Македонија
СДСМ: За една година шпицниот градоначалник Мицкоски создаде хаос во општините

Хаосот што ВМРО-ДПМНЕ го создаде во Град Скопје е најголемиот доказ за неспособноста и неодговорноста на партијата предводена од Христијан Мицкоски, велат од СДСМ.
Шпицниот градоначалник Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, како што додаваат од оваа партија, целосно ја изневерија довербата на граѓаните.
„За само една година градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски создадоа целосен хаос во општините. Нефункционални јавни претпријатија, поскапи и понеквалитетни услуги за граѓаните, нема проекти, нема инвестиции, нема развој, но затоа има раце во мед за тендери, кавги за влијание и провизии. Тоа е резултат на шпицниот градоначалник Мицкоски. Тој самиот се постави како шпицен градоначалник на сите градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ. Мицкоски како неговиот ментор и шеф Никола Груевски оди по општините, иако нема никаква надлежност прави увиди и се фали со проекти на поранешните градоначалници од СДСМ“, истакнуваат од партијата на власт.
Потсетуваат дека „шпицниот Мицкоски во име на градоначалникот на Град Скопје, од партиска говорница самиот кажа дека лично тој преговара за набавки на 100 еколошки автобуси, исто како што правеше и Груевски“.
„Ете го резултатот на шпицниот градоначалник, наместо бесплатен превоз во Скопје се случи да нема превоз. Наместо помош за граѓаните во време на криза, има повисоки сметки за комунални услуги. Наместо почисти, имаме нај нечисти општини во историјата. Ветувањата пред граѓаните не се исполнуваат. Градоначалниците и локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ се најголемото разочарување“, потенцираат од владејачката партија.
Според нив, дефинитивно нема никаква промена во ВМРО-ДПМНЕ и како што оценуваат тоа е истата партија која ја интересираат само личните и бизнис интереси на поединци, додека интересите на граѓаните им се на последно место.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски на отворањето на Амбасадата на Казахстан во Скопје: Силна потврда кон продлабочување на билатералните односи

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска присуствуваше на официјалното отворање на Амбасадата на Република Казахстан во Скопје.
Тој ја поздрави минатогодишната одлука на Казахстан за отворање резидентна амбасада во нашата земја и изрази уверување дека овој чекор ќе придонесе за поинтензивна дипломатска комуникација и соработка.
Осврнувајќи се на досегашната билатерална динамика, Муцунски нагласи дека отворањето на резидентните амбасади – македонската во Астана во 2014 и казахстанската во Скопје во 2025 година – претставува силна потврда за посветеноста на двете држави кон продлабочување на односите и зближување на народите и културите.
„Отворањето на резидентната амбасада на Казахстан во Скопје е пријателски и позитивен чекор кој, без сомнение, ќе придонесе за подинамична и поструктурирана билатерална соработка. Тоа е јасен израз на заемната заложба за зајакнување на политичките односи, без оглед на географската оддалеченост. Нашите амбасади во Скопје и Астана се клучни двигатели на оваа визија, да го поттикнуваат дијалогот, да разменуваат перспективи и искуства и да соработуваат во справување со заедничките предизвици“, истакна Муцунски.
Во контекст на одбележувањето на 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Северна Македонија и Казахстан, министерот посочи дека двете земји ја потврдуваат подготвеноста за унапредување на политичката соработка, билатерално и во рамки на меѓународните организации, како и за интензивирање на економската и трговската размена и развој на секторска соработка во сите области од заемен интерес.
„Оваа триесетгодишнина не е само повод за одбележување, туку и можност за проширување на нашата билатерална агенда. Во време на зголемена глобална меѓузависност, вредноста на стратешките партнерства и суштинската соработка е поважна од кога било. Во тој дух го одбележуваме денешното отворање на Амбасадата на Казахстан – чин што ја зацврстува нашата дипломатска поврзаност и отвора нови можности за соработка“, додаде Муцунски.
Македонија
На граничните премини Табановце и Богородица се чека до половина час

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На граничните премини од македонска страна време на чекање на Богородица 20-30 минути, на Табановце 20-30 минути на останатите гранични премини нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
МВР со апел до граѓаните: да не отвораат линкови од СМС пораки, можат да бидат цел на криминални групи

Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи, ги информира граѓаните дека во изминатиот период се забележани зголемен број случаи на испраќање лажни SMS пораки кои лажно се претставуваат во име на телекомуникациски оператори.
„Овие пораки содржат линкови до лажно дизајнирани веб – страници со цел да ве наведат да внесете лични или финансиски податоци, кои потоа можат да бидат злоупотребени од страна на криминални групи.
Апелираме до сите граѓани да бидат крајно внимателни и да постапуваат одговорно: Не отворајте линкови од сомнителни испраќачи;
Не внесувајте лични податоци на непроверени страници;
Не одговарајте на вакви пораки;
Пријавете го случајот во најблиската полициска станица;
Блокирајте го бројот на испраќачот.
Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи активно презема мерки и води постапки во врска со вакви измами“, се истакнува во соопштението.