Европа
Столтенберг: Инцидентот, најверојатно, е предизвикан од украинска ракета, но Русија носи одговорност
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, одржа прес-конференција по вчерашната ракетна експлозија во Полска. Тој рече дека тоа е несреќен случај, но дека на крајот одговорна е Русија.
Истрагата е во тек, но прелиминарните анализи „сугерираат дека инцидентот најверојатно бил предизвикан од украинска ракета за противвоздушна одбрана истрелана за одбрана на украинска територија од напади на руски крстосувачки ракети“, рече Столтенберг.
„Да бидам јасен, ова не е вина на Украина. Русија ја сноси крајната одговорност бидејќи ја продолжува својата нелегална војна против Украина.
Нема индикации дека проектилот бил резултат на намерен напад или дека Русија подготвува офанзивни воени акции против НАТО“, додаде тој.
„Сојузниците на НАТО го изразија своето „најдлабоко сочувство“ за трагичната загуба на животи откако две лица беа убиени во Полска, рече Јенс Столтенберг.
Сојузниците „ја изразија својата силна солидарност“ со Полска и „јасно ставија до знаење дека ќе продолжиме да ја поддржуваме Украина во нејзиното право на самоодбрана“, рече тој.
Шефот на НАТО ја повика Русија „да ја запре оваа бесмислена војна“ и рече дека алијансата е обединета и „секогаш ќе го прави она што е неопходно за да ги заштити и одбрани сите сојузници“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шолц ја откажа изборната кампања и ги посети поплавените региони во Германија
Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска ги посети поплавените региони во западната германска сојузна покраина Сарланд, каде обилните дождови предизвикаа поплави и лизгање на земјиштето, а неколку згради беа евакуирани.
Шолц ја откажа својата изборна кампања во Сар, на границата со Франција, и наместо тоа, го обиколи делумно поплавениот пат во селото Клајнблитерсдорф заедно со регионалниот гувернер Анке Релингер.
Тој ја потврди солидарноста на сојузната влада со Сарланд.
„За жал, не е првпат да треба да се справиме со голема природна катастрофа, па ќе разгледаме што треба да се направи овде и што е неопходно“, им рече Шолц на новинарите.
Службите за итни случаи одговорија на илјадници повици за помош во главниот град на покраината, Сарбрикен.
Европа
Напаѓачот на Фицо доби мерка притвор за да не побегне и да не го повтори делото
Специјалниот кривичен суд во словачкиот град Пезинок, со силно полициско обезбедување денеска му одреди притвор на 71-годишниот Словак Јурај Цинтула, кој на 15 мај годинава во градот Хандлова со пет истрели го застрела премиерот Роберт Фицо и тешко го рани во стомакот.
Притворот за осомничениот е побаран поради опасност да не избега или да го повтори делото.
Осомничениот за нападот врз словенечкиот премиер Јурај Цинтула денеска призна вина.
Адвокатите предупредија дека признавањето на вината е спорно, бидејќи Цинтула веднаш по атентатот и апсењето бил сослушан во шок, без присуство на адвокат.
Европа
Премиерот Фицо уште е во животна опасност, напаѓачот призна вина
Осомничениот за нападот врз словенечкиот премиер Јурај Цинтула денеска пред Специјализираниот кривичен суд во градот Пежинок призна вина. Состојбата на премиерот Фицо и понатаму е сериозна.
Обвинителството вчера побара притвор за 71-годишниот Цинтула поради евентуално бегство или повторување на кривичното дело. Напаѓачот беше спроведен под силно полициско обезбедување, а ниту на новинарите им беше дозволен влез во Судот.
Премиерот на Словачка, Роберт Фицо на 15 мај беше застрелан во градот Хандалова додека се поздравуваше со насобраниот народ. Цинтула веднаш по нападот е приведен.
Тој се соочува со обвинение за обид за убиство од одмазда, за што е предвидена казна од 25 години до доживотен затвор.
Словачките политичари изјавија дека нападот врз Фицо не е политички мотивиран.