Европа
Петрушев: Киев работи на валкана бомба

Секретарот на рускиот Совет за безбедност, Николај Патрушев, изјави дека украинските сили продолжуваат со гранатирање на нуклеарната централа во Запорожје и покрај посетата на делегација на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ).
„Украинските неонацистички сили продолжуваат да го гранатираат Запорожје користејќи оружје добиено од Запад, што може да предизвика глобална катастрофа. За жал, посетата на делегацијата на МААЕ не доведе до крај на нападите и меѓународната осуда на режимот во Киев“, рече Патрушев на состанокот на шефовите за безбедност на Комонвелтот на независни држави (ЗНД), пренесува ТАСС.
Тој додава дека руските сили спречиле терористички напад на Запорожје.
„Добивме информации дека нашите специјални служби спречиле терористички напад на нуклеарната централа ‘Запорожје’“, рече Петрушев.
Петрушев исто така изјави дека Украина подготвува валкана бомба со поддршка на Западот и дека безбедносната ситуација може да излезе од контрола доколку Киев не престане со намерата да го користи ова опасно оружје.
„Според достапните податоци, Украина работи на создавање валкано нуклеарно оружје. Сметаме дека овој процес се одвива со учество на западни патрони. Затоа изразуваме многу сериозна загриженост. Тоа е опасна ситуација, која се заканува да се претвори во глобална катастрофа доколку не се спречи“, заклучи секретарот на рускиот Совет за безбедност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Русите ја нападнаа Одеса

Во напад на руски беспилотни летала врз пристанишниот град Одеса на Црното Море во текот на ноќта повредени се три лица, предизвикани се пожари и оштетени се домови и цивилна инфраструктура, соопштија утринава властите во јужниот украински регион.
„Непријателот повторно ја нападна Одеса со масовен напад со беспилотни летала“, рече Олех Кипер, гувернер на регионот, чиј административен центар е градот Одеса, на апликацијата за пораки „Телеграм“, но сè уште не е познат целосниот обем на нападот.
Украинските воздухопловни сили обично известуваат за детали за руските напади што траат во текот на ноќта подоцна утрото.
Во објава на „Телеграм“ службите за итни случаи на Украина објавија дека три лица се повредени и дека како резултат на нападот избувнале неколку пожари во градот.
Градоначалникот на Одеса, Генадиј Труханов, објави фотографија на која се урнати станбени згради и други објекти, а на друга работниците за итна помош бараат низ урнатините, а куче ѕирка зад куп дрва.
„Ројтерс“ не можеше независно да ги потврди извештаите. Двете страни негираат дека целеле цивили во војната што Русија ја почна со сеопфатната инвазија на Украина пред повеќе од три години.
Кон крајот на март САД соопштија дека постигнале посебни договори со Украина и Русија за запирање на нападите над Црното Море и едни со други енергетски цели.
Двете страни постојано меѓусебно се обвинуваат за кршење на мораториумот.
Европа
Најнови информации за здравјето на папата Франциско: Ватикан се огласи во пресрет на Велигден

Здравјето на папата Франциско се подобрува, со забележителни подобрувања во неговите моторни, респираторни и гласовни функции, соопшти прес-службата на Ватикан.
Папата, кој ја напушти римската болница „Гемели“ на 23 март, каде што се лекуваше од пневмонија, наводно ги продолжува своите работни активности и средби со претставници на Светата столица, а подготвил и напишал медитации, кои ќе бидат прочитани за време на богослужбата на Велипеток во пресрет на Велигден.
Прес-службата објави и дека папата сега поретко прима кислородна терапија, која во моментот е сè поограничена, а продолжува и со физиотерапијата, пренесува „Ватикан њуз“.
Објавен е и планот за прослави и миси за време на Страсната недела, но сè уште не се знае дали на нив ќе присуствува и поглаварот на Римокатоличката црква.
Папата Франциско периодот од 14 февруари до 23 март го помина во болница, во кој се лекуваше од билатерална пневмонија.
Европа
ЕУ му се закани на Вучиќ ако отпатува во Москва за парадата; Захарова: Ова е евронацизам

Србија би можела да биде блокирана во процесот на пристапување во Европската унија доколку нејзиниот претседател Александар Вучиќ следниот месец отпатува во Русија на парадата за Денот на победата, објави вчера Телеграф.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, овие предупредувања од Европската унија ги нарече „евронацизам“.
„Ако ова е вистина, тогаш евронацизмот се оживува пред нашите очи“, рече Захарова.
„Пред 80 години, фашистите на ист начин ги принудија оние што ги сметаа за ‘граѓани од втор ред’ да се откажат од својата татковина, народ и религија“, објави таа на нејзиниот канал на Телеграм.
Руските државни медиуми објавија дека Александар Вучиќ ќе биде еден од странските државници на настанот, како и дека Србија ќе учествува со воени единици и опрема на спектаклот на 9 мај. Како одговор, европските претставници го предупредија Вучиќ дека неговата посета ќе биде кршење на критериумите за членство во ЕУ и на тој начин ќе ги загрози европските амбиции на Србија.
„Треба јасно да им ставиме до знаење дека одредени одлуки имаат цена“, изјави Џонатан Всевиов, генерален секретар на естонското Министерство за надворешни работи. „Последицата е тоа што нема да влезе во Европската унија.“
„Русите многу се трудат да доведат странски гости… Ова ќе биде важен тест за нас. Во основа гледаме дали тие се на наша страна или играат за друг тим“.
Каја Калас, највисокиот дипломат на Европската унија, рече дека министрите за надворешни работи на ЕУ на вчерашната средба разговарале за учеството на земјите кандидати на церемонијата во Москва.
„Се разговараше многу јасно и неколку земји-членки рекоа дека секое учество на паради или прослави на 9 мај во Москва нема да биде сфатено лесно од европската страна, имајќи предвид дека Русија води вистинска, сеопфатна војна во Европа“, изјави таа за новинарите по состанокот.
Србија долго време се обидува да одржи добри односи и со Брисел и со Москва во исто време.
Таа аплицираше за членство во ЕУ во 2009 година и доби статус на кандидат во 2012 година. Пристапните преговори на Србија беа закочени во последниве години.
Белград одби да воведе западни санкции кон Русија како одговор на војната, која повеќето земји-членки на ЕУ ја бараат како услов за членство. Русија е сопственик на единствената нафтена рафинерија во Србија и одбива да ја продаде, со што Србија економски зависи од Москва.
Каја Калас беше принудена да ги предупреди другите членки на ЕУ да не учествуваат на парадата на Денот на победата на Путин, која оваа година ја одбележува 80-годишнината од поразот на нацистичка Германија во Втората светска војна.
Словачка, членка на ЕУ со блиски врски со Москва, исто така е поканета на настанот следниот месец.
Роберт Фицо, словачкиот премиер, минатата година рече дека ќе присуствува и е еден од ретките лидери на ЕУ што се сретнал со Путин во повеќе од три години откако Русија ја нападна Украина.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој се смета за најблизок сојузник на Путин во Европа, нема да присуствува.
„Ги поканив сите членови, како и претставници на институциите, што почесто да го посетуваат Киев за да ја покажеме нашата солидарност и дека стоиме со Украина“, рече Калас.