Свет
(Видео) Израелскиот министер за туризам во рекламен спот се соблече и ги покажа обликуваните стомачни
Последната реклама на Министерството за туризам на Израел, во која министерот го имитира Џејмс Бонд, беше цел на критики, пред сè, на феминистките, на социјалните мрежи, кои оценија дека е шовинистичка и покажува двојни стандарди.
Едноминутниот видеоклип го прикажува министерот за туризам Јозел Развозов како го имитира Џејмс Бонд додека ги обиколува познатите градови и локации во Израел. Во една сцена на море тој дури се соблече до половината. Рекламата, сепак, наиде на критики од феминистките.
Тој се обиде да покаже сличност со Даниел Крег, кој го глумеше Џејмс Бонд во филмовите за најпознатиот светски агент, па дури и се снимаше без кошула во морето. Рекламата, сепак, предизвика критики од феминистките, пишува „Араб њуз“.
„Рекламата на израелското Министерство за туризам е бурна. Министерот за туризам го прикажува Бонд, а изборот на музика е одличен. Ок, машкост, ок, двојни аршини, бидејќи жена министер никогаш не би можела да го направи тоа“, изјавил еден од корисниците на социјалните мрежи.
Ноа Балф, вонреден професор на Универзитетот во Казнас и член на Феминистичкиот институт во Хаифа, оцени дека рекламата покажува двојни стандарди и дека некоја министерка никогаш не би можела да го направи тоа. Други корисници на социјалните мрежи потсетуваат дека во тек е изборна кампања и дека видеото има пропагандна цел.
This Israeli Ministry of Tourism ad is wild. It features the Minister of Tourism as James Bond-esque and the music choice is just wow. Ok masculinity, ok double standard because a woman minister could NEVER. https://t.co/ZvlX8Dj7RP
— Dr. Noa Balf נועה באלף نوعة بالف (@NoaBalf) October 16, 2022
Имитирајќи ја познатата фраза на Бонд за време на презентацијата, министерот Развозов вели: „Името е Израел. Земјата е Израел“.
„Сакав лично да помогнам во промоцијата на Израел со тоа што на светот ќе му покажам што е убаво и добро во нашата земја“, рече министерот објаснувајќи ја својата постапка.
Не се знае дали рекламата е финансирана од државата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Минск е можно место за нова средба меѓу Путин и Трамп
Можна нова средба меѓу рускиот претседател Владимир Путин и американскиот претседател Доналд Трамп би можела да се одржи во Белорусија, според проценките што се појавуваат во политичките кругови на Источна Европа.
Оваа претпоставка ја изнесе пратеникот на Врховната рада на Украина, Александар Дубински, кој во објава на својот Телеграм канал изјави дека има сè повеќе индикации дека Минск би можел да стане место за средба на двајцата лидери.
„Сè е појасно дека средбата меѓу Трамп и Путин ќе се одржи во Минск“, напиша Дубински, посочувајќи ги неодамнешните потези на Вашингтон како можна подготовка на теренот за таков дипломатски развој.
Како еден од клучните аргументи, тој ја наведе одлуката на Соединетите Американски Држави да ги ублажат санкциите кон Белорусија, со проценка дека претседателот на таа земја, Александар Лукашенко, е, од перспектива на американската администрација, „посоодветен и попредвидлив соговорник“ од украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Дополнителна тежина на овие шпекулации им даде изјавата на специјалниот претседателски претставник на САД за Белорусија, Џон Кол, кој на 13 декември објави дека Вашингтон ги укинува санкциите за белорускиот калиум.
„Во согласност со упатствата на претседателот, ги укинуваме санкциите за калиум. Ова е многу добар потег од страна на Соединетите Американски Држави. Како што се нормализираат односите, ќе се укинуваат сè повеќе санкции“, рече Кол.
Иако засега нема официјални потврди за можна средба меѓу Путин и Трамп, аналитичарите проценуваат дека евентуалниот избор на Минск како место за средба би претставувал значаен сигнал во насока на постепена нормализација на односите во поширокиот постсоветски простор, како и новото позиционирање на Белорусија во сложената геополитичка слика.
Фото: депозитфотос
Регион
Шефот на Европскиот совет: Западниот Балкан избира, да остане во минатото или европска иднина
Западен Балкан може да избере да остане заробен во минатото или да продолжи кон заедничка иднина во Европската Унија, изјави претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, по самитот ЕУ-Западен Балкан.
„Да бидеме јасни, покрај техничките детали на процесот, треба да се направи фундаментален политички избор: изборот помеѓу останување заробен во минатото или движење кон заедничка иднина во Европската Унија, изборот помеѓу поделба или помирување и соработка, кои се самите столбови на Европската Унија“, рече Кошта во изјава објавена по самитот, според медиумите во регионот.
Тој рече дека процесот на проширување се движи побрзо отколку што се одвивал во последните 15 години и дека можноста треба да се искористи. Тој рече дека проширувањето е процес базиран на заслуги, а не трка или натпревар меѓу земјите кандидати.
„Оние што се движат побрзо не треба да бидат попречени од оние што се движат побавно. Напротив, тие треба да го одредат темпото и да бидат инспирација за сите“, рече Кошта.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека „за прв пат по повеќе од 10 години, проширувањето стана реална можност“. Таа го пофали „импресивниот напредок“ на Црна Гора и Албанија, кои станаа извор на инспирација за другите земји од Западен Балкан.
Во својата изјава, претседателот на Европскиот совет ги спомена сите земји од Западен Балкан, освен Србија, чиј претседател, Александар Вучиќ, одби да дојде на самитот.
Кошта го истакна брзиот напредок на Црна Гора и Албанија, изразувајќи надеж дека Северна Македонија ќе напредува следната година. Што се однесува до Босна и Херцеговина, тој вели дека оваа година земјата усвои реформска агенда, што е неопходен чекор за приклучување кон Планот за раст и што ќе им овозможи да го искористат целиот потенцијал на поддршката од Европската Унија и постепената интеграција.
Фото: депозитфотос
Регион
Орбан: Срамно е како ЕУ се однесува кон Србија
Унгарскиот премиер Виктор Орбан денес изјави дека Србија е клучна земја во Западен Балкан и дека начинот на кој Европската унија се однесува кон Белград е срамен и неправеден.
Орбан го изјави ова пред самитот на Европската унија и земјите од Западен Балкан во Брисел, одговарајќи на прашање за отсуството на Србија од состанокот, објавија регионалните медиуми.
Тој изјави дека Западен Балкан претставува економска резерва на злато за Европската Унија и дека Србија игра клучна улога во регионалната стабилност и заштитата на Европа од мигрантските текови.
„Не можеме ништо да направиме без Србија. Она што се случува тука, мислам на третманот и однесувањето кон Србија, е срамно. Тоа е целосно неправедно и неприфатливо“, рече Орбан.
Унгарскиот премиер истакна дека Србија сочинува повеќе од една третина од вкупното население на Западен Балкан, додека, според него, најмалку половина од економијата на регионот е поврзана со таа земја. Тој додаде дека околу две третини од извозот на Западен Балкан е поврзан со Србија.
„Без Србија, невозможно е да се направи нешто на Западен Балкан“, тврди Орбан.
Тој оцени дека, за да се најдат решенија за постојните предизвици, Европската унија прво треба да ја прифати Србија како членка, а дури потоа да го продолжи процесот на проширување со другите земји во регионот.
„Ние го правиме токму спротивното. Не е добро. Лошо е, неправедно и срамно. Затоа ние Унгарците мора да ја поддржиме Србија да продолжи напред“, заклучи Орбан.
Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави доцна синоќа дека Србија нема да присуствува на денешниот самит ЕУ-Западен Балкан во Брисел, наведувајќи дека не сака владата на земјата да трпи притисок, но повтори дека Белград останува посветен на членството во ЕУ.
фото/депозитфотос

