Македонија
(Видео) Русковска: Опозицијата не ме запишува, а позицијата ме отпиша
За Вилма Русковска, Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција функционира одлично и има резултати. Но, признава дека има и притисоци.
Според нејзиното сведочење при дебатата на „А1он“, ѝ рекле: „Внимавај што правиш, можеш да завршиш како Катица Јанева“. Очекува победа, а сигурна е 102,5 %. Во дебатата Русковска посочи: „Опозицијата не ме запишува, а позицијата ме отпиша“.
„Не се согласувам дека Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција има мала доверба. Напротив“, додаде таа.
Одговори и дали барала одобрение пред да гони актуелни функционери од власта.
„Јас знаете што реков кога почнав да гонам актуелни функционери. Имаше една реченица во ‘Среќна Нова 49’, легендарна реченица, и секогаш ја споменувам: ‘Истокот нè отпиша, Западот не нè запишува’. Значи, мене опозицијата никогаш ме немала запишано, а позицијата ме отпиша“, рече Русковска, па одговори на тоа што значело нејзиното запишување кај власта, која сега ја отпишала.
Себеси се претстави како безгрешна. Не ги прифати забелешките од колегите, кои претендираат да ја добијат позицијата, дека пречесто била на телевизија и коментирала за дисциплинската постапка.
„Одлично си ја работам работата“, контрира Русковска.
Таа одговараше и дали ги штитела обвинителите што не работеле во ОЈО ГОКК. Зборуваше и за „тресењето од гаќи на судиите“.
На прашањето дали камшикот удри по нејзиниот грб, таа додаде: „Па не, ако мислите дали ми е загрозен угледот меѓу колегите, мислам не. Напротив, мислам дека сега имам поголема поддршка од колегите отколку што сум имала претходно“.
Обвинителката, ако не стане шефица, нема да се врати да биде основна обвинителка, открива во дебатата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Работниците се двојно попродуктивни од она што го добиваат преку платите, велат од ССМ
Македонските работници создаваат повеќе од двојно поголема економска вредност од она што го добиваат како плата, покажуваат податоците на Меѓународната организација на трудот (ILO), кои денеска ги посочи Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ).
Според индикаторот за бруто домашен производ по одработен час, продуктивноста во Македонија изнесува околу 34 американски долари по час, што е над светскиот просек од 23,27 долари. Пресметано на месечно ниво, со просечни 168 работни часови, еден работник создава 297.024 денари економска вредност.
Наспроти тоа, нето минималната плата во државата изнесува 24.379 денари, што значи дека работник кој зема минимална плата добива само 17 проценти од вредноста што ја создава.
Од ССМ оценуваат дека распределбата на создадената вредност е „непропорционална и неправедна“, при што најголемиот дел завршува во профит, инвестиции, амортизација, даноци и други капитални трошоци, а не кај работниците.
-Очигледно е дека обидите да се сопре растот на минималната плата не произлегуваат од продуктивноста на работниците, туку од тоа колку се богати газдите и функционерите на сметка на работничкиот труд, наведуваат од ССМ.
Според синдикатот, продуктивноста на македонските работници е повисока од онаа во дел од земјите во регионот, како Црна Гора, Србија, Босна и Албанија, а блиску до нивото на Бугарија. Сепак, минималната плата во Македонија останува значително пониска од повеќето соседни земји.
ССМ заклучува дека работниците се експлоатирани, а ваквата состојба, според нив, е поддржана од страна на работодавачите и институциите, нагласувајќи дека во државата постои економски простор за поголем раст на платите.
Македонија
Осомничениот за убиството за жената од Челопек е поврзан и со други кривични дела
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Куманово изврши увид на лице место во селото Челопек, каде беше пронајдено безживотно тело на 78-годишна жена, за која постојат сомненија дека насилно била лишена од живот.
Од Обвинителството информираат дека се издадени повеќе наредби за обезбедување докази и траги од местото на настанот, кои ќе бидат предмет на дополнителни вештачења со цел целосно расчистување на случајот.
Во врска со настанот, едно лице е лишено од слобода под сомнение дека е сторител на кривичното дело убиство. Постојат индиции дека истото лице во претходниот период можеби било инволвирано и во други кривични дела на подрачјето на кумановско, поради што, по наредба на јавен обвинител, се преземаат интензивни дејствија за утврдување на сите околности и евентуалната поврзаност меѓу настаните.
Од Обвинителството посочуваат дека по целосно испитување на фактите и прибирање на сите релевантни докази ќе биде поведена соодветна постапка против осомниченото лице.
Македонија
Мицкоски: Пораките на Марко Рубио од Минхенската безбедносна конференција се јасен сигнал за сите сојузници
Пораките на американскиот државен секретар Марко Рубио од Минхенската безбедносна конференција се јасен сигнал за сите сојузници, светот веќе не функционира по старите правила. Како Влада, продолжуваме посветено да го зајакнуваме нашето место во трансатлантската заедница.
Подготвени сме да одговориме на предизвиците, да ја модернизираме нашата одбрана и да обезбедиме сигурна иднина за нашите граѓани, објави премиерот Христијан Мицкоски, од Минхен.
Мицкоски од вчера престојува во повеќедневна посета на Сојузна Република Германија, каде што учествува на 62. Минхенска безбедносна конференција, на која, како што соопшти владината прес-служба, ќе ја реафирмира определбата на државата за предвидлив и фер процес на интеграција во Европската Унија, без дополнителни билатерални условувања.

