Регион
Србите на собир во Митровица, вечерва најавено обраќање на Вучиќ, КФОР повикува на воздржаност

Српската листа за денеска во 12 часот најави собир во северниот дел на Митровица, по одлуката на градоначалниците на четири општини со мнозинско српско население на северот на Косово, советници, министри, заменици во косовската влада, судии, обвинители и припадниците на косовската полиција да поднесат неотповиклива оставка, јавуваат медиумите во регионот.
Според најавите, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, вечерва во 21:00 часот ќе и се обрати на јавноста во врска со последните случувања и потези на Приштина.
Амбасадорот на Србија во САД, Марко Ѓуриќ на Твитер изјави дека „во суштина, антиамериканската влада на Косово предизвикува хаос и го дестабилизира југоисточното крило на Европа во многу критичен момент“.
„Ја следиме ситуацијата и тесно соработуваме со лидерите во Белград и Приштина, како и со нашите меѓународни партнери, со цел да се одржи безбедна средина за сите луѓе на Косово, по одлуката на Србите од северот на Косово да ги напуштат институциите и по порастот на нови тензии“, најави и мисијата КФОР на Косово, според медиумите.
Тие ги повикаа сите да се справат со несогласувањата и да разговараат за нив како дел од конструктивен дијалог, пренесува „КоССев“.
„И Белград и Приштина мора да покажат воздржаност и да спречат ескалација. КФОР останува буден и подготвен да интервенира доколку стабилноста е загрозена“, вели заменик-генералниот секретар на НАТО.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Тројца загинати и седум лица во тешка состојба по превртување на автобус кај Сремска Митровица

Состојбата на повредените во тешката сообраќајна несреќа што се случи кај Сремска Митровица, во која животот го загубија три лица, и понатаму е сериозна, изјави денеска директорот на Општата болница во Сремска Митровица, д-р Војислав Мирниќ.
„Хоспитализирани се 39 пациенти. Од нив, седум се со потешки повреди и се наоѓаат на одделенијата за интензивна нега, додека 15 пациенти се подготвени за отпуст,“ рече Мирниќ.
Тој прецизираше дека 13 пациенти од Одделението за општа хирургија и двајца од Одделението за ортопедија се во стабилна состојба и наскоро ќе бидат пуштени дома.
„Се врши дополнителна дијагностика за сите пациенти, а во наредните 48 часа очекуваме уште дел од нив да бидат подготвени за отпуст. Посетите во болницата се дозволени од 14 до 16 часот,“ додаде Мирниќ.
Во несреќата, која се случила на патот меѓу Сремска Митровица и селото Јарак, загинале три лица – две на самото место и едно во болница, од последици на тешките повреди.
Вкупно 61 патник бил прегледан во митровачката болница, а 39 лица биле задржани на лекување. Осуммина се на интензивна нега, дваесетмина на општа хирургија, а единаесетмина на ортопедија.
Еден пациент е префрлен во Ургентниот центар во Нови Сад, а друг во Белград на понатамошно лекување.
Автобусот на превозникот „Сирмиум бус“, кој превезувал работници, под засега непознати околности излетал од патот и се превртел. Возачот на автобусот, Д. К. (1955), е уапсен поради сомнение дека ја предизвикал несреќата во која загинаа три лица. Нему му е одредено задржување до 48 часа, по што ќе биде изведен пред надлежното обвинителство со кривична пријава.
Регион
Трета жртва од тешката сообраќајка во Сремска Митровица – почина за време на операцијата

Уште едно лице загинало по сообраќајната несреќа што се случи денес во Сремска Митровица, кога автобус се преврте и излета од патот. Ова е третата жртва на ужасната сообраќајна несреќа.
Како што објави „Н1“, лицето загинало за време на операцијата.
Како што претходно беше објавено, возачот на автобусот е приведен и во притвор до 48 часа.
Повредени се околу 80 лица. Причините за несреќата засега не се познати.
Регион
Вучиќ: Србија ќе се приклучи на развојот на руската вакцина против рак

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека разговарал со Александар Кецман, директор на Институтот „Гамалеја“ во Москва, кој го информирал дека во Русија се развива вакцина против рак.
„Ми објаснија одредени работи. Имаме голем процент на заболени од рак. Оваа вакцина е поинаква, бидејќи им помага на веќе болните луѓе — не е превентивна. Може да биде успешна до 85 проценти,“ рече Вучиќ.
Тој додаде дека Србија ќе се вклучи во проектот веднаш штом Русија го дозволи тоа:
„Ќе подготвиме целосна инфраструктура за да бидеме спремни за два до три месеци. Не можеме уште да ја произведуваме, но ќе направиме сè за да бидеме подготвени.“
Вучиќ нагласи дека во Србија има повеќе случаи на малигни заболувања отколку во другите земји, што, според него, е поврзано со последиците од бомбардирањето во 1999 година.