Свет
Медведев: Поддршката на САД за Украина нема да трае долго

Потпретседателот на Советот за безбедност на Русија, Димитриј Медведев, изјави дека верува оти поддршката на Соединетите Американски Држави за Украина нема да трае долго.
Тој на „Телеграм“ напиша дека во одреден момент Конгресот на САД ќе престане да ја поддржува Украина бидејќи, како што наведе, „Америка секогаш ги напушта своите пријатели“, пренесува ТАСС.
Медведев напиша дека „обичните Американци полека ја сфаќаат реалноста, што ќе влијае на Конгресот, кој на крајот ќе престане безрезервно да го поддржува украинскиот режим“.
Тој додаде дека САД, и покрај борбата за превласт на демократите и републиканците во Конгресот, ќе продолжат да издвојуваат големи суми пари за финансирање на украинската страна во конфликтот бидејќи, како што рече, „русофобијата е дел од консензусот на политичките елити во Америка“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Откако пред неколку месеци купи „Тесла“, Трамп денес рече дека не сака електричен автомобил

Претседателот на САД, Доналд Трамп денес изјави дека не секој сака електричен автомобил, па ни тој не сака. Ова се случува во период кога веќе извесно време се води борба на социјалните мрежи меѓу него и неговиот до неодамна близок соработник, основачот на „Тесла“ и милијардер Илон Маск.
„Не секој сака електричен автомобил. Јас не сакам. Можеби сакам бензински автомобил, можеби хибрид, можеби еден ден водороден. Но, има еден проблем со водородниот автомобил, тој експлодира. Па би можел да му го дадам на Питер, нека го земе“, се пошегува Трамп.
Пред помалку од четири месеци, претседателот Доналд Трамп купи „Тесла“. Потоа Трамп објави видео од себе како влегува во црвениот автомобил пред Белата куќа.
Зборувајќи покрај Илон Маск, кој му го предаде автомобилот, тој рече дека купува „Тесла“ затоа што е одличен производ и затоа што Маск „ја посветил својата животна енергија на ова“.
„Мислам дека мала група луѓе се однесуваат многу лошо кон него, сакам да знаат дека не можете да казните некого затоа што е патриот, а тој е патриот“, рече Трамп, додавајќи дека не знае за ниедна таква успешна компанија за нови автомобили во последните 30 години.
Свет
Човечката нога најдена на плажа во Шкотска му припаѓа на тело пронајдено во Ирска

Ногата пронајдена на плажа во Јужен Ершир, Шкотска, му припаѓа на тело пронајдено на брегот на Северна Ирска во мај.
Полицијата во Шкотска почна истрага откако човечки екстремитет беше откриен на плажа во Прествик на 10 јуни. Тие сега објавија дека останките се „идентификувани како на исчезнато лице надвор од Шкотска“, објавува „Скај њуз“.
Полицијата во Северна Ирска, исто така, потврди дека го идентификувала телото на маж пронајдено во Милисл, округ Даун. Сепак, истражителите не веруваат дека починатиот маж бил од северна Ирска и дека неговата смрт не се третира како сомнителна.
„Полициската служба на Северна Ирска може да потврди дека телото пронајдено во областа Донагади Роуд во Милисл во среда, 21 мај, е идентификувано“, се вели во соопштението.
„Утврдено е дека станува збор за маж, а полицијата е во контакт со семејството на починатиот“, се додава во соопштението.
Свет
Руското министерство: Азербејџан се однесува непријателски

Руското Министерство за надворешни работи објави дека доставило протестна нота до амбасадорот на Азербејџан во Москва по апсењето на руски новинари во Баку, што го нарече непријателска акција од страна на Баку.
Во соопштение за медиумите, Министерството го обвинува Баку за преземање намерни чекори за влошување на билатералните односи. Москва реагира откако еден ден претходно азербејџанската полиција ги претресе просториите на руската телевизиска станица Спутник. Баку тврди дека се уапсени двајца вработени во руската разузнавачка служба ФСБ, додека Москва е убедена дека станува збор за новинари.
Односите меѓу Москва и Баку се затегнати веќе некое време. Влошувањето е делумно последица на соборувањето на азербејџанскиот патнички авион над чеченскиот главен град Грозни кон крајот на 2024 година, во кое загинаа 38 лица. Рускиот претседател Владимир Путин мораше да му се извини на својот азербејџански колега Илхам Алиев.
Повод за најновите тензии беше бранот апсења на етнички Азербејџанци во рускиот град Екатеринбург за време на викендот, кога беа уапсени околу 50 лица.
Фото: ЕПА