Македонија
(Видео) Адвокатот на Нинџа: Има закани и се чувствува несигурен
Адвокатот Sвонко Давидовиќ по судењето каде Александар Василевски – Нинџа, осуден за „27 април“, го тужи Наум Стоилковски за клевета, посочи дека пресудата за упадот во Собранието не е донесена врз база на исказот од тужителот. Тоа е причина поради која ја поднеле тужбата.
„Сакам да се разбере затоа што гледам дека има недоразбирање околу она што е предмет на спорот. Ние за 27 многу пати кажавме дека пресудата е менлива и дека таму се злоупотребени правата на обвинетите и дека се судени за исти настан во четири различни групи каде што луѓето навистина добија огромни казни, и тоа е неспорно. Но во конкретниот случај не се работи за тоа. Во конкретниот случај се тврди дека таа пресуда е донесена само врз основа на исказот на сведокот Александар Василевски – Нинџа, што не е точно затоа што тој бил обвинет и не е сведок и има право да се брани како што сака, а во својот исказ не спомна ниту едно лице. Значи тој ја даде својата одбрана, а пресудата на 1.000 и нешто страници е базирана на 36 сведоци, куп други материјали и воопшто не тврдиме дека е исправна“, вели Давидовиќ.
Тој додава: „Второ, тие 211 години не се поради исказот на Нинџа, туку поради обвинението и начинот на работење на судијата којшто го пресуди предметот. Но од друга страна, ако бараме навистина да се запазат правдата и правниот систем факт е дека Александар Василевски – Ниџа не дал таков исказ, дека пресудата не е базирана на неговите искази, а со самото тоа му се загрозува безбедноста затоа што луѓето кои се осудени, како што и кажа сам, да го цитирам, ‘симпатизерите на ВМРО’ можат да помислат дека истиот е клучен за таквата пресуда, што не го става во позиција каде што би се чувствувал комотно и пријатно, ниту тој ниту неговото семејство. Затоа ви потенцирам, овде се работи за клевета, за ништо друго. Предметот како предмет е еден и за него многу сме зборувале и пишувале, но да се тврди дека еден човек е одговорен за судбината на другите обвинети, во ситуации каде има куп материјални докази, куп сведоци и едно несовесно работење, едно чудно работење на судечкиот судија е навистина некоректно“.
Адвокатот бара одговорност од Стоилковски. Посочува: „Има општо закани и се чувстувува несигурен. Затоа и беше пренесен од затворот Штип во затворот Скопје“.
„Токму сега тоа ви го објаснив, како поборници на право и правна држава требаше да поднесеме, затоа што овде, да утврдиме, не бараме вина, овде бараме одговорност за нанесена клевета. Клеветата е, повторувам, дека врз основа на исказот на Александар Василевски – Нинџа е донесена пресуда и луѓето се осудени 211 години, второ дека се пазарел поради таа своја изјава и е помилуван, а не е помилуван“, додаде Давидовиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба Мицкоски-Зеленски: Само праведен мир носи стабилност
Премиерот Христијан Мицкоски во Минхен оствари средба со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, со кого, како што објави, разговарале за актуелните безбедносни предизвици во Европа, за потребата од единство и солидарност, но пред сè, за праведен мир.

– Веруваме дека мирот мора да биде изграден врз правда, почитување на достоинството на народите. Само таков мир носи стабилност и сигурна иднина за Европа, напиша Мицкоски во објава на Фејсбук.

Мицкоски и Зеленски разговарале и за продлабочување на соработката, економска размена и поддршка во процесите за напредок на државите.

– Напредокот е можен кога има визија, храброст и јасна определба. Македонија ќе продолжи да биде глас на разумот, партнер на стабилноста и поддржувач на праведниот мир, порачува Мицкоски.

На вториот ден од 62-та Минхенска безбедносна конференција Мицкоски оствари средби со Ричард Гренел, специјален пратеник на претседателот на САД Доналд Трамп за специјални мисии, со холандскиот премиер Дик Схоф, со Џаред Коен, претседател за глобални прашања и ко-раководител на Глобалниот институт Голдман Сакс и со Тед Дојч од Американско-еврејскиот комитет.
Македонија
Пациенти со хемофилија со месеци без „фактор 8“, се бара одговор од МЗ
Од Левица велат дека пациентите со хемофилија повеќе од шест месеци се без неопходниот лек „фактор 8“ поради нераспишан тендер, што, според нив, ги доведува во сериозна здравствена состојба.
Пратеничката Јована Мојсоска преку социјалните мрежи се обрати до министерот за здравство Азир Алиу и директорот на Институтот за трансфузиона медицина Амир Елези, потсетувајќи дека на седница за пратенички прашања било најавено дека лекот ќе биде обезбеден.
Според неа, пациентите со хемофилија живеат во тешки услови додека го чекаат лекот, а добила и повик од лице кое подолг период е врзано за кревет поради недостиг од терапија.
Мојсоска прашува кој ќе сноси одговорност доколку настанат сериозни последици по здравјето на пациентите поради пролонгирањето на постапката.
Македонија
Трипуновски: Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци
Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци што егзистираат од земјоделство. Вака одговори денеска министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, на новинарско прашање, по закројувањето винова лоза во Кавадарци, во чест на празникот Свети Трифун, што се смета за заштитник на лозарите и винарите.

На новинарско прашање околу реакцијата дека годинава субвенции ќе добиваат лозари со над пет декари лозје, министерот одговори дека нема кратење на субвенции.
– Имаме сериозна и навремена поддршка и реформи во земјоделскиот сектор, што ќе значат сериозно зголемување на продукцијата. Она што е новина можеби во програмата за 2026 година, е, јасната распределба. Приоритет ќе добијат вистинските земјоделци, што егзистираат од тоа. Во изминатите години се воочени таканаречени ловци на субвенции, кои не обработуваат земјоделски површини, а сакаат да бидат корисници на субвенции. Ова сметам дека не е ниту фер кон вистинските земјоделци, ниту пак е законски. Затоа оваа година најавуваме дека ќе имаме сериозна контрола на терен, за парите да завршат кај вистинските лозари, земјоделци, што се многу важни за економијата и руралната средина, појасни министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Во новата програма се предвидувало, минималната површина да биде 0.5 хектари, за да се биде корисник на земјоделски субвенции. Трипуновски подвлече дека земјоделството е еден од приоритетите.
Запрашан кога ќе бидат одблокирани средствата од ИПАРД програмата, тој рече дека платежната агенција со новиот менаџерски тим, работела на отстранување на сите забелешки што биле нотирани и оти се очекува многу бргу агенцијата да почне нормално да функционира. Агенцијата, посочува тој, и сега работи нормално, со тековните плаќања во делот на субвенции и во врска со ИПАРД апликации.
На новинарско прашање, тој информираше дека за оваа година, веднаш по носењето на програмата, традиционално пред овој празник, вчера биле исплатени субвенциите кон лозарите. На над 12 500 лозари, исплатени биле речиси осум милиони евра. На почеток на наредна недела, најавува исплата на субвенците и за овоштарите.
Трипуновски уверува дека навремено се исплаќаат и ќе се исплаќаат сите субвенции.
Министерот рече дека на денешниот празник ја негуваме традицијата и културата во делот на една од нашите најдобри и најголеми земјоделски култури, лозаропроизводството. Им оддаваме почит на нашите лозари кои произведуваат квалитетно грозје, а нашите винарски визби прават квалитетно вино, коешто е наш амбасадор.
– Како Влада и Министерство остануваме посветени да ја поддржуваме оваа гранка и да ја развиваме оваа битна земјоделска култура, истакна министерот за земјоделство.
Во најголемиот лозаровинарски регион во државата, посака здравје и бериќет, а трудот на земјоделците да биде вреднуван.

