Топ
(Видео) Пресечен меѓународен канал за транспорт на дрога вредна речиси 250.000 евра

На 1.10.2022, од страна на Единицата за недозволена трговија со дрога, Сектор за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи при Одделот за криминалистичка полиција во координација со СВР Велес и Царинската управа, пресечен е меѓународен транспорт на наркотични дроги и запленети се речиси 67 килограми марихуана, со проценета вредност од приближно 250.000 евра.
По добиени информации за можен транспорт на наркотични дроги, од страна на Единицата за недозволена трговија со дрога преземени се интензивни мерки за проверка и анализа, при што е дојдено до информации и утврдување на идентитетот на лицето што е инволвирано во вршење на транспортот.
Веднаш по ова, координирани се полициски службеници од Отсекот за дрога при СВР Велес, кои околу 15.30 часот на наплатна станица „Отовица“, во правец на Скопје, запреле возило „фолксваген туран“, со скопски регистерски ознаки, управувано од Д. Ј. (46) од Скопје. Под сомнение дека со возилото се пренесува наркотична дрога, тоа е пренесено на граничниот премин Блаце, каде што од страна на тим од мобилна царина и со употреба на службено царинско куче, извршен е детален преглед и во возилото е откриен специјално направен простор – бункер во подот од возилото вклучувајќи го и подот од багажниот простор, како и резервоарот од самото возило, кои биле исполнети со повеќе пакувања со марихуана во количина од приближно 67 килограми, соопшти портпаролот на МВР, Сузана Прањиќ-Талевска.
Лицето за паричен надомест од 2.500 евра требало со своето возило да ја транспортира дрогата од Република Албанија преку територијата на нашата земја до Република Турција како крајна дестинација. Денеска (2.11.2022), од страна на СВР Велес до надлежното ОЈО Велес ќе биде поднесена кривична пријава за сторено кривично дело по член 215 од Кривичниот законик, а лицето ќе биде спроведено пред судија на претходна постапка од Основниот суд Велес.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Можно е гласачкото ливче да биде седум-осум метри, ама ако изборниот процес е неуспешен, Владата именува повереници, предупреди Мицкоски

Одлуката на Државната изборна комисија независните кандидати да може да поднесат кандидатури за локалните избори со само два потписа од избирачи можно е да направи хаос на гласачките ливчиња. Премиерот Христијан Мицкоски предупреди дека ако изборниот процес е неуспешен, Владата има можност да именува владини повереници.
„Не исклучувам ни таква можност, можно е гласачкото ливче да биде седум-осум метри, можно е гласачкото ливче да ги обесхрабри граѓаните да излезат, да се намали цензусот, но тука сакам да предупредам дека во согласност со Уставот и законот, ако не е успешен избирачкиот процес, Владата е таа што именува владини повереници. Неодговорното однесување на поединци и од одделни политички партии резултира со ваков тип на можности. Сега, дали тоа ќе се случи, ќе видиме многу бргу од денеска. До 1 септември треба да заврши овој процес, па да видиме како ќе биде, инаку не ја исклучувам и оваа можност“, рече премиерот Мицкоски по увидот во градежните активности за нова градинка во Драчево.
Државната изборна комисија (ДИК) за претстојните локални избори донесе нов правилник, со кој се олеснува процесот за кандидирање независни кандидати за градоначалници и за советници. Според новите измени, за поднесување кандидатска листа од група избирачи потребни се само два потписа. Ваквата одлука следува по укинувањето на два члена од Изборниот законик од страна на Уставниот суд, со што се создаде правна празнина во постапката за собирање потписи.
Краен рок за поднесување кандидатури е 13 септември. Првиот круг за гласања е закажан за 19 октомври.
Топ
Загина 19-годишник: со „мерцедес“ излетал од регионалниот пат Струга – Дебар

Вчера околу 23:30 часот во ОВР Струга било пријавено дека на регионалниот пат Струга-Дебар, во село Велешта, струшко, патничко возило „мерцедес“ со струшки регистарски ознаки, управувано од 19-годишниот Е.Н. од село Велешта, излетало од коловозот.
Од здобиените повреди на местото на несреќата починал возачот Е.Н., а лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт.
Увид на местото на несреќата извршила увидна екипа на ОВР Струга, а по наредба на јавен обвинител телото на починатиот било дадено на обдукција.
фото: архива
Македонија
Со закана изнудил 1,5 милион денари, поведена истрага за едно лице

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје, постапувајќи по кривичната пријава од Министерството за внатрешни работи против едно лице за кривично дело – Измама, денеска ги разгледа наводите и прибавените докази, по што против осомничениот одлучи да поведе истрага за продолжено кривично дело – Изнуда по член 258 став 1 во врска со член 45 од Кривичниот законик.
Пријавениот, во периодот од 15.07.2025 до 28.07.2025, со намера да се стекне со противправна имотна корист, уверувал едно лице дека против него ќе биде поведена судска постапка доколку не исплати околу 1.500.000 денари.
Познавајќи го оштетеното лице од минатото, во повеќе наврати од различни телефонски броеви, претставувајќи се во име на министерот за внатрешни работи и тројца јавни обвинители, преку пораки го контактирал осомничениот и ги барал од него паричните средства со цел да биде изземен од обвинение, односно да не биде спроведена постапка против него.
Оштетеното лице, во четири наврати на различни локации во Скопје, му ги дало на осомничениот побараните парични средства.
Јавниот обвинител донесе одлука да поведе истрага за изнуда, бидејќи од преземените дејствија на осомничениот произлегува дека тој користел сериозна закана да го присили оштетениот да стори нешто на штета на својот имот. За ова дело е предвидена построга затворска казна која изнесува најмалку една година, а може да биде изречен и законскиот максимум.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот.