Економија
Договорот за парно греење може да се симне од веб-страната на ЕСМ
Помошник-директорката за топлинска енергија во АД ЕСМ, Александра Маројевиќ, соопшти дека од денеска, Договорот за парно греење е поставен на интернет страницата на АД ЕСМ и ќе биде прикачен и на официјалните канали на социјалните мрежи на компанијата, од каде потрошувачите ќе можат да го симнат, да го испечатат и да го пополнат.
Два пополнети примероци од договорот потрошувачот ќе однесе во еден од пунктовите, со приложување на увид документ за лична идентификација и една фактура (или копија) од претходниот снабдувач. На овој начин, велат од ЕСМ, ќе се намали времето на задржување на потрошувачите во пунктовите, со оглед на тоа што документот ќе биде веќе пополнет од нивна страна дома.
Доколку потрошувачот нема одредени податоци кои се бараат во договорот и не ги внел, како број на имотен лист итн., тие податоци ќе му бидат внесени од службениците на шалтер, кои имаат електронски пристап до катастар и ќе проверат на лице место, значи граѓаните нема потреба да одат да вадат други документи за да пополнат во договорот.
На шалтер ќе го потпишат договорот и со тоа постапката е завршена.
„Договорот треба да го поднесе лично потрошувачот на чие име се води сопственоста на станбениот простор во објектот. Доколку сопственикот на имотот не е присутен во државата и затос не е во можност лично да дојде во наплатниот пункт, засега може да ополномошти друго лице, кое во негово име ќе го потпише потребниот договор. Тековно ќе се изнаоѓаат решенија и за други корисници, кои од лични, здравствени причини, возраст итн. не можат да ги напуштат своите домови, и на овие наши граѓани ќе им излезеme во пресрет и ќе им овозможиme Договорот да го склучат во нивниот дом“, изјави Маројевиќ.
Доколку е настаната статусна промена на сопственост (купопродажба, решение за наследување и сл.) новиот потрошувач потребно е да приложи на увид документ за идентификација, како и документ со кој се докажува сопственоста на станот, или објектот, како што е имотен лист, купопродажен договор или решение за наследување. (Линк до упатства)
„Работиме на тоа во следниот период да ги испраќаме договорите и по пошта за потрошувачите кои во меѓувреме не се префрлиле на новиот снабдувач и кои од свои причини не можат да пристапат на страната и да го симнат и испечатат документот. Значи тие ќе добијат два примерока по пошта и постапката натаму ќе биде иста. Ќе ги пополнат и ќе ги предадат на пунктовите“, изјави Маројевиќ.
Заклучно со вчера, склучени се 3.000 Договори за снабдување со топлинска енергија со потрошувачите.
Маројвеиќ рече дека динамиката и интензитетот на греењето кое се испорачува е регулирано со мрежните правила одобрени од Регулаторната комисија, кои и сега се исти како што биле и кога бил претходниот снабдувач.
„Имајќи предвид дека на почетокот на грејната сезона односно после 15 октомври надворешните временски услови се променливи, тие се посебно третирани во регулативата поврзана со условите за испорака на топлинска енергија во овој период на годината. Испораката на топлинска енергија до крајните потрошувачи се одвива под јасно регулирани правила согласно законските и подзаконските акти. Според правилата, снабдувањето со топлинска енергија на потрошувачите во месеците октомври и ноември, односно на почетокот од грејната сезона, зависи од надворешните температури и од атмосферските услови во различни периоди од денот. Така, за периодот од почеток на грејната сезона до 15 ноември, доколку е времето сончево и мирно, а надворешната температура е повисока од 11˚С, во периодот меѓу 09:00 и 14:00 часот работата на котлите се прекинува. Ако пак времето е облачно, котлите се гасат кога надворешната температурата ќе порасне над 14 степени. Следно мерење се прави во 18:00 часот, и греење се вклучува ако температурата во 18часот е 15 или пониска од 15 степени. Така што оваа грејна сезона не е ништо поразлична од ланската или таа пред неа“, објасни Маројевиќ.
Од ЕСМ апелираат до потрошувачите, заедниците на сопственици и управителите да ги обезбедат потребните услови за непречена испорака на топлинска енергија во објектите по почетокот на грејната сезона.
Во моментов во 26 објекти сè уште не се обезбедени бараните услови, односно имаат дефекти во внатрешната грејна инсталација, оневозможен е пристап на екипите на компанијата до топлинските станици или немаат електрична енергија во топлинските станици. Подетални информации за моментално затворените објекти може да се добијат и на веб страната на ЕСМ, во одделот Снабдување со топлина . Соработката од страна на потрошувачите е во интерес на сите страни за да се обезбеди навременa и квалитетна испорака на топлинската енергија.
За информации или пријави на дефекти и завршени интервенции, ЕСМ ги повика потрошувачите да се јават во Центарот за грижа за потрошувачи на телефонските броеви 02 3076 200 и 075 400 100“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Андоновски: Е-трговијата веќе не е алтернативен, туку доминантен економски модел
Владата на Република Македонија ја потврдува својата посветеност кон унапредување на електронската трговија како двигател на економијата, преку спроведување на јасна стратегија за дигитална трансформација, зајакнување на интероперабилноста и намалување на административните пречки за граѓаните и компаниите, изјави министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, на отворањето на 8-та Регионална Е-комерц конференција во Скопје.
Тој истакна дека е-трговијата веќе не е алтернативен, туку доминантен економски модел, кој бара силна поддршка од државата преку модерни дигитални платформи, регулаторна предвидливост и иновации ориентирани кон пазарот.
„Интероперабилноста што ја бесплатно ја овозможивме за повеќе од 76 институции и компании – со повеќе од 2.6 милиони безбедни трансакции месечно и раст од 260% – претставува не само успех на администрацијата, туку можност за приватниот сектор. Таа отвора простор за дигитални услуги, безбедна размена на податоци, брз пристап до потребните административни податоци и нови бизнис-модели што ја поврзуваат државата и компаниите во еден заеднички дигитален екосистем“, изјави министерот Андоновски.
Во рамки на поддршката за мали и средни претпријатија, Министерството за дигитална трансформација преку Европскиот дигитален иновациски хаб – INNOFEIT EDIH, им овозможува на компаниите пристап до лаборатории, дигитални алатки и експертска поддршка за тестирање нови технологии пред инвестирање. Овој хаб нуди и обуки за дигитални вештини во областа на вештачка интелигенција, сајбер-безбедност, автоматизација и интернет на нештата, со цел да ја зголеми конкурентноста на домашните компании на европскиот пазар.
Во истата насока, Националниот центар за вештачка интелигенција – Везилка, развива АИ решенија применливи и во приватниот сектор, со што создава услови електронската трговија да стане поефикасна, попаметна и побезбедна.
„Намалувањето на бирократијата и отворањето на податоците за бизнис-заедницата се клучни за модерна држава. Владата создава инфраструктура каде иновацијата е во центарот, а граѓаните и компаниите се вистинските корисници на дигиталната трансформација“, додаде Андоновски.
Тој најави дека во следниот период Владата ќе продолжи да инвестира во дигитална инфраструктура, унапредување на екосистемот за иновации, како и во програми за поддршка на стартапи и претприемачи во дигиталната економија.
Економија
„Виз Ер“ воведува евтина „бизнис класа“, можете да платите за да го задржите средното седиште празно
Нискобуџетната унгарска авиокомпанија „Виз Ер“ ќе започне со тестирање на таканаречената „основна бизнис класа“ на одредени летови од декември оваа година, нудејќи малку повеќе удобност во рамките на својата стандардна услуга без додатоци. Оваа нова функција ќе биде воведена на пет рути, вклучувајќи летови до Лондон, Рим и Будимпешта.
Концептот е едноставен – во првиот ред од авионот, средното седиште ќе биде оставено празно за да им се обезбеди на деловните патници повеќе простор и да се олесни качувањето. Мајкл Делехант, виш комерцијален и оперативен директор, нагласи дека цената нема да биде драстично повисока.
„Што се однесува до цените на билетите, таа никогаш нема да биде повеќе од цената на купување дополнително седиште“, изјави тој на прес-конференција.
Иако билетите за овие специјални седишта ќе бидат поскапи, патниците сепак ќе бидат третирани исто како и сите други.
„Повеќе се работи за ефикасноста на патувањето и малку дополнителен простор во авионот“, рече Делехант.
Воведувањето премиум услуги е тренд што го следат и американските нискобуџетни превозници за да се натпреваруваат со големите превозници.
Делехант забележа дека сè уште има силна побарувачка за нискобуџетни летови во Европа, но дека пазарот треба да се развива.
Економија
Поскапуваат бензините и дизелот
Бензините и дизелот од ноќеска на полноќ ќе поскапат за половина и за еден денар, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 4.11.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 74,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 76,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 71,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 69,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 36,913 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менува.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,856 ден/кг и сега ќе изнесува 36,913 ден/кг.

