Економија
ЕСМ: На три пункта во Скопје може да се потпишат новите договори за парно греење
Новиот снабдувач со топлинска енергија на градот Скопје, „ЕСМ – Снабдување со топлина“ ДООЕЛ Скопје, како носител на лиценца издадена од Регулаторната комисија за енергетика, има обврска да ги снабдува потрошувачите со топлинска енергија во согласност со лиценцата, Законот за енергетиката и актите, што ги носи Регулаторната комисија за енергетика. Заради регулирање на потрошувачкиот однос на снабдувачот со потрошувачите утврден во правилата за снабдување со топлинска енергија, потребно е да се склучи договор за снабдување со топлинска енергија.
За таа цел, потрошувачите на чии име се води парното греење во домот/објектот потребно е да се обратат во пунктовите на „ЕСМ – Снабдување со топлина“ ДООЕЛ Скопје, каде што во куса постапка ќе им биде приложен на потпис договор со новиот снабдувач кон кого ќе ја имаат обврската за плаќање на услугата.
Договорот, соопштија од таму, е ист како и досега и е одобрен од Регулаторната комисија за енергетика.
За склучување на договорот, потребно е да се понесе документ за лична идентификација и фактура (или копија) за топлинска енергија од претходниот снабдувач.
„Во Скопје постојат три пункта, со работно време од понеделник до петок, од 8 до 18 часот, и сабота од 9 до 13.30 часот, на следните локации:
Пункт Центар на улицата Кочо Рацин бр. 33 – Олимписки базен,
Пункт Исток на улицата Јане Сандански бр. 49 – Аеродром и
Пункт Запад на улицата Лондонска бр. 8 – Тафталиџе.
Корисниците може веднаш да пристапат кон пунктовите со цел склучување на договорите. Напоменуваме дека „ЕСМ – Снабдување со топлина“ ДООЕЛ Скопје ќе им овозможи на граѓаните соодветен временски период за регулирање на обврската и дека доколку од разни причини корисниците не успеат да склучат нов договор до крајот на месецот, греењето непрекинато ќе се испорачува и во ниеден момент испораката нема да биде загрозена“, се вели во соопштението.
Корисниците што нема да ги склучат договорите по овој повик, како што додаваат од таму, ќе бидат контактирани од снабдувачот „ЕСМ – Снабдување со топлина“ ДООЕЛ Скопје со цел да се изнајде термин соодветен за потрошувачите за склучување на договорот, со оглед на тоа што одредени корисници може да бидат отсутни во следниот период или од разни лични, здравствени и други причини да не може да се јават на пунктовите.
„ЕСМ – Снабдување“ ќе воспостави директни контакти, а за корисниците што не може да ги напуштат своите домови ќе им излезе во пресрет и ќе им овозможи договорот да го склучат во нивниот дом.
Поради повеќе прашања пристигнати до службата за грижа на корисниците, ги информираат корисниците дека не е правно возможно преземање на постојните договори со претходниот снабдувач, односно единствено е можно да се склучат нови договори.
Новиот снабдувач во следниот период ќе воспостави и сопствен систем за онлајн-наплата, информираат од оваа институција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Забележителен раст на приходите, инвестициите и добивката на Реплек во првиот квартал од 2024 година
Со раст на оперативните приходи од 25%, на обемот на инвестиции и на добивката во првото тримесечје споредено со истиот период минатата година, „Реплек АД“ продолжи со успех да го реализира бизнис планот за 2024 година и својата долгорочна развојна стратегија која се темели на зголемување на продажбата на странските и на домашниот пазар, на иновациите во портфолиото на производи, како и на значителни вложувања во технолошкиот напредок и во развојот и добросостојбата на своите вработени.
Неревидираниот консолидиран финансиски извештај за работењето на Реплек АД во првиот квартал од 2024 година покажува дека во секторот фармација компанијата остварила раст на приходите од 26,9% во однос на истиот период минатата година. Во најголем дел ваквиот раст се должи на растот на приходите од продажба на странските пазари, каде се генерираат дури 80 % од вкупните приходи и кои во овој временски период се зголемени за 23 %, надминувајќи вредност од над пет (5) милиони евра. Позитивно влијание на ваквиот раст на приходите од извоз има отворањето на новиот пазар за производите на „Реплек АД“ во Туркменистан, што се очекува да придонесе за натамошно зголемување на извозните перформанси и резултати на компанијата.
Истовремено со растот на извозот, „Реплек АД“ продолжи да ја јакне и својата позиција на домашниот пазар, каде во Q1 2024 е остварен раст на приходите од продажба од 50 %, во споредба со истиот период лани.
Значителен раст во овој период од годината е забележан и кај инвестициите кои се зголемени приближно за пет и пол пати во однос на првите три месеци од 2023 година.
„Позитивните резултати на стартот на оваа година ни влеваат дополнителна енергија и мотив да продолжиме уште посилно во остварување на целите дефинирани во деловниот план за оваа година и во нашата стратегија за долгорочен одржлив развој. Остануваме посветени на инвестирањето во натамошна технолошка модернизација, како и на иновациите кои треба дополнително да збогатат нашето портфолио на производи, коишто веруваме дека ќе ни овозможат натамошно зајакнување на нашите позиции на домашниот пазар и ќе ни отворат нови можности и перспективи на странските пазари. Паралелно продолжуваме и со вложувањата кои треба да ја гарантираат натамошната добросостојба на нашите вработени. Веруваме дека ваквите напори ќе вродат со плод, ќе придонесат за натамошен раст на компанијата и ќе донесат дополнителна вредност за сите“, изјави главниот извршен директор на „Реплек АД“, Душан Пецовски.
Инаку, растот на приходите од продажба се одрази и на растот на консолидираната добивка пред оданочување на „Реплек АД“, која за првите три месеци од оваа година бележи зголемување за 24 % во однос на истиот период од минатата година.
(ПР текст)
Економија
Финансии побара до крајот на денов да се стави во мирување поскапувањето на осигурувањето на автомобилите при регистрација
Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност на денешната седница го разгледа доставениот извештај од Националното биро за осигурување поврзано со зголемените цени по основ на премија за вршење на дејноста на осигурување.
На состанокот Комисијата му укажа на Националното биро за осигурување и на регулаторот Агенцијата за супервизија на осигурувањето во текот на денешниот ден да им предложи на друштвата за осигурување до крајот на денешниот ден да ги стават во мирување одлуките за зголемување на трошоците и да ги вратат на ниво од пред 25 април 2024 година и да ја известат Комисијата во текот на денешниот ден. Ваквото укажување е со цел обезбедување транспарентност и предвидливост на процесите, имајќи предвид дека компаниите ниту поединечно, ниту преку Националното биро за осигурување го немаат известено регулаторот, односно Агенцијата за супервизија на осигурувањето ниту Комисијата дека планираат да ги зголемат трошоците по основ на премијата за вршење на дејноста на осигурување, и на тој начин не е обезбеден инклузивен пристап и кооперативност со сите засегнатите страни при донесување на одлуките.
Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност на денешната седница побара од регулаторот, односно Агенцијата за супервизија на осигурувањето, да изготви анализа за оправданоста и исправноста на донесените одлуки од страна на друштвата за осигурување, во насока на заштита на крајните корисници, а со цел обезбедување сеопфатна информација за донесување објективна и транспарентна одлука. Во правец на ова е укажувањето кон регулаторот за ставање во мирување на одлуката за зголемување на цената на трошоците од страна на друштвата за осигурување. Истовремено, побара од друштвата за осигурување преку Националното биро да дадат свој придонес во изготвување на анализата и предлог-заклучоци за промена на Тарифата на премии за осигурување на сопствениците на моторни возила од одговорност за штети предизвикани на трети лица.
На состанокот, Комисијата одлучи во најскоро време по доставување на анализата од регулаторот, односно Агенцијата за супервизија на осигурувањето, да свика седница и да ја разгледа доставената Информација и да донесе соодветни заклучоци.
Економија
Нови цени на бензинот и на дизелот од полноќ
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,57% во однос на одлуката од 22.4.2024 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 1,68%, кај дизелот намалувањето е за 2,026%, кај екстра лесното масло намалувањето е за 1,78% и кај мазутот зголемување е за 0,059%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,166%
Малопродажните цени на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-98, на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 не се менува.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 2,107 ден/кг и сега ќе изнесува 46,661 ден/кг.
„Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 30.4.2024 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени“, велат од РКЕ.