Европа
„Пред нас се тешки одлуки“- Се огласи новиот министер за финансии на Велика Британија

Новиот британски министер за финансии Џереми Хант изјави дека некои даноци ќе мора да се зголемат, што сигнализира уште една остра промена во финансиската политика.
Во обид да ги смири финансиските пазари кои беа во немири веќе три недели, британската премиерка Лиз Трус во петокот го смени Кваси Квартенг од функцијата министер за финансии.
Трас рече дека стапката на корпоративниот данок ќе се зголеми, а владините трошоци ќе се зголемат помалку од претходно планираното.
„Имаме пред нас многу тешки одлуки да донесеме“, изјави Хант за „Sky News“.
„Она што луѓето го сакаат, она што го сакаат пазарите, она што сега и треба на земјата е стабилност“, рече Хант.
Хант треба да ги објави среднорочните буџетски планови на владата на 31 октомври, што е клучен тест за неговата способност да им покаже на инвеститорите дека може да се врати кредибилитетот на економската политика.
„Некои даноци нема да се намалат толку брзо како што сакаат луѓето, а некои даноци ќе се зголемат. Така што ќе биде тешко“, вели тој.
Хант рече дека се согласува со основниот пристап на Лиз Трус во обидот да го поттикне економскиот раст, но начинот на кој таа и Квартенг го направија тоа не успеа.
„Имаше грешки“, рече тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Зеленски пристигнува на погребот на папата

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе присуствува на погребот на папата Франциско, пренесе АФП повикувајќи се на извор од украинскиот претседателски кабинет.
Според истиот извор, канцеларијата на Зеленски ја подготвува неговата посета на Рим за Зеленски лично да се прости од поглаварот на Католичката црква.
Како што претходно беше најавено, погребот на папата Франциско ќе се изврши в сабота, 26 април, во 10 часот по локално време. Досега Трамп и Макрон потврдија дека ќе бидат на погребот, но се очекува да присуствуваат многубројни светски лидери и стотици илјади верници.
Европа
Украина: Русите го зголемуваат военото присуство во Мариупол

Руските сили продолжуваат да го зголемуваат своето воено присуство во привремено окупираниот град Мариупол. Како што соопшти денеска на „Телеграм“ градскиот совет на Мариупол, во градот веќе се формирани две воени бази.
„Руските окупатори го прошируваат своето воено присуство во Мариупол“, се вели во соопштението.
Според Центарот за проучување на окупацијата, во текот на март и април 2025 година се појавиле две нови воени бази: една во областа Калмиус на северозапад од градот и логистичка база во областа Ливобережњи, во станбената зона Шхидни. Втората база, како што се наведува, главно се користи за сместување персонал и воена опрема.
„На овој начин руските окупатори постепено го зголемуваат своето присуство во Мариупол. Центарот за проучување на окупацијата нагласува дека ова е план за трансформирање на градот во главна и полноправна логистичка и воена база не само за стоки туку и за опрема и персонал, со широка мрежа на паркинзи, бази за поправка и точки на трајно и привремено распоредување персонал. Ова е олеснето и со развојот на железничките и пристанишните врски што ги спроведуваат окупаторските власти“, се вели во соопштението на градскиот совет на Мариупол.
Европа
Знамиња со кукасти крстови се појавија во Стокхолм на роденденот на Хитлер, полицијата почна истрага

Три нацистички знамиња со кукасти крстови беа поставени на влезот на автопат во областа Есингеледен во Стокхолм, главниот град на Шведска, на 20 април, на роденденот на Адолф Хитлер.
Портпаролот на полицијата во Стокхолм, Матс Ериксон, изјави дека започнале истрага за злосторство од омраза.
Ериксон нагласи дека не е соодветно да се случуваат такви работи во Шведска. Тој посочи дека на влезовите на автопатите често се појавуваат транспаренти со политички пораки.
„Конкретно активистите споделуваат политички пораки бидејќи тука има густ сообраќај. Не е убаво да се споделуваат такви пораки“, рече Ериксон.
Тој додаде дека нацистичкото знаме најверојатно било поставено за да го одбележи роденденот на нацистичкиот диктатор Адолф Хитлер, кој е роден на 20 април.