Македонија
Лицата со попреченост од 1 ноември може да поднесат барање за користење повластени паркинг-услуги
ЈП „Градски паркинг“ – Скопје информира дека од утре, 1.11.2022 година (вторник), почнува со процедурата на прибирање барања од страна на лица со попреченост за користење повластени паркинг-услуги за календарската 2023 година. Барањата може да се поднесат во текот на ноември.
„За таа цел, ги повикуваме сите заинтересирани лица со попреченост, кои се жители на град Скопје, во периодот од 1.11.2022 до 1.12.2022 година, до ЈП ‘Градски паркинг’ – Скопје, да достават уредно пополнето барање или да го пополнат на самото место во канцелариите на претпријатието на улицата Ѓуро Стругар бр. 15 А и во прилог да ги достават следните документи:
· копија од важечка сообраќајна дозвола, со која се утврдува дека возилото е регистрирано;
· лична карта на увид од лицето со посебни потреби;
· инвалидска книшка на увид;
· потврда од матичен лекар со точно наведена дијагноза во оригинал, не постара од 1 (еден) месец;
· решение од ПИОМ за степен на телесно оштетување на увид;
· лекарски наод од специјалист на увид.
Доколку лицето што е заинтересирано за поднесување на барањето не е во можност лично да ги поднесе документите, тоа може да го стори негов роднина или близок, со потпис од корисникот на самото барање и комплетната документација што се бара.
Во согласност со програмата за повластено користење паркинг-услуга на јавните паркиралишта и површини наменети за паркирање со кои стопанисува ЈП ‘Градски паркинг’ – Скопје од страна на лица со попреченост за 2023 година, право за повластено користење имаат лицата со попреченост на кои им е дијагностицирано: дистрофија, мултиплекс склероза, церебрална парализа, параплегија, хемиплегија, квадриплегија, детска парализа, (полиомилитис), како и слепи лица со оштетување на видот над 90 %, лица на дијализа и лица со ампутација на рака или нога со признато телесно оштетување од 8% утврдено со акт на надлежната комисија во Фондот за пензиското и инвалидското осигурување на Македонија.
Потребната документација треба да се достави во канцелариите на ЈП ‘Градски паркинг’ – Скопје на улицата Ѓуро Стругар бр. 15 А (во зградата до катната гаража „Беко“), во периодот од 1 ноември 2022 до 1 декември 2022 година“, е наведено во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Изменет сообраќаен режим поради Задушница
Поради верскиот празник Задушница денеска од 6:00 часот ќе биде воведен посебен режим на сообраќај во Скопје, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).
Од Единицата за безбедност на патниот сообраќај при Секторот за внатрешни работи (СВР) Скопје информираат дека сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока, односно кружно. Сите возила ќе се упатуваат по улица „Бутелска”, лево по улица „Александар Урдаревски”, лево по улица „Боца Иванова” и десно до влезот на гробиштата Бутел. За излез, возилата ќе се движат десно по улица „Боца Иванова”, до кружниот тек на улица „Бутелска”, па лево по улица „Бутелска” и десно по улица „Кемал Сејфула”.
Посебен режим на сообраќај ќе биде воведен и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.
Македонија
Денес е Задушница – спомен за починатите
Православните христијани денеска ја одбележуваат Задушница во знак на сеќавање на починатите.
Оваа Задушница секогаш се паѓа в сабота пред месопусната недела во пресрет на велигденскиот пост и празникот Прочка.
Црквата пропишала посебни денови во годината – задушници, кога верниците се молат за покој на душите на починатите. Задушница е секогаш в сабота, ден кој црквата го одредила за помен и молитва за упокоените.
На задушница се оди во црква каде што се служи литургија и парастос. На овој ден се посетуваат гробиштата каде што со молитва, пченица и лепче осветено со црвено вино се изразува помен за починатите. На Задушница верните им даваат милостина на сиромашните во име на покојните и се молат за покој на нивните души.
Македонија
Променливо облачно со дожд и засилен ветер
Времето денеска ќе биде променливо облачно, а во попладневните часови и во текот на ноќта ќе има врнежи од дожд. Наместа врнежите ќе бидат пообилни и ќе надминат 20 литри на метар квадратен.
Како што соопштуваат од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), ќе дува засилен, повремено силен ветер од југоисточен правец, кој ќе биде поизразен долж Повардарието. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 5, а максималната ќе достигне од 12 до 16 степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, попладне и во текот на ноќта со врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен југоисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Според најавите од УХМР, под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса утре попладне, во текот на ноќта и во недела ќе има врнежи кои повремено наместа ќе бидат пообилни и ќе надминат 25 литри на метар квадратен. На планините врнежите ќе бидат од снег, а на повисоките места од дожд и снег. Локално ќе има услови за појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи и силен ветер.
Во понеделник во текот на ноќта и во вторник се очекува заладување со нови пообилни врнежи, кои на планините ќе бидат од снег, а на повисоките места од дожд и снег. Стабилизирање на времето се очекува од средината на следната седмица.

