Македонија
СДСМ: Томовски и Мицкоски како паразити од ВМРО-ДПМНЕ со тендери во ЕЛЕМ од 60.000 евра

ВМРО-ДПМНЕ е партијата на паразити и тоа е докажано со факти и документи. Додека граѓаните осиромашуваа и тонеа во сиромаштија функционери од ВМРО-ДПМНЕ земале огромни суми на народни пари, како на месечно така и на годишно ниво, стои во соопштението од страна на СДСМ.
„Повеќе од 93.000 евра пари од граѓаните завршиле кај Мицкоски во тој период на ВМРО-ДПМНЕ а кај Гордана Кочоска Димитриевска над 67.000 евра. Но тука не завршува листата на паразити од ВМРО-ДПМНЕ. Ивица Томовски, човекот што секој ден од белиот дворец, од симболот на криминалот и корупцијата, зборува за паразити и самиот е паразит на ВМРО-ДПМНЕ кој зел огромни пари од граѓаните во време на ВМРО-ДПМНЕ.
Томовски од ВМРО-ДПМНЕ со потпис на неговиот шеф Мицкоски бил избран за управител на ЕЛЕМ турс ДООЕЛ Скопје во 2017 година, позиција на која само од плати тој од граѓаните зел над два милиони денари или над 30.000 евра“, велат од СДСМ.
И тука според СДСМ не е крајот, токму Томовски пред да биде избран од Мицкоски за управител на ЕЛЕМ турс добивал тендери токму од ЕЛЕМ за чистење на деловните простории преку приватна фирма ‘Сити логистик’.
„Томовски на тој договор вреден над 2,6 милиони денари или над 42.000 евра е потпишан како управител на фирмата ‘Сити логистик’. Од другата страна, потписник е тогашниот директор на АД ЕЛЕМ, Христијан Мицкоски. Двоецот Мицкоски – Томовски потпишал уште еден договор вреден околу еден милион денари или близу 16.000 евра“, информираат од партијата на власт.
Според СДСМ, срамно и безобразно е денес токму Томовски да зборува за паразити кога тој и Мицкоски во време на најголема сиромаштија, кога минималната плата беше 8.000 денари, се богателе на грбот на граѓаните.
Од таму додаваат дека ништо не го менува фактот дека ВМРО-ДПМНЕ е партија на паразити.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Александар Трајановски: Централната пошта да стане Градски инспекторат и Центар за урбано планирање – време е за пресметка со дивоградбите и урбаниот хаос

Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од коалицијата „Искуство за успех“, Александар Трајановски, најави конкретен план за обновување на Централната Пошта и нејзина трансформација во Градски инспекторат и Центар за урбано планирање.
„Ги засукуваме ракавите и влегуваме во директна пресметка со дивоградбите и урбаното дивеење во градот Скопје и општините. Повеќе нема да има недопирливи згради, бесправни градби и хаотичен развој. Време е институциите да си ја вратат својата сила,“ изјави Трајановски.
Со овој потег, еден од највпечатливите објекти на скопскиот модернизам ќе добие нова јавна функција со вистинска корист за граѓаните – место каде ќе бидат обединети сите градски инспекции и урбанистички служби, во транспарентен и ефикасен систем.
„Централната Пошта е дел од нашето културно наследство, но и од нашиот градски срам – ја оставивме да пропаѓа. Наместо да ја рушиме, ќе ѝ дадеме нова улога. Таа ќе стане симбол на ред, контрола и паметно урбано управување,“ изјави Трајановски.
Новиот Градски инспекторат ќе обедини повеќе од десет инспекциски служби – урбанистички, градежни, комунални, еколошки и сообраќајни. Просторот ќе биде отворен за јавноста, архитектите и стручната фела, со современи канцеларии, дигитални системи и сали за јавни консултации.
Дел од поширока визија – „Поправка на она што вреди“
Оваа иницијатива е дел од визијата за „поправка на она што вреди“ – враќање на животот во објектите што го обликуваа идентитетот на Скопје. Во истиот план се предвидени и:
· ГТЦ – нов дом на градската администрација, младите и културата,
· Кино Милениум – обновен културен простор и филмски центар,
· МКЦ – проширен центар за современа уметност и независна сцена.
„Скопје не треба да се гради одново – треба да се обнови со памет и љубов. Градот го измалтретиравме доволно, време е да го лекуваме,“ порача Трајановски.
Македонија
Муцунски на Состанокот на министрите за надворешни работи во рамки на Берлинскиот процес во Белфаст

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, учествува на состанокот на министрите за надворешни работи во рамки на Берлинскиот процес, што денес се одржува во Белфаст.
Во фокусот на дискусиите беа регионалната соработка, европските перспективи на земјите од Западен Балкан и заедничките безбедносни предизвици.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја нагласи потребата од заеднички одговор на современите безбедносни ризици – хибридни и сајбер закани, дезинформации, миграции, нелегално финансирање и организиран криминал, кои дополнително влијаат на безбедноста и стабилноста, поткопувајќи ги институциите и јавната доверба.
На состанокот беше истакнато дека политиката на проширување на Европската унија претставува витална рамка за трансформација на општествата и унапредување на добрососедските односи, демократските стандарди и владеењето на правото. Зaедничко беше констатирано дека постепената интеграција, Планот за раст и Заедничкиот регионален пазар значајно го приближуваат Западен Балкан до Европската унија и го прават пристапниот процес поопиплив за граѓаните.
Македонија
(Видео) Шукова: Младински хабови, градски ваучер и нова гимназија Скопје станува град на можности за младите

Кандидатката за Градоначалничка на Град Скопје, Каја Шукова, ја претстави својата визија за модерен, инклузивен и младински ориентиран главен град кој нуди вистински можности за раст, развој и иднина.
„Мојата визија за Скопје е град што создава можности, особено за младите,“ истакна Шукова. „Како градоначалник, имам јасен план за младински хабови современи урбани простори каде младите добиваат директен пристап до компании, обуки, ментори и финансиска поддршка за нивните идеи.“
Според Шукова, младинските хабови се еден од клучните приоритети во нејзината програма. По примерот на големите европски метрополи, тие ќе бидат места каде младите ќе можат да развиваат свои идеи, да се вмрежуваат со компании и инвеститори и да стекнуваат практични знаења и искуства.
Во рамки на овие центри ќе биде обезбедено:
• поврзување со компании што бараат нов кадар,
• советување за избор на образование и кариера,
• обуки за дигитални вештини, претприемништво и личен развој,
• финансиска и менторска поддршка за млади претприемачи.
„Овие хабови ќе бидат мост меѓу младите и светот на бизнисот. Ќе помогнеме идеите да станат реалност, а талентот успех,“ нагласи Шукова.
За локации на првите младински центри, предвидени се катната гаража „Беко“, како и просториите во Воената кула кај Нова железничка во Аеродром, кои се во сопственост на Град Скопје.
Во делот на социјалните политики, Шукова најави и нова мерка градскиот ваучер „Скопје за сите“, кој ќе овозможи бесплатен јавен превоз, пристап до ЗОО, музеи, библиотеки и културни активности, како и субвенции за паркинг и спорт. Ваучерот е наменет за младите, семејствата со пониски приходи, пензионерите и лицата со попреченост.
„Со ваучерот ‘Скопје за сите’, ќе создадеме град што се грижи, град што е достапен и топол за сите генерации,“ порача таа.
Во сферата на образованието, нејзината програма предвидува реновирање и современо опремување на училиштата, зголемена поддршка за младински проекти за 300%, како и мрежа на младински центри, нова гимназија во Аеродром, дигитализација на наставата и Фонд за стипендии за спортисти и талентирани ученици.
„Со овие мерки, Скопје создава основа за град што ги задржува младите, отвора квалитетни работни места и вложува во знаење и иднина. Верувам дека кога ќе им дадеме можност на младите да успеат овде сите ќе успееме заедно. Ова е наш град. Овде ни е домот,“ порача Каја Шукова.