Македонија
РСБСП: Подгответе се за безбедно возење во зимски услови

Овој период од годината се карактеризира со влажни коловози и намалени температури на воздухот, што неповолно влијае на безбедното одвивање на сообраќајот. Ова може да резултира со намалена видливост, продолжување на сопирачкиот пат на возилото, деконцентрација на возачите и слично, велат од РСБСП.
Истражувањата покажуваат дека ефектите од лошите временски услови врз видливоста може да го зголемат времето на реакција на возачите од 13 до 75 % зголемувајќи ја веројатноста за сообраќајна несреќа. Утврдено е дека густата магла предизвикува најголеми проблеми, при што на возачите им треба 75 % повеќе време за да забележат опасност, како и дека обилниот дожд ги забавува реакциите на возачите за 30 %, а снегот за 34 %.
Токму затоа Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата апелира до учесниците во сообраќајот да бидат внимателни, да се придржуваат до советите за управување со возилото во зимски услови, да ги следат информациите за временските услови на патиштата, како и патната сигнализација, заради осигурување поголема безбедност во сообраќајот.
„Потсетуваме дека законска обврска е во возилата задолжително да се носи зимска опрема во периодот од 15 ноември до 15 март в година. Покрај задолжителната зимска опрема, потребно е да се направи и зимска проверка на возилото, односно:
• проверка на антифризот,
• проверка на маслото во моторот,
• проверка на течноста за бришачите на ветробранското стакло,
• проверка на акумулаторот и притисокот на пневматиците,
• обезбедување течност или спреј за одмрзнување стакло, брави итн.“, се истакнува во информацијата.
РСБСП советува брзината да се приспособи според условите на патот, да се почитува растојанието меѓу возилата, да се избегнува нагло сопирање на возилото, а да се избегнува и нагло намалување или зголемување на брзината на возилото.
Почитувањето на овие совети, како и на законската обврска за носење зимска опрема и проверка на возилото, придонесуваат за побезбедно учество во сообраќајот при неповолните временски услови во овој период и за намалување на бројот на сообраќајни незгоди.
РСБСП апелира: Внимавајте на влажните коловози! Бидете одговорни и подгответе се за безбедно возење во зимски услови. Користете зимска опрема!
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Без вода делови од Центар и Аеродром

Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект на улицата Питу Гули бб, општина Центар (во близина на Тинекс), прекинато водоснабдување ќе имаат следниве улици: Питу Гули, дел од Загребска, Ганчо Хаџипанзов, Капештец, Димитар Пандилов, Караорман, висока зона Козле и Ловќенска-крак 1,3,5 и 7.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
Денеска поради уличен дефект на 3-та Македонска Бригада бб, прекинато водоснабдување ќе имаат објектите на Вива, Метро, Центро, Спорт М и Форд, во општина Аеродром.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Делови од Аеродром, Центар и Ѓорче Петров денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08.10 до 15.00 часот, корисниците на дел од село Долно Лисиче.(општина Аеродром)
· во периодот од 08.10 до 15.00 часот, корисниците на објектите спроти Ист Гејт населба Крњево.(општина Центар)
· во периодот од 08.10 до 12.00 часот, корисниците од улица Божидар Рајковиќ, дел од ул. Горноврановска и дел од улицата Горно Лисиче (општина Аеродром)
· во периодот од 08.10 до 16.00 часот, корисниците на улиците Ибе Паликуќа, Воин Драшкоци, Веле Марков (општина Ѓорче Петров)
Македонија
Претежно облачно со повремен дожд

Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Кон крајот на денот врнежите насекаде ќе престанат. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец (локално над 60 km/h). Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 13, а максималната ќе достигне од 8 до 16 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремен дожд. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 12, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Од четврток времето ќе биде стабилно и суво со слаб до умерен северен ветер. Дневната температура ќе биде во пораст.