Македонија
(Видео) Позитивни критики за изборот на нов шеф на ЈО ГОКК од членовите на Советот за јавните обвинители
Само позитивни критики имаше од членовите на Советот за јавните обвинители за новиот шеф на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Ислам Абази.
На седницата, на која тој е назначен и официјално на функцијата, сите кажаа по некој збор, освен Јасна Жежова. Главно, членовите се осврнаа како се подобрила состојбата во гостиварското Обвинителство откако тој станал шеф на Вишото обвинителство – Гостивар.
Иџет Мемети е единствениот што даде коментар и за тоа дека избраниот е Албанец.
„Надминати се етничките бариери. Двајцата кандидати од разни етнички заедници добиле најмногу гласови…“, рече Меџити.
Коле Штерјев посочи дека во време на Абази куп предмети биле решени, а претходно седеле во фиоките. Тој смета дека тоа е благодарение на менаџирањето на сега новиот шеф на ОЈО ГОКК. Љубомир Јовески, по Штерјев, рече дека гостиварското Обвинителство имало солидни резултати.
Претседателот на Советот на јавните обвинители, Анотнио Јолевски, беше прашан дали секогаш имале вакви пофалби за Абази какви што јавноста слушна денеска. Новинарите се интересираа како денеска се зборува сè најдобро за новиот шеф на ОЈО ГОКК, а пред една недела ниту биографијата не му ја знаеја.
„Јас сум тука во овие две години. Извештајот беше позитивно оценет на гостиварското Обвинителство дека беше постигнат напредок да се решат нерешените предмети. И дека откако дошол овој обвинител, состојбата е подобра. Знам дека се позитивно оценувани. Позитивно се оценувани и на други обвинителства, ако веќе земеме дека сите обвинителства се позитивно оценети, нормално дека ќе се истакнуваат одредени негативности. Не можеме да речеме дека сè е розово и во гостиварското. Нема обвинителство каде што сè е розово. И да сакаат, не може да имаат ажурност поради бројот на обвинители и обемот на работа“, изјави Јолевски.
Ислам Абази беше избран со 66 гласа преку непосредно гласање на обвинителите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: „Тефтерчињата“ во судството од времето на Никола Груевски се вратија
„Го сменија јавниот обвинител за да постават обвинител под своја контрола. Сопруга на градоначалник од ДПМНЕ назначија за член на Судскиот совет, поставија партиски човек во Советот за јавни обвинители. ‘Тефтерчињата’ во судството од времето на Никола Груевски се вратија“, велат од СДСМ.
„Сите знаат, следува целосно погребување на правдата. Со неуставна Резолуција во Собранието ДПМНЕ-ЗНАМ ја гушат демократијата, слободата на говор и се обидува да ја замолчи опозицијата да не зборува за договорот мигранти за пари.
Дури и Катица Јанева ја пуштија од затвор. Три години порано ја пуштија надвор од затвор за 3 месеци да тера кампања. Copy-paste сценарија како методите на Никола Груевски и Вучиќ. Режим 2.0.
Затоа е потребен широк фронт за правда на сите слободоумни граѓани, опозициски партии, прогресивни сили, здруженија. Заедно ќе ја одбраниме демократијата, заедно ќе ја одбраниме Македонија!“, се наведува во соопштението на СДСМ.
Македонија
Гаши се сретна со амбасадорката на Монголија: 30 години дипломатски и пријателски односи
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, заедно со Пратеничката група за соработка со Парламентот на Монголија, оствари средба со нерезидентната амбасадорка на Монголија, Сајана Лкхагвасурин.
Претседателот Гаши изрази задоволство од средбата во време кога се навршуваат 30 години дипломатски односи меѓу двете земји и надеж дека овој јубилеј ќе отвори едно ново поглавје на заедничка соработка. Иако нашата земја е кандидат за членство во ЕУ, сепак е отворена за соработка со сите држави во светот.
Исто така, Гаши искажа почит кон Монголија од историски аспект – преку Џингис-хан и од современ аспект – како силен мост меѓу Истокот и Западот.

Како претседател на законодавниот дом, ќе се заложи за продлабочување на односите на парламентарно, но и државно ниво. Преку заемни посети и размена на искуства, да се изградат мостови на соработка.
Амбасадорката изрази задоволство од одбележувањето на 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи и најави низа свечени настани во таа чест. Таа информира за формирањето на парламентарна група за соработка со Македонското собрание, која е во тек во Монголскиот парламент, што ќе доведе до зајакнати парламентарните релации. Во насока на приближување на народите, беше посочено и што поскоро воведување на безвизен режим, како бенефит за двете земји.

Претседателката на Пратеничката група за соработка, Мерита Колчи-Коџаџику, ја искористи можноста да се заблагодари и на почесниот конзул на Монголија во нашата земја, Литов Намдагжанчивин, за неговиот труд и посветеност на зближување на двете земји. Во годината што претстои, најави интензивирана соработка, посебно на културно и туристичко поле. Во овој контекст се надоврзаа и пратениците Тони Јаревски и Драган Недељковиќ, кои упатија заложби за зголемена културна размена и преточување на иницијативите во конкретен документ за соработка.
Македонија
МОН: Младите во Македонија ја менуваат перцепцијата за тутунот, неговата употреба се намалува, но се зголемува на електронските цигари
„Во образовниот систем во Македонија одамна е поставен механизам за превенција од употреба на психоактивни супстанци, но тој мора да се менува и надополнува, затоа што се менуваат и трендовите во однесувањето на младите – се намалува употребата на тутунот, но се зголемува употребата на електронските цигари и на тоа мора да се делува“.
Ова го истакна министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска на денешната прес конференција во Институтот за јавно здравје каде беше презентиран последниот извештај на Европскиот проект за истражување во училиштата за употреба на психоактивни супстанци, од 2024 година. Во документот има препораки што ќе помогнат при креирање на идните политики за зголемување на свеста кај младите за штетноста на психоактивните супстанци.
„Јас ќе споделам дека теми кои се поврзани со грижата за сопственото здравје се застапени во сите одделенија во редовните предмети, особено во природните науки. Но, за да ја подигнеме здравствената писменост, од оваа учебна година со поддршка на Светската здравствена организација воведовме и нов изборен предмет „Учам за моето здравје“ во VII одделение“, рече Јаневска.
Министерката информираше и дека на почетокот на годинава направени се законски измени со кои основните и средните училишта имаат обврска покрај програми за заштита од насилство, спречување на дискриминација, поголема толерантност и слично, задолжително да спроведуваат и програми за превенција од злоупотреба на алкохол, тутун и други психоактивни супстанци.

„Заедно со Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал, во октомври и ноември годинава спроведовме обуки за наставници и стручни соработници во 50 основни училишта во Скопје, Струмица, Штип, Прилеп, Кочани и Гостивар, кои ќе ја реализираат превентивната програма „Вештини за адолесценција“. Станува збор за структурирана програма која е базирана на докази и ја спроведуваат над 100 земји во светот, а има за цел да ги подготвува младите да не подлегнуваат на врснички притисок, односно да прават здрави избори и да не користат штетни психоактивни супстанци“, информираше министерката.
Наша задача е, рече Јаневска, како нови институционални раководства да продолжиме да работиме во интерес на новите генерации и заштитата на нивното здравје.
„Тоа и го правиме и затоа јавно алармираме за одредени состојби, ги обединуваме напорите и бараме вклучување на сите релевантни чинители кои можат да помогнат во креирање и спроведување на најдобрите превентивни политики“, потенцираше министерката.
Европскиот проект за истражување во училиштата за алкохол и други дроги (ЕСПАД) е најстарата истражувачка иницијатива во Европа посветена на следење на трендовите на употреба на супстанции кај адолесцентите, основана во 1995 година од денешната Агенција за дроги на Европската унија (ЕУДА). Последното истражување во Македонија беше спроведено во 2024 година во 96 средни училишта и 182 паралелки. Опфатени беа 2831 ученик, од кои 1397 или 49,3% момчиња и 1434, односно 50,7% девојчиња.

