Македонија
(Видео) Ковачевски: Студентите и понатаму ќе користат студентски оброк по старите критериуми
„Студентите секогаш имаат право да го кажат својот глас, своите ставови, а на нас коишто сме во Владата и пратениците е тие ставови да ги сослушаме, да разговараме со студентите и да се дојде до решение коешто ќе биде на задоволство на сите“, изјави претседателот на Владата Димитар Ковачевски, по денешната средба со студентските здруженија на којашто присуствуваа и министерот за образование Јетон Шаќири и пратеници од Собранието.
Ковачевски посочи дека преку конструктивен дијалог со студентските здруженија, министерството за образование и пратениците се изнајде заедничко решение во однос на студентскиот оброк.
„Драго ми е што се изнајде заеднички јазик, на задоволство пред сè на студентите во однос на студентскиот оброк. Но се разговараше и за други аспекти на студентскиот стандард, во делот на инфраструктурата во студентските домови при што веќе се договоривме со министерот за образование дека и во тој дел ќе бидат направени максимални напори за унапредување на просторот во одредени студентски домови каде што не се на најдобро ниво.
Исто така, се согласивме дека во одредени студентски домови веќе се направени позначителни инфраструктурни зафати. Студентите секогаш имаат право да го кажат својот глас, своите ставови. А на нас коишто сме во Владата и пратениците е тие ставови да ги сослушаат, да ги разговараат со студентите и да се дојде до решени кое ќе биде на задоволство на сите.
Поминаа времињата кога некој можеше со студентите да се поигрува како што сака бидејќи студентите се наши деца и иднината на оваа држава, иднина за којашто носиме одлуки да биде европска и да можат да живеат во услови какви што живеат нивните врсници и во Германија и во Австрија и во сите други земји на ЕУ”, рече премиерот Ковачевски.
Во однос на условите во студентските домови, премиерот Ковачевски потенцираше дека ќе имаат непречено снабдување со електрична и топлинска енергија.
„Студентските домови најголемиот дел, дури мислам дека и сите се на централното греење во градот Скопје. Ние централно греење во градот Скопје обезбедивме и тоа можат да го потврдат сите граѓани, веќе се набавени и количини на енергенси за до крајот на овој месец. Знаете дека ги набавуваме со термински план што е пократкорочен поради движењето на цените на гасот.
А доколку има потреба за догревање, тогаш секако дека Министерството за обрзование и наука заедно со Министерството за економија ќе направи како што направивме и за прехранбената индустрија, како што направивме и за другите витални функции во државата”, рече премиерот Ковачевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Коњановски даде отчет за првите 100 дена: фокусот е на инфраструктурата, образованието, спортот, културата и енергетска транзиција
Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, го презентираше отчетот за првите 100 дена од новиот мандат, истакнувајќи дека фокусот е на инфраструктура, образование, спорт, култура и енергетска транзиција.
Во овој период беше отворена новата градинка „Пчеличка“ со капацитет за 76 деца, адаптирана од поранешниот „Дом за доенчиња и мали деца“. Во рамките на инфраструктурните проекти, се асфалтираа делови од улицата „16-та“, се поплочуваат тротоари на новата улица СРУ 5, а се изведуваат и три нови игралишта во месноста Областа.
Коњановски истакна дека во 2026 година се планирани 53 реконструкции на улици и локални патишта и изградба на шест нови паркинг простори на повеќе локации во градот. Во спортската инфраструктура се вклучени подготовки за мултифункционален спортски комплекс, атлетска патека и борилиште на стадионот „Петар Милошевски“.
Во образованието се продолжува со реконструкција на училишни спортски сали, изградба на нови игралишта и објекти за учениците, додека за заштита на животната средина се преземаат проекти за одводнување и прочистување на отпадни води на 25 локации и за системи за водоснабдување.
Градоначалникот нагласи дека дигитализацијата е приоритет, со промоција на националниот портал за електронски услуги „Е-услуги“, а општината активно се вклучува во праведната енергетска транзиција со поставување фотоволтаици во училишта и на јавни објекти.
Во рамките на културата и спортот, Битола беше домаќин на натпревари на македонската фудбалска репрезентација до 21 година, а се реализираа проекти за ракомет, бокс и други спортски активности. Општината организираше и јавни трибини, поддршка за волонтери, активности за лица со попреченост и старо население.
Коњановски истакна дека Битола го поттикнува туризмот преку проекти како физибилити студија за гондола на Пелистер и градежни активности за планинарскиот дом „Копанки“. Градоначалникот посочи дека секој проект ќе биде следен со транспарентно информирање до граѓаните, со цел локалната самоуправа да остане сервис на жителите.
„Не се фалиме, само работиме, а позитивните коментари доаѓаат од други. Критиките не не обесхрабруваат, туку нè мотивираат да продолжиме со нашата мисија“, изјави Коњановски.
Македонија
Работниците немаат за леб а владата мисли да купува авион за Мицкоски, велат од СДСМ
Додека работниците едвај врзуваат крај со крај, додека минималната плата не ги покрива ниту основните трошоци за живот, Владата мисли на купување авион за Мицкоски. За туристички патувања, како она во Давос велат од СДСМ.
„Очигледно затоа одбива да им ги покачи платите на работниците. Одбива да се откаже од лукзуот и вели нема пари за минимална плата од 600 евра.
За покачување на минималната плата и за поддршка на приватните компании се доволни 200 милиони евра, а за авион уште стотици милиони евра повеќе не се доволни.
Груевски со пари на граѓаните купуваше мерцедес од 600 илјади евра и очила од 60 илјади евра.
Мицкоски има часовници од 60 илјади евра вредни 150 минимални плати и сака да купува авион од стотици милиони евра, за туристички патувања“.
Ученикот, додаваат од опозициската партија, сака да го надмине учителот во луксузирање врз грбот на народот.
„И Томовски запнал за авион од стотици милиони евра, како да се надева на процент од набавката за семејната фирма?
Малку да не им се 161 тендер досега?
Сè е бизнис во ВМРО“.
Македонија
Герасимовски: Финасиска поддршка за спортски проекти во Центар, заедно градиме здрави навики
Општина Центар објави Јавен повик за финансиска поддршка на проекти и програмски активности од областа на спортот.
Градоначалникот Горан Герасимовски ги повикува сите заинтересирани да аплицираат за поддршка на спортските активности и афирмација на младите спортисти.
„Спортот е основа за здрав живот на сите генерации, но најмногу за правилен развој на нашата младина. Фокусот го ставаме токму на тоа, на поддршка и градење на тимскиот дух кај младите и нивното физичко и ментално здравје“, рече Герасимовски.
Проектите што ќе конкурираат, според соопштеното, треба да содржат најмалку три од следниве услови: да имаат стручни кадри, добро формулирани цели и очекувани ефекти, план за вклученост на заедницата и активности за стимулирање и афирмација на младите потенцијални спортисти-поединци во општината.
Право на учество имаат спортисти-поединци, спортски клубови, здруженија и институции со седиште во Општина Центар кои исполнуваат законски и административни критериуми.
Рокот за поднесување на пријавите е десет дена од објавувањето на повикот. Пријавите може да се достават преку пошта или лично во Архивата на Општина Центар

