Македонија
Ѓорѓиевски: Граѓаните во Кисела Вода првпат во 30 години ќе добијат нов, модерен и ултрасовремен затворен пазар
„Денеска, во присуство на моите сограѓани, овде од урбаниот дел од Кисела Вода, во присуството на лидерот на мојата политичка партија, Христијан Мицкоски, претседателот на Советот и преостанатиот дел од мојот тим, означуваме, односно почнуваме првпат во триесет години еден ваков капитален проект, а тоа е првпат во историја моите сограѓани да добијат современи услови за пазарење, односно еден нов, модерен, ултрасовремен и затворен пазар, нешто што во мојата општина недостигаше повеќе од 30 години и моите сограѓани го немаа. Тука, од една страна, го постигнуваме ефектот да моите сограѓани, мојот народ овде во Кисела Вода да пазари во едни современи услови, услови какви што им прилегаат, а од друга, и оние што се пазарџии, што го опслужуваат нашиот народ и го пласираат својот производ, да имаат едни современи, исто како народот да може да пазари, така и тие да имаат современи услови за пласман на своите производи овде во Кисела Вода“, изјави градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.
Тој му се заблагодари на Министерството за локална самоуправа што партиципира со дел од средствата во овој проект, ова е првпат во историјата во Кисела Вода да имаме еден ваков нов современ пазар, ветен во мојата програма. Јас во мојата програма се обврзав дека 2 пазара вакви ќе изградиме, еве на истекот на првата година од мојот мандат веќе го почнуваме овој пазар, кој треба за 2 месеца да биде готов, а за многу бргу како медиуми ќе бидете повикани и во Драчево, каде што ќе почнеме со изградба на уште еден ваков ултрамодерен, современ и затворен пазар, како што прилега за нашата современа општина.
„Морам да истакнам дека на истекување на една година од мојот мандат веќе со програмата финишираме или почнуваме како денеска овој проект со некаде околу 70 % од она што сме се обврзале за изборите пред нашиот народ да го реализираме, продолжуваме и понатаму со уште едно посилно темпо од ова што е досега сè со цел да ги реализираме сите дадени ветувања во програмата и да ги подобриме условите за моите сограѓани овде во Кисела Вода“, изјави Ѓорѓиевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски на средба со еврокомесарот за внатрешни работи и миграции, Магнус Брунер
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари средба со европскиот комесар за внатрешни работи и миграции, Магнус Брунер.
На средбата министерот Муцунски го истакна континуираниот ангажман на земјата во процесот на пристапување кон Европската Унија, особено во областа на внатрешните работи и миграцијата. Тој ја нагласи посветеноста кон унапредување на институционалните капацитети и спроведување на реформите во оваа област, со цел натамошно усогласување со европските правила и стандарди.
Соговорниците разговараа за продлабочување на соработката во управувањето со миграциите, вклучително и партнерството со Фронтекс, борбата против нелегалната миграција и организираниот криминал, визната политика, како и континуираната размена на информации и искуства.
Посебно внимание беше посветено на имплементацијата на Системот за влез/излез на Европската Унија (Entry/Exit System). Министерот Муцунски укажа на практичните импликации од неговата примена, особено во однос на професионалните возачи и транспортниот сектор, кои се соочуваат со конкретни оперативни и финансиски предизвици. Во таа насока, тој ја нагласи важноста од продолжување на напорите за изнаоѓање практични и навремени решенија преку конструктивен дијалог со Европската комисија и земјите членки, со цел зајакнување на поврзаноста и обезбедување непречено одвивање на трговските текови
Македонија
Гаши – Грлиќ Радман: Континуирана и цврста поддршка за евроинтеграциите
Претседателот на Собраниетo на Република Северна Македонија, Африм Гаши, се сретна со министерот за надворешни и европски работи на Република Хрватска, Гордан Грлиќ Радман, кој престојува во дводневна официјална посета на државата. На средбата присуствуваше и генералниот секретар на Собранието, Марина Димовска.
Претседателот Гаши изрази благодарност за континуираната и цврста поддршка што Република Хрватска ѝ ја дава на европската перспектива на државата, како и за севкупната билатерална соработка што се развива во духот на меѓусебна почит, разбирање, солидарност и партнерство. Тој нагласи дека особено се цени подготвеноста на Хрватска да ја споделува својата драгоцена експертиза и искуство од процесот на пристапување и водењето на преговорите за членство.
Беше истакната и важноста на сојузништвото и соработката во рамките на НАТО, каде што двете држави се силно посветени на промовирање и споделување на заедничките вредности, принципи и одговорности на Алијансата.
Двајцата соговорници се сложија дека политиката на проширување на Европска Унија претставува стратешка инвестиција во мирот, стабилноста и просперитетот на регионот како и на целиот европски континент, а беше поздравена и целосната усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата, со што Република Северна Македонија покажа дека е кредибилен партнер.
Исто така, соговорниците нагласија дека Република Северна Македонија и Република Хрватска секогаш негувале пријателски однос, базиран на висока почит кон човековите, националните, културните права на малцинствата кои студираат, работат или живеат во двете држави, што претставува позитивен пример во регионот и пошироко.
Гаши изрази увереност дека посетата на министерот Грлиќ Радман ќе придонесе за дополнително зацврстување и унапредување на односите меѓу двете држави на сите полиња од заеднички интерес, како и дека Република Северна Македонија и натаму ќе смета на силната хрватска поддршка за нејзина интеграција во Европската унија.
Македонија
Сиљановска-Давкова го пречека албанскиот претседател Бајрам Бегај
На официјална церемонија со највисоки државни и воени почести претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го пречека албанскиот претседател Бајрам Бегај, кој престојува во официјална посета на земјава.
Претседателите одржаа тет-а-тет средба, по што следуваше пленарен состанок на македонската и на албанската делегација.

Во фокусот на разговорите беа севкупните билатерални односи, кои се традиционално пријателски и партнерски, како и можностите за нивно понатамошно продлабочување во повеќе сфери од заемен интерес.
Соговорниците разменија мислења за европските аспирации на двете држави, соработката во рамките на НАТО алијансата и актуелната безбедносна состојба на европскиот континент, како и за соработката во рамки на регионалните иницијативи.

Беше изразена подготвеност за натамошно унапредување на политичкиот дијалог и институционалната соработка, во интерес на граѓаните на двете држави.

