една година да го смениме, но ќе работиме да го менуваме. Бидете трпеливи. Во ваше време беше ерес да се спомене македонски идентитет и јазик во Извештај. Вие прифативте доброволно, потпишувајќи го, лажејќи тука во Парламентот, да ги асимилирате Македонците. Ние тоа нема да го правиме. Ние тоа ќе го исправиме. Бидете трпеливи“, одговори Мицкоски.
Македонија
(Видео) Трајчулески до Мицкоски: Зошто го отворате прашањето за македонскиот јазик, не враќате во времето на Груевски со истите мотиви

Пратеникот на СДСМ, Митко Трајчулески, на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања, упати прашање до премиерот Христијан Мицковски зошто повторно се отвора веќе затвореното прашање за македонскиот јазик и македонскиот идентитет. Дали Мицковски сака да ја врати Македонија во времето на режимот на Никола Груевски, и дали негирањето на македонскиот идентитет од страна на Бугарија денес се користи на ист начин како што Груевски го користеше грчкото вето во 2008 година, како изговор за внатрешна пресметка и задржување на власта, праша тој.
„Ваши главни политички ветувања во однос на нашите евроинтеграции беа обезбедување на подобрена преговарачка рамка и уставни измени со одложено дејство.
За жал, во текот на оваа година, власта се соочи со политичката реалност, особено во меѓународната политика, и не само што не успеа да обезбеди подобрена преговарачка рамка и уставни измени како што ветуваше, туку нашите меѓународни позиции особено во однос на нашиот европски пат дополнително драматично се влошија.
Македонија се соочи со силен ксенофобичен атак од страна на бугарските негатори на македонскиот јазик и идентитет олицетворен во дебатата за Извештајот за Македонија во Европскиот парламент.
Се реотвори прашањето кое беше целосно затворено за 26 земји членки на Унијата, освен за Бугарија. Повторно на маса се става македонскиот јазик и посебност кое беше целосно затворено прашање, со признат македонски јазик и идентитет во сите официјални документи на Унијата“, посочи тој.
И денес, како што рече, има уште еден предлог од Ваша страна за заедничка резолуција со Бугарија до Европскиот парламент со која би се потврдил македонскиот јазик и идентитет.
И замислете, додаде Трајчулески, предлагате оваа резолуција да биде поднесена од страна на бугарски европратеници.
„Македонскиот јазик е признат од сите, освен од одредени структури во Бугарија. Македонскиот јазик и идентитет се затворено прашање за 26 земји членки на ЕУ и за целиот свет. Нашиот јазик е признат во сите документи на ЕУ, вклучително во преговарачката рамка.
Ова македонско собрание има донесено Резолуција со која се забранува било кој и било кога да преговара за македонскиот јазик и идентитет.
Ниту вие, ниту јас, ниту било кој политичар смее да го стави на маса постоењето на посебен македонски јазик и идентитет.
Немате потреба да го имитирате вашиот политички ментор. Немој да претставувате лажна слика дека сте херои.
И во ваше и во наше време, веројатно и во некое идно време ќе постојат бугарски структури кои ќе продолжат да го негираат Македонскиот идентитет“.
Не постои Македонец, додаде тој, без разлика на политичка припадност кого не го болат ксенофобичните напади на Бугарските европратеници врз Македонскиот идентитет на кои бевме сведоци по повод дебатата во Европскиот парламент за Извештајот за напредокот на Македонија.
Прашањето, според него е, кој какви мотиви има.
„Се ми се чини дека историјата се повторува како фарса. Вам ви треба алиби за прикривање на неспособноста на вашата Влада да испорача политики за подобар живот на граѓаните.
Вам очајно ви треба старата испробана поделба на предавници и патриоти. Се разбира вие и Груевски сте патриотите, а сите ние од опозицијата клетите предавници и соработници на Бугарија.
Со ваквата непромислена политика, а сакајќи да го компензирате неуспехот на Владата да ги испорача предизборните ветувања, ја правите најголемата политичка стратешка грешка“.
Македонија
Гаши: Одредбите не се докрај прецизни дали можеме со распишани избори да избереме народен правобранител и претседател на ДКСК

Во претстојниот период предизвик за Собранието ќе биде изборот на нов народен правобранител и нов претседател на Државната комисија за спречување корупција, рече денес претседателот на Собранието, Африм Гаши. Процедурата за избор на народен правобранител е почната, а за претседател на ДКСК допрва треба да се објави оглас.
„Што се однесува до народниот правобранител, имавме јавен оглас, имавме 17 кандидати за оваа позиција. Денеска, требаше да заседава Комисијата за избори и именувања. Ако тие одлучат за име за кое би се сложиле, тогаш за таа одлука ќе можеме да свикаме пленарна седница и да одлучиме за тоа име. Ако не, тогаш ќе треба да почекаме подобри времиња или усогласеност за тоа кој ќе биде кандидат или кој ќе биде избран за народен правобранител. Што се однесува до ДКСК, законските рокови се веднаш штом има оставка или немаме претседател на Комисијата, Собранието во рок од десет дена да објави оглас. Ние тоа ќе го направиме денеска во Комисијата за избори и именувања. И сега ќе треба да видиме како тоа правно да го направиме. Ќе треба да го анализираме затоа што одредбите не се докрај прецизни дали можеме во време кога се распишани избори да се направи избор или да се назначи претседател на ДКСК или, пак, народен правобранител“, вели Гаши.
Земјава остана без народен правобранител откога на 14 јули во пензија замина Насер Зибери, а Собранието не го почитува Законот за народниот правобранител, кој предвидува нов оглас три месеци пред пензионирањето на актуелниот омбудсман.
Антикорупционерите, пак, останаа без претседател по оставката на досеганата претседателка Татјана Димитровска осомничена дека давала доверливи информации на лице обвинето во случајот „Адитив“ и дополнително дека вработен во Државниот завод за ревизија полагал испит за класифицирани информации во нејзино име, со што таа незаконски го добила сертификатот.