Свет
(Видео) Украина доби најмодерно оружје, кое германската војска сè уште го нема

Германија ѝ испорача на Украина најмодерен противвоздушен ракетен систем – кој германската армија – Бундесверот сè уште го нема.
IRIS-T SLM е произведен во Германија и е наменет за заштита на помалите градови и војската. Од вторникот Украина поседува еден од најмодерните системи за воздушна одбрана во светот. Ракетниот систем треба да ја заштити Украина од руски крстосувачки ракети.
Украинскиот министер за одбрана, Алексеј Резников, ја поздрави првата испорака пишувајќи на „Твитер“ дека почнала нова ера во украинската воздушна одбрана и дека слични системи од САД се на пат.
Системот е произведен од компанијата Diehl Defense со седиште во Иберлинген на југот на Германија и е наменет да им обезбеди противвоздушна заштита на малите градови и војската. Погоден е за одбрана од авиони, хеликоптери, беспилотни летала, крстосувачки ракети и балистички ракети.
Секој систем се состои од три возила: ракетен фрлач, радар и интегрирана логистика и поддршка.
Се вели дека проектилите, кои користат инфрацрвено топлинско зрачење за да бараат и идентификуваат цели, имаат дострел од 40 километри и достигнуваат максимална височина од 20 километри. Тие се опремени со радар со дострел од 250 километри. Ракетите може да се постават и во круг од 360 степени околу фрлачот.
Иако овие ракетни системи се во развој од 90-тите и претрпеа неколку модификации, верзијата на IRIS-T SLM испорачана во Украина е сосема нова.
Секој од овие ракетни системи за противвоздушна одбрана чини приближно 140 милиони евра. Конечните тестови на најновата верзија на ракетниот систем биле извршени на крајот на 2021 година. Постарите верзии на системот ги купија Шведска, Норвешка и Египет.
Украина сега го доби првиот од четирите IRIS-T SLM-системи. Остатокот се очекува да ѝ биде испорачан на Украина до крајот на следната година.
Според написот во германскиот неделник „Велт ам зонтаг“, објавен во јули, Украина побарала од германската влада дозвола да купи 11 од овие противракетни системи и финансиска помош за да ги плати – значи околу 1,5 милијарда евра.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Пожар во затвор во Сплит, неколку затвореници хоспитализирани

Неколку затвореници се повредени во пожарот во сплитскиот затвор Билице, кој е изгаснат, соопшти денес Сплитскиот противпожарен оперативен центар.
Како што е наведено, затворскиот персонал го изгаснал пожарот што избувнал синоќа, а пожарникарите ги евакуирале затворениците, од кои неколку побарале медицинска помош поради вдишување чад и биле пренесени во сплитската болница.
„Добивме дојава за пожар во една од ќелиите на затворот околу 21:30 часот, а по пристигнувањето на пожарникарите затворскиот персонал веќе го изгаснал пожарот во најголем дел, а пожарникарите веднаш ги евакуирале затворениците“, изјавиле за Хина од Противпожарниот центар.
Свет
Фицо: Не повикувам на укинување на демократијата, но ЕУ треба да размисли за промена на системот

За време на вчерашната посета на Узбекистан, словачкиот премиер Роберт Фицо посочи дека авторитарните држави можат да бидат економски поефикасни од демократиите и повика на преиспитување на европскиот демократски модел.
Фицо рече дека Европа треба да размисли за реформирање на својот систем на управување базиран на слободни избори за да остане глобално конкурентна. Тој ги пофали земјите како Узбекистан, Кина и Виетнам за нивната способност да дејствуваат порешително по економските прашања.
Кога новинарите го прашаа, Фицо појасни дека не повикува на крај на демократијата, но тврдеше дека вклучувањето премногу политички партии во донесувањето одлуки ја ослабува способноста на државата да дејствува.
„Ако имате сто политички партии, не можете да се натпреварувате“, рече тој.
„Ако владата се состои од четири политички субјекти, не можете да се натпреварувате“, додаде тој.
Фицо, кој се врати на власт во 2023 година за да го преземе својот четврти мандат, се соочи со масовни протести во последните месеци, а критичарите го обвинуваат за авторитарни аспирации и водење проруска надворешна политика.
Свет
Орбан: Дипломатите мора да ја преземат контролата од генералите, оваа војна не може да се добие

Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека на Украина ѝ е потребно примирје, преговори и мир, како и дека „дипломатите треба да ја преземат контролата од генералите“. На состанокот на парламентарната група „Патриоти за Европа“ во Европскиот парламент, рече дека политичарите кои се залагаат за војна сакаат луѓето да веруваат дека војната мора да продолжи, објави унгарската агенција МТИ.
„Ве уверувам дека оваа војна не може да се добие, нема решение на бојното поле, само мртви, страдање и уништување“, истакна тој. Унгарскиот премиер, исто така, рече дека неговата земја е „црна овца“ на Европската Унија и кошмар за Брисел, додека претставува надеж за европските патриоти.
„Не сакаме Брисел да воведе воена економија под изговор на војна, не сакаме да зема огромни кредити, да ги федерализира парите на земјите-членки и да ги вовлекува нашите земји во трка во вооружување. Ве молам да ги запрете“, им рече Орбан на учесниците на состанокот.
Според него, Брисел ѝ се заканува и ја уценува Унгарија со финансиски санкции затоа што не ги пушта мигрантите во земјата, но Будимпешта попрво ќе им плати отколку да им дозволи на мигрантите да ја уништат безбедноста на унгарските градови и улици. „Се бориме за нашите семејства и татковина, дури и ако треба да се соочиме со целата бирократија на Брисел“, заклучи унгарскиот премиер, пренесува Танјуг.