Регион
Вучиќ го објави составот на новата српска влада
Претседателот на Србија и лидер на Српската напредна странка (СНС) на денешната седница на Главниот одбор ги соопшти министрите во новата влада од оваа партија, меѓу кои не се досегашните министри Александар Вулин, Златибор Лончар, Небојша Стефановиќ, Јадранка Јоксимовиќ, Бранислав Недимовиќ, Зорана Михајловиќ.
На чело на новата Влада на Србија ќе биде досегашната премиерка Ана Брнабиќ.
Лидерот на социјалистите Ивица Дачиќ ќе биде министер за надворешни работи, како и шеф на Бирото за координација на безбедносните служби и прв вицепремиер.
Министер за внатрешни работи ќе биде прогресивецот Братислав Гашиќ, кој беше поранешен шеф на Безбедносно информативната агенција БИА.
Поранешниот градоначалник на Нови Сад и функционер на Српската напредна странка Милош Вучевиќ ќе го преземе секторот за одбрана и ќе биде вицепремиер. Синиша Мали останува на чело на Министерството за финансии, а ќе биде и вицепремиер, пренесе Радио Слободна Европа.
Тања Мишчевиќ ќе раководи со Министерството за евроинтеграции. Горан Весиќ, до неодамна заменик градоначалник на Белград, ќе биде министер за градежништво, транспорт и инфраструктура.
Томислав Момировиќ ќе раководи со Министерството за внатрешна и надворешна трговија. Момировиќ во претходниот мандат беше на чело на Министерството за градежништво, транспорт и инфраструктура. Маја Поповиќ останува министерка за правда.
Досегашниот директор на Јавното комунално претпријатие „Белградска електрана“, Раде Баста, ќе биде министер за економија. Социјалистот Бранко Ружиќ останува министер за образование. Јелена Танасковиќ ќе биде министерка за земјоделство, шумарство и животна средина.
Ирена Вујовиќ останува министерка за заштита на животната средина. Министерка за рударство и енергетика ќе биде Дубравка Негре. Со Министерството за државна администрација и локална самоуправа ќе раководи Александар Мартиновиќ. Маја Гојковиќ останува на чело на Министерството за култура.
Томислав Жигманов ќе раководи со Министерството за малцински права и социјален дијалог. Одделот за наука и иновации ќе го води Јелена Беговиќ. Даница Грујичиќ ќе биде министерка за здравство.
Досегашниот министер за надворешни работи Никола Селаковиќ ќе раководи со Министерството за труд, вработување. Дарија Кисиќ станува министерка за семејна грижа. Министер за туризам и млади ќе биде Хусеин Мемиќ, а за спорт Зоран Гајиќ. Милан Кркобабиќ ќе раководи со Министерството за грижа на селата.
Остануваат непополнети Министерството за телекомуникации и информации, како и Министерството за јавни инвестиции.
Лидерот на прогресивците Александар Вучиќ изјави дека дел од досегашните министри нема да бидат во новата влада, но дека ќе продолжат да извршуваат важни функции.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Земјотрес од 4,1 степени утрово во Србија
Утрово во 07:42 часот земјотрес со јачина од 4,1 степени според Рихтеровата скала е регистриран во регионот на Кладово, соопшти Републичкиот сеизмолошки завод.
Земјотресите со ваков интензитет можат да предизвикаат помали оштетувања на зградите во епицентралното подрачје, јавуваат српските медиуми.
Засега нема извештаи за евентуална штета.
Регион
Обвинителството бара продолжување на притворот на осомничените за убиството на двегодишната Данка
Вишото јавно обвинителство во Заечар му предложило на судот продолжување на притворот на Срѓан Ј. и Дејан Д., осомничени за убиството на двегодишното девојче Данка Илиќ за уште 30 дена.
Осомничените се во притвор од 6 април поради ризик од бегство, можност за влијание врз сведоци и уништување или отстранување на трагите на делото, како и вознемирување на јавноста.
Во притвор е и таткото на Дејан Д. под сомнение дека му помогнал на синот да го премести телото на девојчето.
Полицијата по 10-дневна потрага и детална проверка на сите трагови и информации, ги уапси С.Ј и Д.Д. за кои се сомнева дека девојчето го удриле со автомобил а пото нејзиното тело го ставиле во багажникот на колата и го однеле на депонија.
Телото на девојчето кое исчезна на 26 март во Бањско Поље кај Бор се уште не е пронајдено.
Регион
Црна Гора воведува седумчасовно работно време
Министерката за труд и социјална грижа на Црна Гора, Наида Нишиќ, најави дека до крајот на годинава граѓаните можат да очекуваат воведување седумчасовно работно време.
-Она што го најави премиерот Милојко Спајиќ во предизборната кампања ќе се случи во текот на оваа година, рече Нишиќ во емисијата „Линк” на Радио Црна Гора.
Таа додаде дека социјалните давачки во иднина ќе бидат поправични.