Црна хроника
Жител на Бродец осомничен за измами

Основното јавно обвинителство Тетово поведе постапка против 52-годишен жител на Бродец, осомничен дека сторил четири различни кривични дела измама казниво по Кривичниот законик.
На 23 септември тој измамил жител на селото Палчиште, ветувајќи му дека ќе му помогне да извади возачка дозвола, а за услугата побарал и добил надомест од 1.450 евра.
Во јули годинава, на сличен начин држел во заблуда жител на Тетово, кој за помош при вадењето возачка дозвола на осомничениот му исплатил сума од 1.200 евра. Откако ги зел парите, осомничениот веќе не му одговарал на телефонските повици.
Осомничениот, во август, на жител на селото Шипковица му се претставил како шеф во ЕВН-Тетово и му ветил дека ќе издејствува за две недели во куќата да му стават нов приклучок за струја. За услугата на оштетениот му зел 2.800 евра на рака и му побарал документи за куќата, но набрзо потоа престанал да комуницира со него.
За да заврши оставинска постапка за жител на селото Боговиње, осомничениот на 26 септември побарал и добил 1.300 евра од оштетеното лице, а услугата никогаш не ја извршил.
По предлог на надлежниот јавен обвинител, судијата на претходна постапка од Основниот суд во Тетово на осомничениот му определи притвор во траење од осум дена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Црна хроника
Уапсен 26-годишник кој се заканувал со нож и пиштол, a потоа нападнал со тврд предмет

Полициски службеници од СВР Скопје ноќеска, околу 2:10 часот, привеле 26-годишен маж во скопската населба Шуто Оризари, откако бил пријавен за закани и физички напад врз тројца членови на иста фамилија.
Како што информира МВР, уапсениот А.И. (26) од Скопје, по претходна расправија, упатувал закани со остар предмет и огнено оружје кон Џ.С. (32), неговиот брат и чичко. Според пријавата, инцидентот се случил вечерта на 19 април.
„По пријава поднесена од Џ.С. од Скопје, полициски службеници од СВР Скопје го лишиле од слобода А.И. на подрачјето на Шуто Оризари. Според пријавеното, лицето се заканувало со остар предмет и огнено оружје, а потоа и физички го нападнало пријавителот со тврд предмет“, соопштија од МВР.
Полицијата информира дека по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава против осомничениот.
Црна хроника
Фатен пијан крадец на „голф“ во Неготино, возачот излетал од патот

Дваесет и осумгодишен жител на Неготино бил лишен од слобода откако украл автомобил од свој сограѓанин, а потоа, возејќи под дејство на алкохол, излетал од коловозот на локалниот пат кон селото Курија.
Како што соопшти Министерството за внатрешни работи, на 20 април 2025 година околу 04:20 часот, полициски службеници од ОВР Неготино го уапсиле С.Д. (28), кој неовластено присвоил патничко возило „фолксваген голф“ со неготински регистарски таблици.
Возилото било сопственост на Л.И. (28) од Неготино и според пријавата, било паркирано пред неговиот дом кога С.Д. го одзел и се упатил кон селото Курија. Таму, изгубил контрола и излетал од патот.
„При извршените проверки било утврдено дека возачот имал 0,72 промили алкохол во крвта“, велат од полицијата.
С.Д. бил задржан во полициска станица, а по целосно документирање на случајот, против него ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
Црна хроника
25-годишен возач удрил во бандера во Кавадарци, бил пијан со 1,59 промили алкохол

Во раните утрински часови во саботата, 25-годишниот В.С. од Росоман бил лишен од слобода откако со автомобил излетал од патот и удрил во бандера на улицата „Страшо Пинџур“ во Кавадарци.
Како што соопшти МВР, инцидентот се случил околу 02 часот по полноќ, кога В.С. управувал патничко возило марка „мерцедес“ со кавадаречки регистарски таблички. Возилото излетало од коловозот, при што завршило во улична бандера.
По преземените мерки од страна на полициски службеници од ОВР Кавадарци, било утврдено дека возачот бил под дејство на алкохол – алкотестот покажал 1,59 промили алкохол во крвта.
„Возачот веднаш беше исклучен од сообраќај и задржан во полициска станица Кавадарци“, соопштија од полицијата.
По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена кривична пријава по член 297-а од Кривичниот законик, за „безобѕирно управување со моторно возило“.