Култура
Меѓународна изложба „Без дистанца“ во Куманово
Меѓународна изложба на уметнички дела со наслов „Без дистанца” на македонски и бугарски академски ликовни уметници, ќе биде отворена на 18 ноември во 19.00 часот во Изложбениот салон на Национална установа Центар за култура „Трајко Прокопиев” – Куманово.
На изложбата ќе бидат изложени 40 дела а учество земаа 10 македонски и 10 бугарски академски ликовни уметници. Оваа изложба е заеднички проект во соработка помеѓу Национална установа Центар за култура ,„Трајко Прокопиев” – Куманово и Уметничка Галерија – Русе од Република Бугарија. Изложбата веќе беше презентирана пред јавноста во Уметничка Галерија – Русе, во истоимениот град на 18 октомври. Истата ќе биде отворена и во Куманово во Национална установа Центар за култура ,“Трајко Прокопиев” – Куманово на 18 ноември 2022 година во 19.00 часот
Учесници на оваа изложба се академските ликовни уметници: Жаклина Глигориевска – Кочоска, Зоран Арсовски – Бабата, Иво Пецов, Марија Величковска, Марија Трпеска, Марјан Sингаров, Петра Јовановска, Симона Јакимовска, Трајче Блажевски, Фехим Хусковиќ, Валентин Георгиев, Виргинија Пенчева, Вјара Гунева, Георги Пасев, Гошо Георгиев, Златка Стојкова, Ива Станева, Ирена Парашкевова, Красимира Кирилова, Тања Пасева.
По повод отворањето на оваа изложба, директорот на НУЦК „Трајко Прокопиев” – Куманово, Сашо Тодоровски ќе изјави:
„Изложбата „Без дистанца” која ја реализиравме помеѓу Центар за култура Куманово и Уметничката галерија во Русе сигурен сум дека ќе воспостави трајни врски помеѓу уметниците и можност за идна соработка од областа на уметноста.
Заедничката изложба дава можност за поактивна соработка, создава простор да се направи и нов заеднички проект во кој ќе учестуваат уметници, сликари, поети, актери.
Како Центар за култура од Куманово горди сме што сме дел од овој прокет на уметноста кој ќе остави видливи траги и убави спомени за сите кои земаа учество со своите дела во истиот“.
Изложбата во Куманово ќе биде поставена до 07.12.2022 г.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

