Економија
Алкалоид со продажби од над 178 милиони евра, инвестиции од 13,7 милиони евра и 161 нови вработувања годинава
Приходи од продажби
Според единечниот биланс на успех, во периодот јануари – септември 2022 година продажбите достигнуваат 8.161.698.989 денари, што е за 14 % повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Вкупните консолидирани продажби, пак, достигнуваат 10.988.914.294 денари, што е за 16 % повеќе во споредба со истиот период од минатата година.
Продажби според региони
Консолидираните продажби остварени на домашниот пазар се зголемени за 3 %, а вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен за 23 %. Од вкупните консолидирани продажби 31 % се остварени на домашниот пазар, додека, пак, 69 % се остварени на странските пазари. Гледано според региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 30 %, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 21 %, во земјите од Источна Европа (ЗНД, УКР, …) се остварени 16 %, а на другите пазари е остварен 2 % од вкупните консолидирани продажби.
Најголем пораст кај извозните пазари бележат продажбите остварени во Турција (раст од 169 %), Полска (раст од 161 %), Романија (раст од 138 %), САД (раст од 71 %), Грција (раст од 44 %), Бугарија (раст од 41 %), Германија (раст од 38 %), Ерменија (раст од 37 %), Косово (раст од 14 %), Црна Гора (раст од 11 %) итн. Во периодот јануари – септември 2022 година во сегментот фармација се реализираа и првите поголеми продажби во Португалија, во износ од 12,5 милиони денари и во Монголија, во износ од 12,8 милиони денари.
Продажби според групи производи
Гледано според групи производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби најголемо учество заземаат производите од сегментот фармација, и тоа 88 %. Од нив поголем удел имаат антибиотиците со удел од 24 %, препаратите ОТЦ со 18 %, кардиолошките препарати со 14 %, невролошките препарати заземаат 13 % од вкупните консолидирани продажби итн. Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 12 % во вкупните консолидирани продажби, поточно хемија учествува со 3 %, козметика со 7 %, а билкарство учествува со 2 %. Вкупните продажби бележат пораст кај сите профитни центри во споредба со остварените во истиот период од 2021 година. Сегментот фармација бележи раст од 17%, хемија од 16%, козметика од 5% и билкарство од 26%.
Инвестиции
Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари – септември 2022 година изнесуваат 841.996.474 денари.
Резултати од работењето
Единечната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА), која изнесува 1.917.509.370 денари, бележи зголемување од околу 14 %, додека, пак, единечната нето-добивка изнесува 1.160.140.040 денари и е зголемена за 19 %.
Консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА) достигна 1.980.880.390 денари и бележи раст од 12 %, додека, пак, консолидираната нето-добивка во износ од 1.140.263.568 денари е зголемена за 15 %.
При извршувањето на оперативните активности АЛКАЛОИД АД Скопје ангажираше над 1.000 домашни добавувачи.
Вработени
Во периодот јануари-септември 2022 година во АЛКАЛОИД АД Скопје се реализирани 161 нови вработувања во РС Македонија. Со одлука на Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје, во март 2022 година е одобрен и исплатен регрес за користење годишен одмор за вработените во компанијата во висина од нето износ од 30.000 денари. Групацијата АЛКАЛОИД брои 2.617 вработени, од кои 2.015 се во базата во Скопје, а 602 се вработени во подружниците во странство.
Податоци за акциите
Акциите на АЛКАЛОИД АД Скопје котираат на официјалниот пазар на Македонска берза за хартии од вредност од 2002 година и важат за едни од најтргуваните и најликвидните акции на берзата. Цената на акцијата во периодот јануари – септември 2022 година се движеше од 15.598,00 денари до 19.400,00 денари, или просечно 17.531,40 денари за една акција, што претставува раст од 14,8 % во споредба со просечната цена во истиот период од 2021 година. На 30.09.2022 година акциите на АЛКАЛОИД АД Скопје беа во сопственост на 5.309 акционери, физички и правни лица, a пазарната капитализација на компанијата изнесуваше 23 милијарди денари.
Бизнис-план за 2022 година
Бизнис-планот за 2022 година, донесен со одлука на Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје, на Седницата одржана на 29.12.2021 година, предвидува инвестирање на околу 14% од консолидираните приходи од продажбите во материјални и во нематеријални средства, раст од 8% на консолидираните продажби во однос на 2021 година, како и раст од 7% на консолидираниот профит пред оданочување во однос на 2021 година.
Бизнис-планот за 2022 година е базиран на очекувањата, проекциите и на можностите на тековните и на новите пазари и производи, достапни за компанијата во моментот на изготвување на планот. Околностите и настаните во 2022 година, а со тоа и остварените резултати, може да варираат во однос на прикажаните во бизнис-планот.
Очекувања за претстојниот период
Во изминатиот период друштвото се соочи со голем број интерни и екстерни предизвици и новонастанати ризици, генерирани од пандемијата на КОВИД-19 како и од енергетската и економската криза. Презедовме голем број мерки во досегашниот период, со цел неутрализирање на сите негативни ефекти, без притоа да се загрози здравјето на вработените и успешното работење на друштвото.
Во согласност со очекувањата, уште во текот на минатата година здравствената криза се претвори и во економска, а со тоа се појавија и нови предизвици во работењето. Она што како тренд започна во 2021 година и доминира и во 2022 година е забележителниот раст на цените на голем дел од влезните суровини и материјали, енергенсите, како и порастот на цените на транспортот на глобално ниво, а особено и значителните пролонгирања на роковите за испорака. Сето ова влијае и на стапката на инфлацијата што веројатно како тренд ќе биде уште понагласен во периодот што следи. Земајќи го предвид конфликтот помеѓу Русија и Украина, започнувајќи од 24 февруари 2022 година, АЛКАЛОИД АД Скопје презема неопходни мерки за заштита на инвеститорите, купувачите и вработените обидувајќи се да им овозможи безбедни услови.
Како најголем предизвик и прв приоритет за периодот што доаѓа и понатаму останува грижата за здравјето на вработените, како и одржувањето на тековната ликвидност, на финансиската стабилност и остварување на планските цели.
ПР
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Директорката на УЈП не призна грешка во испратените решенија за данок од работа во странство, но повика секој што има доказ дека е платен, да го достави
Решенија за оданочување на доход од странство за 2020 година Управата за јавни приходи (УЈП) законски морала да ги испрати заклучно со 31 декември, е објаснувањето на директорката Елена Петрова за пристигнатите решенија кај граѓаните на само неколку дена пред Нова година во кои им бараат да си платат данок за доходот од странство иако многумина кажуваат дека данокот е платен во странската земја со која имаме меѓународен договор за избегнување на двојно оданочување. Директорката Петрова денес долго објаснуваше за решенијата за данок на доход од странство, но во ниту еден момент не кажа дека има решенија кои се испратени по грешка оти данокот бил платен во странската земја. Таа објаснуваше дека целата активност е обемна, вклучува вкрстување неколку бази и податоци, дека работеле по доставени известувања од банките и за секој поединечно проверувале дали доходот подлежи или не подлежи на оданочување кај нас.
Оние кои пред Нова година постапиле по решението и вторпат уплатиле данок оти такви насоки добиле и од вработените во УЈП кога се пожалиле, директорката Петрова рече дека ќе ги добијат средствата назад или пак ќе им бидат пресметани за некоја од следните години. И нив и оние кои се уште не постапиле по решенијата ги повика да достават докази во канцелариите на УЈП доколку данокот е платен во странската земја.
„Секако дека ќе бидат земени предвид сите докази. Ќе се утврди, зависно од меѓународниот договор доколку со земјата имаме склучено меѓународен договор, каде треба да се плати данокот, а каде треба да се изврши поврат или доколку е возможно платениот данок во странство да се прифати како даночен кредит па на уплатата што е извршена овде може да се изврши враќање или да се прифати за друг долг за следна година на соодветното лице“, реле директорката Петрова и објасни дека секој случај ќе се разгледува поединечно и даночниот обврзник ќе биде дополнително известен дали доставениот доказ се прифаќа или не.
Директорката Петрова не кажа конкретно колкав период имаат граѓаните за да достават докази за платен данок на доход од странство но јавно ги повика да го сторат тоа.
„Имајќи предвид дека граѓаните мора да се вратат и да обезбедат докази за пет години наназад, за работа што се случила пред пет години, а доказите ги обезбедуваат од странски земји ние ќе им овозможиме на граѓаните и дополнително да достават докази, еве во овој период повикани се граѓаните, јавно ги повикувам и сега сите што имаат и што може да обезбедат докази да ги достават до сите даночни канцеларии на УЈП. Ние ќе ги разгледаме тие докази и што може, ќе биде прифатено. Доставените решенија мораше да бидат донесени до 31 декември, тоа се аконтативни решенија и после врз основа на тие решенија и врз основа на, се разбира дополнително доставените докази, ние треба да преминеме кон коригирање на годишната даночна пријава за 2020 година, односно на конечниот данок за 2020 година. После тоа ќе следат оние постапки за наплата, значи се уште имаме период во кој граѓаните доколку имаат докази можат да ги достават“, објасни директорката Петрова.
За данокот на доход остварен во странство, директорката Петрова кажа дека УЈП испратило над 11.000 персонализирани известувања со секој граѓанин што се појавил во податоците. Утврдиле дека 6.600 граѓани од нив подлежат на оданочување. 2.200 граѓани сами поднеле пресметка за оданочување, а за 4.400 Управата донела решенија по службена должност.
Вкупно утврдениот данок изнесува 186 милиони денари или три милиони евра за 2020 година.
Директорката Петрова нагласи дека главна цел не е само да се соберат пари туку да се создаде даночна дисциплина.
„Јас апелирам граѓаните да си ги обезбедат во овој период што им е даден и доказите за другите години бидејќи ние ќе го утврдуваме данокот и за следните периоди од 2021 до 2025 година и редовно да си ги пријавуваат отсега натаму доходите остварени во странство. Нашата цел не е само тој данок да се утврди и плати туку и отсега понатаму да се воспостави ред и функционирање на системот“, рече директорката Петрова.
Доходот се пријавува по истекот на месецот до 10. во следниот месец освен доходите од плата и пензија кои што се пријавуваат до 31 март по истекот на годината
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,94% во однос на одлуката од 29.12.2025 година.
Од 06.01.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 70,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 72,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 64,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 64,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 32,801 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95, ЕУРОСУПЕР БС-98 и ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалуваат за 0,50 ден/лит,.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менува.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,848 ден/кг и сега ќе изнесува 32,801 ден/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 1,200% кај дизелот за 1,395%, кај екстра лесното масло за 0,463% и кај мазутот намалувањето е за 3,841%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е за околу 0,0031% повисок од курсот на доларот.
Економија
До 1 милион евра помош од државата ќе добијат компании за истражување и развој, а 4.400 евра годишно по лице ќе добиваат компаниите со нови вработувања
За да ја намали невработеноста за 20 %, колку што бара од нас Европската Унија, Владата од овој месец нуди поддршка за компаниите со нови вработувања и за компаниите со истражувања и развој. Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, поддршката од државата за компаниите заедно со измените на законите кои дозволуваат сезонски вработувања на невработени вработени, студенти и пензионери без да ги изгубат стекнатите права, очекува значително да се намали невработеноста во земјава.
„Од први јануари 2026 година почнува да се применува и Законот за финансиска поддршка на инвестициите кој претставува силен инструмент за поттикнување на економскиот раст, зголемување на конкурентноста и отворање на нови, квалитетни работни места. Со овој закон државата обезбедува финансиска поддршка за компании кои инвестираат, остваруваат раст на приходите и ја задржуваат стабилноста на вработувањето. Поддршката е насочена кон нови вработувања со повисоки плати при што компаниите може да добијат до 20% од исплатената нето плата односно до 4.400 евра годишно по лице како и значителна поддршка за истражување и развој до 50% од оправданите трошоци и максимален износ до еден милион евра“, рече министерот Дурмиши.
Поддршката од државата, според министерот, е охрабрување за трансформација на економијата кон поголема продуктивност и додадена вредност, а комбинацијата од двата закона вели дека е начин за сузбивање на сивата економија како и активна финансиска поддршка на формалната економија.
„Тоа е јасен сигнал дека државата создава стабилна, предвидлива и фер деловна клима со повеќе формални работни места за работниците и силна поддршка за компаниите кои инвестираат и придонесуваат за растот на нашата економија“, рече министерот Дурмиши.
Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2024 година во земјава имало околу 694 илјади вработени, од кои приближно 85 илјади биле неформално ангажирани. Со олеснувањето за работно ангажирање сезонски работници министерот Дурмиши очекува 12.000 сезонски работници во земјоделството да бидат регистрирани за работата и околу 5400 непријавени работници во туризмот, угостителството и услугите. Очекувањата се вкупно 17.400 лица да бидат опфатени со измените кои според министерот носат корист и за работниците и за работодавачите. „Работодавачите добиваат флексибилност и поедноставна административна постапка, а работниците добиваат исплата по час, придонеси за пензиско и инвалидско осигурување, дополнителен придонес за задолжително здравствено осигурување во случај на повреда на работа или професионално заболување како и јасна правна заштита на нивните права. На овој начин воспоставуваме поправедни и потранспарентни услови на пазарот на трудот“, рече министерот Дурмиши.
Во првата фаза за сезонските работници се опфатени дејностите каде што анализите покажале дека сивата економија е најизразена – земјоделството, шумарството, рибарството, објектите за сместување, сервисните дејности за храна и дејностите во домаќинството.

