Свет
„Навикнати сме на земјотреси, но ова траеше долго“ – над 40 загинати и стотици повредени во Индонезија
Повеќе од 40 луѓе загинаа, а стотици се повредени кога земјотрес го погоди главниот индонезиски остров Јава.
Според податоците на Американскиот геолошки институт, земјотрес со јачина од 5,6 степени според Рихтеровата скала го погоди градот Чианџур на запад од островот, на длабочина од 10 километри.
Земјотресот можеше да се почувствува и во главниот град Џакарта, на околу 100 километри, каде луѓето беа евакуирани од високите згради.
Официјалните лица предупредија дека бројот на жртвите може да се зголеми и дека се можни последователни потреси.
Земјотресот погоди густо населено место со лошо изградени куќи, подложни на одрони.
Херман Сухерман, шеф на администрацијата во градот Чианџур, за локалните медиуми изјави дека најмалку 46 лица загинале.
„Жртвите пристигнуваат од многу места. Околу 700 луѓе се повредени“, изјави тој.
Главно се работи за фрактури на коските добиени при уривање на згради.
„Амбулантите сè уште носат луѓе од селата во болница“, рече тој.
„Има многу семејства во селата кои не се евакуирани“.
На видеата од социјалните мрежи се гледаат оштетувања на куќи и други објекти.
Десетици згради се оштетени во регионот Чианџур, се вели во соопштението на Националната агенција за ублажување на катастрофи, вклучувајќи болница и исламски интернат.
Спасувачите се обидувале да ги евакуираат луѓето од урнатите згради и, според локалните извештаи, успеале да спасат една жена и нејзиното бебе.
Во Џакарта, канцелариски работници излегоа од зградите во градот и деловната област за време на потресот, кој траеше околу една минута.
„Работев кога подот почна да се тресе. Јасно го почувствував тресењето. Се обидував да го игнорирам она што се случува, но тоа стана уште посилно и траеше некое време“, изјави адвокатката Мајадита Валујо за АФП.
Канцелариски работник по име Ахмад Риџван изјави за „Ројтерс“: „Ние сме навикнати на земјотреси во Џакарта, но сега нè фати паника“.
Земјотресите се честа појава во Индонезија, која се наоѓа во областа на тектонската активност на Пацифичкиот огнен прстен.
Земјата има долга историја на разорни земјотреси и цунами, со повеќе од 2.000 загинати во силниот земјотрес на островот Сулавеси во 2018 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Самит ЕУ-Западен Балкан без Србија: Вучиќ вели дека никој нема да оди во Брисел
Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека нема да оди во Брисел на Самитот ЕУ-Западен Балкан, односно дека Србија нема да има свој претставник.
„За прв пат во последните 13 или 14 години, ниту јас ниту некој друг нема да одиме на таа меѓувладина конференција. Никој нема да ја претставува Република Србија, па затоа Западниот Балкан ќе биде без Република Србија“, изјави претседателот за РТС.
Тој изјави дека донел таква одлука за да не биде обвинет никој друг и дека Владата нема да трпи никаков притисок.
Тој рече дека во претходните 24 часа разговарал со голем број европски лидери.
„Искрено сум благодарен за почитта што Урсула фон дер Лајен и Антонио Кошта ја покажаа кон Србија. Исто така, сум благодарен и на претседателот Макрон, со кого разговарав синоќа. Сметам дека сè што правам, го правам за граѓаните на Србија. Без оглед на тоа што знам дека оваа одлука ќе предизвика критики, и во Брисел и од оние кои секогаш критикуваат, дури и кога не знаат точно што критикуваат. Верувам дека со ова ја штитам Република Србија и нејзините интереси, бидејќи мора да покажеме што сме направиле“, рече Вучиќ.
Тој повтори дека Србија ќе го продолжи својот европски пат додека тој е претседател, а потоа, како што рече, ќе видиме, пренесува РТС.
Фото: депозитфотос
Свет
Сијарто предупредува: На економијата на ЕУ ѝ се заканува колапс во случај на конфискација на руски средства
Конфискацијата на замрзнатите руски резерви може да предизвика колапс на економијата на Европската Унија, изјави унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто.
„Руската национална банка ja чува својата имовина и средства во Белгија.
Сосема е очигледно дека ако ЕУ ги конфискува своите резерви, глобалната доверба во белгискиот пазар ќе исчезне, а преку него и целиот финансиски пазар на ЕУ.
Ако довербата во европската инвестициска средина исчезне, тоа може да доведе до колапс на европската економија“, рече тој во програмата „Час Правде“.
Рускиот претседател Владимир Путин и унгарскиот премиер Виктор Орбан претходно потврдија за време на разговорите дека таков чекор од Брисел нема да помине без одговор од Москва.
Ова ќе зависи од ставот на поединечните земји во Европската Унија, истакна Сијарто.
„Конфискацијата на руски државен имот е една од најсериозните ескалации на ризикот во последните четири години, а запленувањето на резервите од страна на ЕУ е решение кое се заканува со ескалација на војната“, нагласи дипломатот.
И покрај фактот дека се чини дека дипломатското решение за украинската криза се приближува, Европејците всушност се обидуваат да ја продолжат и влошат војната со целосно непотребно присвојување на руски средства, резимираше тој.
На 12 декември, Советот на Европската Унија усвои одлука за трајно замрзнување на суверените руски средства, пренесува Спутник.
Европската комисија се надева дека на самитот на 18 и 19 декември ќе обезбеди одлука од земјите на ЕУ за експропријација на 210 милијарди евра руски средства, од кои 185 милијарди евра се блокирани на платформата „Јуроклир“ во Белгија.
Фото: депозитфотос
Свет
Унгарија ќе увезува американски гас: „Ова е ново златно доба на соработка со САД“
Унгарија денес објави дека потпишала петгодишен договор за снабдување со гас со американската енергетска компанија „Шеврон“.
Новиот договор, потпишан од „Шеврон“ и унгарската јавна енергетска компанија „МВМ“, предвидува испорака на 400 милиони кубни метри течен природен гас годишно во текот на следните пет години, изјави унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, на заедничка прес-конференција со заменик-секретарот за енергетика на САД, Џејмс Денли.
Сијарто го поздрави новото „златно доба“ на соработка меѓу двете земји, пишуваат медиумите во регионот.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан минатиот месец на средбата со рускиот претседател Владимир Путин вети дека ќе продолжи да увезува руски фосилни горива, и покрај планот на ЕУ да го забрани увозот на руски гас до крајот на 2027 година.
Фото: депозитфотос

