Економија
Битиќи и Ковачевски: РЕК Битола работи со целиот капацитет за непречено 100 отсто обезбедување на струја
Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи беше во посета на РЕК Битола, каде заедно со директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски одржаа работен состанок со раководството и дел од производните единици, а го посетија и рудникот „ПЈС“ или поранешен „Суводол“.
Битиќи им се заблагодари на сите вработени во РЕК Битола од целиот народ за сé што прават, за сите напори кои ги вложуваат за да одговорат позитивно на предизвикот во кој што се наоѓаме со производство и снабдување со доволно количество електрична енергија од домашно производство, во целиот овој период на енергетска криза.
„Ова е вистинскиот одговор на кризата кој оваа Влада го дава. Рековме дека заеднички, со заеднички сили ќе го пребродиме овој период и ова е како се преземаат сите мерки за да обезбедиме доволно електрична енергија“, изјави вицепремиерот Битиќи.
Потсетувајќи дека штедењето на електрична енергија продолжува да биде одговорност за сите.
Производството на АД ЕСМ, 100% ги задоволи потребите за електрична енергија за потребите на домаќинствата и малите потрошувачи.
АД ЕСМ на 22.10.2022 година произведе 12.040 MWh електрична енергија со што целосно ги задоволи потребите за струја на домаќинствата и на малите потрошувачи исклучиво од сопствените, домашни капацитети.
„Продолжуваме со апелите за заштеда на електрична енергија и разумно трошење, време за опуштање нема“, изјави вицепремиерот Битиќи.
Директорот Ковачевски изјави дека е завршен ремонтот на термоелектраната и успешно е ставен во функција блок 1, а блок 2 континуирано е во функција.
„Во наредниот период се очекува да пристигне и трансформаторот за блок 3 со што ќе може да бидат во функција сите три блокови за производство на РЕК Битола“,изјави директорот Ковачевски.
Вицепремиерот Битиќи и директорот Ковачевски го посетија и рудникот „ПЈС“ или поранешен „Суводол“ каде констатираа дека има значителен ископ на домашен јаглен за производството на РЕК Битола, а со тоа и зголемено производство на електрична енергија.
„Даваме силна поддршка на вработените, во овие тешки услови да ги исполнат плановите, бидејќи имаме обврска од Владата и граѓаните да испорачаме 25% поголемо домашно производство на електрична енергија во текот на оваа година со цел пребродување на кризата. А, притоа да немаме рестрикции и да ја одржиме стабилна цената на електричната енергија“, рече директорот Ковачевски.
Вицепремиерот Битиќи и директорот Ковачевски заклучија дека сите преземени мерки и вложувања, кои се направија во последниот период, во дополнителна механизација, транспортни системи како и ремонтите кои што се направија во термоелектраните, денеска даваат резултат со зголемено производство на нашата најголема производна единица за електрична енергија РЕК Битола, што значи стабилен енергетски систем.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Забележителен раст на приходите, инвестициите и добивката на Реплек во првиот квартал од 2024 година
Со раст на оперативните приходи од 25%, на обемот на инвестиции и на добивката во првото тримесечје споредено со истиот период минатата година, „Реплек АД“ продолжи со успех да го реализира бизнис планот за 2024 година и својата долгорочна развојна стратегија која се темели на зголемување на продажбата на странските и на домашниот пазар, на иновациите во портфолиото на производи, како и на значителни вложувања во технолошкиот напредок и во развојот и добросостојбата на своите вработени.
Неревидираниот консолидиран финансиски извештај за работењето на Реплек АД во првиот квартал од 2024 година покажува дека во секторот фармација компанијата остварила раст на приходите од 26,9% во однос на истиот период минатата година. Во најголем дел ваквиот раст се должи на растот на приходите од продажба на странските пазари, каде се генерираат дури 80 % од вкупните приходи и кои во овој временски период се зголемени за 23 %, надминувајќи вредност од над пет (5) милиони евра. Позитивно влијание на ваквиот раст на приходите од извоз има отворањето на новиот пазар за производите на „Реплек АД“ во Туркменистан, што се очекува да придонесе за натамошно зголемување на извозните перформанси и резултати на компанијата.
Истовремено со растот на извозот, „Реплек АД“ продолжи да ја јакне и својата позиција на домашниот пазар, каде во Q1 2024 е остварен раст на приходите од продажба од 50 %, во споредба со истиот период лани.
Значителен раст во овој период од годината е забележан и кај инвестициите кои се зголемени приближно за пет и пол пати во однос на првите три месеци од 2023 година.
„Позитивните резултати на стартот на оваа година ни влеваат дополнителна енергија и мотив да продолжиме уште посилно во остварување на целите дефинирани во деловниот план за оваа година и во нашата стратегија за долгорочен одржлив развој. Остануваме посветени на инвестирањето во натамошна технолошка модернизација, како и на иновациите кои треба дополнително да збогатат нашето портфолио на производи, коишто веруваме дека ќе ни овозможат натамошно зајакнување на нашите позиции на домашниот пазар и ќе ни отворат нови можности и перспективи на странските пазари. Паралелно продолжуваме и со вложувањата кои треба да ја гарантираат натамошната добросостојба на нашите вработени. Веруваме дека ваквите напори ќе вродат со плод, ќе придонесат за натамошен раст на компанијата и ќе донесат дополнителна вредност за сите“, изјави главниот извршен директор на „Реплек АД“, Душан Пецовски.
Инаку, растот на приходите од продажба се одрази и на растот на консолидираната добивка пред оданочување на „Реплек АД“, која за првите три месеци од оваа година бележи зголемување за 24 % во однос на истиот период од минатата година.
(ПР текст)
Економија
Финансии побара до крајот на денов да се стави во мирување поскапувањето на осигурувањето на автомобилите при регистрација
Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност на денешната седница го разгледа доставениот извештај од Националното биро за осигурување поврзано со зголемените цени по основ на премија за вршење на дејноста на осигурување.
На состанокот Комисијата му укажа на Националното биро за осигурување и на регулаторот Агенцијата за супервизија на осигурувањето во текот на денешниот ден да им предложи на друштвата за осигурување до крајот на денешниот ден да ги стават во мирување одлуките за зголемување на трошоците и да ги вратат на ниво од пред 25 април 2024 година и да ја известат Комисијата во текот на денешниот ден. Ваквото укажување е со цел обезбедување транспарентност и предвидливост на процесите, имајќи предвид дека компаниите ниту поединечно, ниту преку Националното биро за осигурување го немаат известено регулаторот, односно Агенцијата за супервизија на осигурувањето ниту Комисијата дека планираат да ги зголемат трошоците по основ на премијата за вршење на дејноста на осигурување, и на тој начин не е обезбеден инклузивен пристап и кооперативност со сите засегнатите страни при донесување на одлуките.
Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност на денешната седница побара од регулаторот, односно Агенцијата за супервизија на осигурувањето, да изготви анализа за оправданоста и исправноста на донесените одлуки од страна на друштвата за осигурување, во насока на заштита на крајните корисници, а со цел обезбедување сеопфатна информација за донесување објективна и транспарентна одлука. Во правец на ова е укажувањето кон регулаторот за ставање во мирување на одлуката за зголемување на цената на трошоците од страна на друштвата за осигурување. Истовремено, побара од друштвата за осигурување преку Националното биро да дадат свој придонес во изготвување на анализата и предлог-заклучоци за промена на Тарифата на премии за осигурување на сопствениците на моторни возила од одговорност за штети предизвикани на трети лица.
На состанокот, Комисијата одлучи во најскоро време по доставување на анализата од регулаторот, односно Агенцијата за супервизија на осигурувањето, да свика седница и да ја разгледа доставената Информација и да донесе соодветни заклучоци.
Економија
Нови цени на бензинот и на дизелот од полноќ
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,57% во однос на одлуката од 22.4.2024 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 1,68%, кај дизелот намалувањето е за 2,026%, кај екстра лесното масло намалувањето е за 1,78% и кај мазутот зголемување е за 0,059%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,166%
Малопродажните цени на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-98, на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 не се менува.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 2,107 ден/кг и сега ќе изнесува 46,661 ден/кг.
„Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 30.4.2024 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени“, велат од РКЕ.