Македонија
(Видео) Ковачевски: Ништо од ветувањата на Мицкоски во Скопје

„Христијан Мицкоски пред само 1 година одеше по Скопје и кажуваше дека Скопје ќе ја добие најдобрата мајка и ќе стане најдобриот и најмодерен град во светот. Потоа, тој излезе на прес-конференција и кажа дека ќе обезбедел бесплатен превоз за граѓаните и дека ќе купел нови електрични автобуси и дека ќе се изградела фабрика за електрични автобуси. Тоа беа негови зборови. Од тоа не што нема ништо туку и превозот кој го имаше во Скопје го нема“. Ова денеска го изјави премиерот Димитар Ковачевски.
Тој порача дека на трибините низ државата кажал дека „обврска на оваа Влада е, особено на Влада предводена од СДСМ како политичка партија која се грижи и има вредности во својот фундамент за грижа за сите граѓани дека мора да помогне на сите граѓани во рамки на капацитети и можностите кои ги има“.
„Сум кажал дека сите големи проекти кои се во Скопје започнати и кои им се потребни на скопјани, меѓутоа и на сите други градови Владата во рамки на своите надлежности ќе направи сè за да може да ги доврши и во тој дух беше и посетата на министерот за локална самоуправа и министерката за култура на градот Скопје за којшто мислам дека сме пред договор за преземање на ингеренциите за Универзална Сала. Тој објект може да биде завршен и даден на употреба и користење на граѓаните на Скопје“, рече премиерот Ковачевски.
Премиерот порача дека „постојат и други проекти коишто беа почнати како на пример пречистителната станица за градот Скопје, огромен проект којшто беше камен на сопнување за она што се случи во градот Скопје бидејќи се обвинуваа за поделба на провизии помеѓу себе членовите на ВМРО-ДПМНЕ и претставници во градот Скопје. Потоа имаме брз автобуски превоз во градот Скопје којшто е одобрен проект со финансирање од меѓународни финансиски институции којшто едноставно не се реализира“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сончево со мала до умерена локална облачност

Времето во Македонија денеска претпладне ќе биде променливо облачно, во текот на денот сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец, поизразен долж Повардарието.
Утре времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и дневни температури од 16 до 22 Целзиусови степени. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец, поизразен долж Повардарието.
Македонија
Левица: Со почит кон борбата од минатото и визија за промени во сегашноста

По повод 11 Октомври, Денот на востанието на македонскиот народ Левица положи цвеќе на Могилата на непобедените и пред споменикот на Кузман Јосифовски-Питу во центарот на Прилеп. Во полна со дух и средечна атмосфера партиска делегација, предводена од лидерот на Левица, Димитар Апасиев, одржа средба со граѓани на која беше презентирана програмата за Прилеп, се наведува во соопштението на Левица.
Симболиката на денов би требало да ја разбуди свеста на прилепчани и да покажат дека се народ кој е спремен за револуција, и на следните локални избори да изберат советници кои вистина ќе се борат за Прилеп, преку конструктивна критика и објективни одлуки, изјави Жарко Стеваноски, кандидат за советник во Општина Прилеп.
На народната средба носителот на советничката листа на Левица во Прилеп, Методија Костоски, ги претстави четирите главни приоритети на програмата.
„Прво ќе направиме сеопфатна ревизија на сите поголеми проекти, особено на тие што немаат технички прием, заедно со целиот движен имот со кој располага партијата. Следно е инклузија на граѓаните. Сакаме да ги отвориме вратите на општината и да ги вклучиме сите во процесот на одлучување. Трето, а можеби и најважно, е сообраќајниот хаос со кој се соочува Прилеп. Мора да почнеме со регулирање на сообраќајот. Ќе поднесеме иницијатива за укинување на платеното зонско паркирање. Четврто е контрола врз финансиското работење на јавните претпријатија“, истакна Костоски.
И покрај силната цензура кон нив, од Левица порачуваат дека нема да се предадат и ќе продолжат со директни средби со народот низ целата држава, за да ја донесат борбата за правда и транспарентност во секоја општина.
Македонија
Од утре секој ден по 15 часот ќе има блокади за загинатите во дискотеката „Пулс“

Од утре, ќе има мирни јавни собири и блокади на кружниот тек кај двојниот мостот на улицата „Стево Теодосиевски“ во Кочани. Блокадите ќе траат по еден час секој ден, во периодот од 15:15 до 16:15 часот, се додека не започне судењето.
Ова го најавија родителите на загинатите во пожарот во „Пулс“ од 16 март, од 26. „Марш за ангелите“ одржан денеска пред Основниот суд во Кочани, испровоцирани од тоа што, според нив, адвокати на осомничените изјавиле дека судењето ќе трае 10 до 15 години.
– Оваа изјава е срамна и понижувачка за семејствата чии деца ги загубија животите во трагедијата. Таквите зборови звучат како обид да се подготви јавноста за бавно одолговлекување и заборавање. Ние тоа нема да го дозволиме, рече мајка на загинато девоче пред новинарите.
Родителите на настраданите бараат да се зголеми капацитетот на судскиот состав со дополнителни судии и судски соработници за да не се одолговлекува процесот поради недостаток на ресурси. Исто така, нагласија, рочиштата мораат да добијат приоритет и постојано темпо, со цел постапката да тече непречено и без непотребни одложувања. Тие се сомневаат во манипулации или скриено забавување на судскиот процес, бараат јавно и транспарентно следење на сите процесни активности.
-Правдата не смее да се влече. Ќе бидеме тука – на кружниот тек, се додека не почне судењето, а за понатаму зависи како ќе се одвиваат работите. Животот на едно дете вреди повеќе од нечии интереси и адвокатски игри, порачаа членови на семејства што загубија свои блиски во мартовскиот пожар во „Пулс“.
Денешниот 26-ти „Марш за ангелите“ во Кочани, вообичаено започна од „Паркот на Револуцијата“ каде и заврши. Попатно, петнаесетина минути беше блокиран сообраќајот на кружниот тек пред двојниот мост, токму на местото каде што од утре па натаму се најавуваат јавни собири и блокади.