Економија
Ковачевски со владина делегација на средби со инвеститори во Обединетите Арапски Емирати

Премиерот Димитар Ковачевски заедно со министрите за финансии, Фатмир Бесими, за транспорт и врски, Благој Бочварски, и за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, се во работна посета на Абу Даби, Обединетите Арапски Емирати.
Целта на посетата е директна комуникација со инвеститори и средби со претставници на инвестициски фондови за подобрување на економската активност на државата во услови на најголемата светска економско-енергетска криза.
Во рамките на посетата премиерот Ковачевски заедно со министрите ќе ги претстават нашите макроекономски политики, развојните цели во нашата земја, како и можностите за инвестиции. За таа цел, ќе остварат неколку билатерални средби со претставници на фондови, кои се продолжение на веќе остварена соработка се со цел да се постигнат конкретни резултати.
Ќе се дискутира за можностите за искористување на развојните фондови што по поволни услови инвестираат во проекти, и тоа во областите, инфраструктура, агробизнисот, туризмот и енергетиката со фокус на обновливи извори на енергија.
Владата и покрај светската економско-енергетска криза и актуелните случувања во Украина и нивното влијание на глобално ниво, останува посветена на постигнување економски раст со стапки над 5 % во наредните години, засновани на растот на инвестициите и потрошувачката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Со Халкбанк, пензија со помалку грижи и повеќе слобода

Пензијата е моментот кога конечно можете да се фокусирате на она што навистина ви е важно. Време за патувањата за кои долго сте сонувале, време за активностите кои сте ги одложувале, време за семејството и пријателите. Ова е периодот кога можете да се навратите на сопствените желби и планови за кои досега сте немале доволно време.
Сепак, за да може овој период да биде навистина безгрижен, потребна ви е банка која ги разбира вашите потреби. Банка која знае дека вие не сакате да поминувате време во комплицирани процедури, скапи услуги и нови банкарски системи. Ви треба банкарски партнер кој ќе ви го олесни животот, наместо да ви го отежни.
Пакет создаден за вашите потреби
Стандардните банкарски услуги често не одговараат на специфичните потреби на луѓето во пензија. Потребно е решение кое ги зема предвид различните приоритети, начин на живот и финансиски цели на пензионерите. Халкбанк Пакетот за пензионери е токму тоа – сеопфатно решение дизајнирано и наменето за овој период од животот. Ова е целосно подобрено банкарско искуство кое дава слобода во управувањето со финансиите на начин кој одговара на денешната динамика на живот. Секоја услуга е избрана и прилагодена за да донесе максимална корист, без простор за грижи.
Што всушност добивате?
Бесплатната MasterCard дебитна картичка овозможува лесен пристап до вашите средства каде и да се наоѓате. Првата година не се потребни никакви трошоци, што значи дека можете да ги почувствувате сите поволности и да видите дали токму оваа картичка е тоа што ви е потребно. Картичката работи на сите банкомати и во сите продавници што прифаќаат MasterCard, што ви дава слобода да купувате без да носите готовина.
Е-банкарството, кое што е достапно 24 часа дневно, седум дена во неделата, без никаков надомест на средства, до крај на 2025 година. Ова значи дека можете да ги проверувате вашите финансии, да правите трансфери и да ги следите промените на сметката од вашиот дом, во секое време.
SMS известувањата ви овозможуваат да бидете секогаш информирани за она што се случува со вашата сметка. Секоја трансакција, секоја промена на салдото, секое важно известување го добивате веднаш на вашиот телефон. Ова ви дава сигурност и контрола над вашите средства.
Интерните налози без провизија значат дека можете да плаќате сметки и да правите трансфери во рамките на банката без дополнителни трошоци. Секоја заштедена провизија резултира со повеќе пари кои остануваат кај вас, наменети за нештата кои навистина ви се важни.
Едноставен чекор до нови погодности
Процесот за аплицирање е брз и едноставен. Ако сте нов клиент и сакате да ја префрлите пензијата во Халкбанк, доволно е да ја посетите најблиската филијала. Ако веќе сте клиент и сте пензионер, само потпишете изјава на шалтер и веднаш станувате дел од пакетот.
Вашата пензија заслужува повеќе
Годините што доаѓаат треба да бидат посветени на уживање, а не на непотребни грижи. Потребна ви е поддршка која ќе го олесни управувањето со средствата и ќе ве ослободи од непотребните трошоци. Халкбанк Пакетот за пензионери е создаден токму за тоа – да ги направи вашите години за уживање побезгрижни, посигурни и исполнети со сè сте посакувале.
ПР
Економија
„Идни инженери на своите први работни задачи во Министерството за енергетика“, Божиновска ги посети студентите на нивните практикантски позиции

Студентите од Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) ја започнаа студентската практикантска настава во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.Веќе се распределени по сектори и започнаа со практична работа во рамки на Министерството и органите во негов состав.
Министерката Сања Божиновска денес ги посети младите практиканти на нивните работни позиции, при што лично се запозна со нивните ангажмани, задачите што им се доделени и областите во кои се вклучени.
„Гордост е да се види енергијата и мотивацијата што овие млади луѓе ја носат со себе. Веќе од првиот ден, тие не се тука само како набљудувачи – туку активно се вклучени во конкретни процеси, подготвуваат материјали, истражуваат и дискутираат. Ова е таа нова генерација која сакаме да ја задржиме во земјата и да ѝ дадеме можност да се развива тука – во институциите каде што се градат јавните политики,“ изјави министерката Божиновска.
Во разговорот со студентите, министерката упати порака на поддршка и охрабрување: „Потребни ни се луѓе што разбираат технологија, енергетика и современи предизвици. Но уште повеќе ни се потребни луѓе што сакаат да направат разлика. Вие сте тука не само за да учите, туку и да донесете нова перспектива. Ќе ве поддржиме во секој чекор.“
Студентите се распределени според нивната стручна насоченост во одделенијата за енергетика, обновливи извори, енергетска ефикасност, минерални суровини, стратешко планирање и дигитализација. Со нив работат ментори од редовите на администрацијата, со цел да добијат реален увид во функционирањето на институцијата и активна улога во тековните задачи.
Програмата се реализира врз основа на Меморандумот за соработка меѓу Министерството и ФЕИТ, како дел од заложбата за поддршка на млади инженери и нивно вклучување во развојот на енергетските политики. Министерството најавува продолжување и проширување на оваа програма и во иднина, со цел создавање континуитет во градење на домашен стручeн кадар и обезбедување генерации експерти подготвени да ја водат енергетската транзиција.
Економија
Министерството за финансии достави барање до 22 меѓународни финансиски институции и банки за финансирање на брзата пруга

Министерството за финансии денеска испрати до 22 меѓународни финансиски институции и странски комерцијални банки барање за покажување интерес за финансирање на проектот за изградба на брза пруга долж Коридорот 10.
Станува збор за финансиски институции од Европа, САД, Јапонија и Обединетото Кралство, од кои дел се институции со коишто земјата и претходно соработувала на одредени проекти.
Поконкретно барањето е доставено до Светска банка, Европската банка за обнова и развој, Европската инвестициска банка, Фондот за меѓународен развој на ОПЕК, Француската развојна агенција, КФВ Развојната банка, Италијанската развојна банка, Јапонската агенција за меѓународна соработка, германската ДЗ Банка, Морган Стенли, Уни Кредит Банка Австрија, Сити банк, ЏП Морган, Дојче Банк, Сосиете Женерал, Рајфајзен банк, ЕРСТЕ банк, Банка ИМИ, британската Стандард чартерд, Банка на Америка, јапонската МУФГ Банка, како и американската Голдман Сакс. Износот кој се бара за реализација на проектот е 1,91 милијарда евра.
Согласно испратеното барање, одговорот за пројавување интерес меѓународните финансиски институции и странските комерцијални банки треба да го достават до крајот на овој месец, со можност за продолжување на рокот по барање на банките.
Имено, Министерството за финансии го испраќа барањето за пројавување интерес со меѓународните финансиски институции врз основа на Заклучок на Владата и врз основа на законските прописи, односно Законот за јавен долг. Заедно со барањето Министерството за финансии испраќа до меѓународните финансиски институции и банките и образложение за проектот подготвено од Министерството за транспорт и врски и МЖ Инфраструктура, а кое исто така е разгледано од страна на Владата.