Македонија
(Видео) Арсовска: Блокиран буџетот на Град Скопје, приватните превозници да протестираат пред СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ
И официјално е блокиран буџетот на Град Скопје, обелодени на прес-конференција градоначалничката Данела Арсовска. Со ова скопјани се оставени на милост и немилост, не може да се рерализира ниту еден од планираните проекти. Ниту ФК Вардар ќе добие помош ниту граѓаните ќе ги добијат планираните субвенциите поради економската криза, вели Арсовска.
„На седницата за ребаланс на буџетот советници на ВМРО-ДПМНЕ го блокираа градскиот буџет со поднесување нестручни амандмани. Дека буџетот е блокиран, официјално нѐ извести и Mинистерството за финансии. Тој не може да се вчита во Министерството за финансии. ВМРО има една цел, а тоа е блокирање на Град Скопје бидејќи се инаетат и иако беа предупредени од страна на стручните служби дека во оваа форма амандманите ќе го блокираат буџетот и Град Скопје, тие одбија да ги преработат амандманите. Славески и советниците на ВМРО-ДПМНЕ ги исполнуваат само желбите на нивниот лидер Мицкоски и не се грижат за граѓаните“, изјави градоначалничката Арсовска.
Таа информира дека поднеле преставка, бараат свикување итна седница, на која ќе се изнајде решение за блокадата на буџетот на Град Скопје, а штетата ќе се обидат да ја надминат, без да прецизира како.
„Лично, ќе се заложам да се надмине оваа состојба. Но, со блокирањето на буџетот сите проекти е невозможно да се реализираат“, изјави Арсовска.
Во однос на прекинот на превозот на приватните превозници, Арсовска децидна дека долг нема.
„Од 1.06 2022 до сега исплатени се 11 милиони од 120 милиони денари фактурирани од страна на ‘Слобода превоз’. За ‘Макекспрес’ за последните 6 месеци има фактурирани 44 милиони денари и сите се платени. Ги повикувам преставниците на овие два превозника овие протести што ги најавуваат да ги префрлат пред седиштата на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, кои и ги предизвикале долговите од изминативе години“, изјави Арсовска.
Според неа, приватните превозници не си ги исполнуваат обврските.
„Жал ми е што во повеќе јавни претпријатија се политизираат работите на штета на граѓаните. Со договорот за соработка со ЈСП, кои го имаат, тие имаат обврска да ја фискализираат наплатата на билети и апелирам до УЈП да излезе и да контролира дали е тоа така зашто граѓани се жалат дека не добиваат фискални сметки. Исто така доцнат, а не одржуваат и соодветно ниво на хигиена“, вели Арсовска.
Приватните автобуси на „Слобода превоз“, на линиите 9, 12, 22, 23 и 45, денеска не возат поради немање пари за нафта затоа што ЈСП „Скопје“, односно Град Скопје, не им го исплатил долгот, а линиите 11, 11а, 47, 55, 61, 63 и 73 продолжија да сообраќаат.
Од друга страна, приватните превозници од компанијата „Макекспрес“ исто така, поради неисплатени долгови од страна на ЈСП, односно Град Скопје, прекинаа со превоз на своите линии.
По најавата дека ќе ѝ бидат одземени ингеренциите за реконструкција на Универзалната сала и предадени на Министерството за култура, Арсовска вели дека не се работите како што се претставуваат и директно му се обрати на премиерот Димитар Ковачевски. Таа му посочи да си гледа што треба да сработи тој како премиер на Владата.
„Сметам дека неговата несмасна изјава е дел од неговото политичко неисксутво и нема да ја земам за зло. Сметам дека ќе има време пред себе да покаже и да демонстрира дека не мислел ништо лошо. Сакам да прашам кој ќе му ги одземе ингеренциите за нереализирањето на неговите ветувања? Кој ќе го доврши автопатот Кичево – Охрид, проектот за клинички центар, ингеренциите за автопатот кон Крива Паланка, кој ќе ги одзеде ингеренциите за неспроведување на антикризните мерки. Првин реализирајте ги вашите ингеренции“, му порача Арсовска.
Сепак, Владата ја разгледува можноста да го преземе и реализирањето и на другите големи проекти почнати од Град Скопје.
Станува збор за брзиот автобуски превоз во градот Скопје, кој е одобрен проект со финансирање од меѓународни финансиски институции и кој, едноставно, не се реализира, клучката кај Момин Поток, патот до Визбегово, исклучително важна сообраќајница, што треба да ја поврзе индустриската зона Визбегово, но и Чучер Сандево, подвозниот под зградите на „Лимак“, кој е речиси готов, пречистителната станица, како и кружните текови кај поранешна „Нова Македонија“.
Анита Петровска-Рајковиќ
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мирчевски ексдиректор на СОЗР направил низа злоупотреби во СОЗР за време на владеењето на СДС, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Пеце Мирчевски ексдиректор на СОЗР направил низа злоупотреби во СОЗР за време на владеењето на СДС. Тој е синоним за начинот на владеење на функционерите од СДС, криминал, аздисаност и личен профит. Секојдневно на површина излегуваат докази за криминалното владеење на СДС, Филипче и нивните партиски функционери, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од владејачката партија посочуваат дека Државниот завод за ревизија извршил ревизија каде што утврдил дека се направени низа пропусти и злоупотреби за време на СДС и нивниот ексдиректор на СОЗР Пеце Мирчевски.
„Низа системски слабости од нефункционални финансиски контроли во бифеата, преку проблематични вработувања, до несоодветно управување со државниот имот, откриле државните ревизори во работењето на Службата за општи и заеднички работи за време на владеењето на СДС и Пеце Мирчевски.
Ексдиректорот на СОЗР, Пеце Мирчевски, ја пренатрупал службата со партиски кадри без соодветно образование и сертификати“.
Според соопштеното од ВМРО-ДПМНЕ, во 2024 година биле исплатени 3.274 илјади денари за 21 привремено ангажирано лице, од кои дел извршувале редовни работни задачи, вклучително и раководни функции.
Ревизорите, потсетуваат од оваа партија, укажуваат дека овие позиции законски бараат високи стручни квалификации и сертификати, а предупредуваат и дека големиот број привремени ангажмани, честата кадровска флуктуација и недоволното вложување во обука претставуваат ризик за континуитетот и квалитетот на услугите.
„Мирчевски е синоним за недомаќинско работење, аздисаност и празнење на државните сметки.
Миречевски има низа пропусти и скандали позади себе. ЈО исто така имаше отворено предмет за поранешниот директор на СОЗР кадар на СДС, Пеце Мирчевски, кој добил автомобил од фирма добитник на тендери.
СДС е партија каде нејзините функционери додека биле на власт, наместо за државата и интересите на граѓаните, работеле исклучиво за личен профит и профит на блиски лица до врхушката на СДС“.
Македонија
(Видео) Филипче: Протестите за возачките дозволи не се начин, власта треба да понуди решенија за сите граѓани
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во одговор на новинарско прашање, посочи дека протестите на дел од граѓаните поврзани со возачките дозволи и системот „Сејф сити“ не се начин за решавање на проблемите, но дека Владата има обврска да понуди институционални и законски решенија за сите категории граѓани.
„Сметам дека протестите не се начинот да се бара решението. Ние кажавме на почетокот за законот што сметаме дека е добро, а што сметаме дека е лошо, и тоа е начинот за да се најдат решенијата“, изјави Филипче.
Тој истакна дека власта не треба да ги игнорира општествените проблеми, туку напротив, да се отворат како теми за сериозна дебата и одговорна политика, при што владата мора да реагира секогаш кога постои немир кај граѓаните.
„Улогата на владата е да излезе во пресрет на сите. Значи прекршување на закон не смее да се толерира, меѓутоа мора да се разговара со луѓето, да види кои се проблемите и да им се понуди решенија за да може да функционираат понатаму.
Воедно, во одговор на новинарското прашање, Филипче ги демантираше информациите дека СДСМ стои зад протестите на дел од граѓаните Роми.
„Не. апсолутно демантирам“, рече Филипче.
Македонија
Ѓорѓиевски: Скопје излегува од финансискиот и институционален колапс
Градоначалникот на град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на денешната прес конференција за медиумите, кажа дека Скопје излегува од финансискиот и институционален колапс и влегува во период на стабилизација, развој и најголема инвестициска офанзива во својата историја.
Тој истакна дека при преземањето на функцијата затекнал урнат систем, град на раб на банкрот, јавни претпријатија со блокирани сметки, вработени без плати, нефункционални институции и долгови од речиси 300 милиони евра. На сметката на градот имало само осум милиони денари реално расположливи средства, додека истиот ден чекале извршни решенија од 48 милиони денари.
Во само два месеци, како што информираше, намалени се повеќе од 40 милиони евра обврски на Градот и јавните претпријатија, нормализирана е исплатата на платите во Дрисла, Комунална хигиена, Паркови и зеленило, Лајка, Флораком и Луна, каде што претходно, како што кажа, се доцнело по две плати.
Градоначалникот кажа дека Буџетот за 2026 година изнесува 5,2 милијарди денари – зголемен за 12 проценти. Пренесен е вишок од 482,9 милиони денари, со што за првпат по долги години Град Скопје има повеќе пари отколку обврски.
„Тоа ни овозможи да тргнеме во најголемата инвестициска офанзива досега. Капиталните инвестиции се зголемени за 33,4 проценти, а веќе се реализирани 389,7 милиони денари, при што јануари 2026 година е најуспешен јануари по приходи и реализација“, кажа Ѓорѓиевски.
Градоначалникот им се заблагодари на граѓаните кои го платиле данокот на имот и информираше дека се блокирани 17.694 сметки за долг од 1,3 милиони евра за 2021 година, како и дека во наредните 15 дена се очекува подмирување на обврските од 2022 до 2025 година од вкупно 96.562 физички лица и 2.335 правни субјекти во износ од 19,5 милиони евра.
„Ред мора да има. Секој денар во буџетот значи повеќе проекти и подобар живот за сите“, порача тој.
На крајот, Ѓорѓиевски нагласи дека ова е само почеток на финансиската консолидација и целосната трансформација на градот.
„Наследивме долгови, но градиме иднина. Наследивме хаос, но воспоставуваме ред. Наследивме разочараност, но ја враќаме надежта. Ќе го направиме Скопје модерен, чист, функционален и достоинствен град. Нема враќање назад. Нема изговори. Само резултати. Заедно ќе успееме. Време е скопјани да живеат подобро, време е градот да застане цврсто на нозе и да оди напред“, кажа тој.

