Македонија
Семејствата на загинатите кај Ласкарци се сомневаат дека супервештачењето е за заштита на виновниците
Со насолзени очи, но и револт, родители и роднини на загинатите во автобуската несреќа кај Ласкарци, по четири години, бараат виновниците да одговараат.
Безброј одложени рочишта, чекање на ново супервештачење, одолговлекување, но и лажни ветувања на Дијана Груевска-Илиевска за брза завршница. Вака, според Благојче Трпевски, родител чиј син загина во несреќата, тече постапката. Во моментов се чека четврто супервештачење кое треба да го изработи Бирото за судски вештачења.
Родителот тврди дека рочиштата се одложуваат, а вештачењето не е ни почнато со изработка.
„Ова супервештачење тврдам дека го работат непрофесионалци, знаеме кои се ангажирани. Сите се сомневаме и плашиме дали ова супервештачење е нарачано за да се заштитат виновниците во овој процес и да се одолговлекува. Тврдам дека вештачењето на Машинскиот факултет, изработено за шест недели, е направено професионално. Тврдам дека ова е купување време“, вели Благојче Трпевски, родител чиј син загина во несреќата.
Судот, според Трпевски, барал супервештачења да направат Машинскиот факултет во Битола, кој одбил, потоа барал од шипскиот факултет, кој исто така одбил. Сите посочиле дека вештачењето изработено од Машинскиот факултет во Скопје, Електротехничкиот факултет, Бирото за судска медицина е направено професионално и квалитетно.
Несреќата се случи во 2019 година. Трпевски е згрозен од одолговлекувањето на постапката.
„И по четири години нема никаква судска пресуда. И по 4 години и безброј закажани рочишта, ние како родители и роднини не добивме разрешница. И за денеска имаше рочиште во 10 часот, тоа е откажано. Бараме да се видиме со судијата кој го води предметот, тој не нè испочитува. Испратени сме доле кај службите и кажа дека нема денес да има судење. Супервештачењето кое требаше да го направи Бирото за судски вештачења и по една година нема мрднато од мртва точка. Ова е срамота за судството, судијата кој го води предметот, срам за Бирото за судски вештачења. Претходно, Машинскиот факултет истото тоа судско вештачење го направи за само шест недели. Не знам колку време треба да чекаме за оваа постапка да заврши, а правдата да ги стигне луѓето кои го направија ова злодело?! Пак ќе повторам, 16 жртви има и многу повредени, повеќе од триесетина, со тешки телесни повреди“, додаде Трпевски зборувајќи во име на сите семејства.
Судијката ветуваше дека сè ќе биде брзо, а јас можам да ви кажам дека не е почнато никакво супервештачење на предметот, вели Трпевски. Тој најави: „Можеби ќе бидеме порадикални, поекстремни, ова веќе не е дозволиво, четири години да се води овој предмет со 16 жртви! Како овој суд да носи судски пресуди за многу помали обвиненија, за еден Боки 13 пресудата ја донесе експресно брзо, а за 16 жртви, четири години“.
„Јас би ја прашал судијата зошто се плаши да се симне и да се соочи со родителите и семејствата на настраданите и повредените? Нема да побегне од правдата. Правдата ќе биде испочитувана и мора да има. Луѓето што убија 16 лица, превозникот ‘Дурмо турс’ и останатите мора да одговараат. Возачот и останатите, сите пет обвинети. Должност на судот беше во овие четири години да пресуди. Барањето за супервештачење дојде во завршните зборови на судската постапка. Мислам дека ова е недозволиво. Ова покажува дали судот или судијката која го води процесот ги штити обвинетите за оваа тешка сообраќајна незгода. Некои од родителите, од семејствата, веќе починаа. Ние нема да дозволиме оваа постапка да се влече уште долг период. Јас можеби сум возбуден затоа што тлее нервоза. Ќе бидеме во уште поголем број тука, нема ова веќе вака да биде“, додаде тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денеска посебен режим на сообраќај во Скопје за Водици
Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје денеска ќе воведе посебен режим на сообраќај за одредени сообраќајници во Скопје поради празникот Водици.
Во центарот на Скопје за сообраќај ќе биде затворена ул. „Филип Втори Македонски“ на потегот од крстосницата со бул. „Гоце Делчев“ до крстосницата со ул. „11 Октомври“ во двете насоки.
Во општина Ѓорче Петров за сообраќај ќе бидат затворени сообраќајницата од црквата „Свети Петар и Павле“, бул.„Партизански Одреди“ до ул.„Ѓорче Петров“, ул.„Ѓорче Петров“ до ул.„Васил Чакаларов“, како и од црквата „Свети Пантелејмон“, ул.„Козле“, дел од ул.„Васил Чакаларов“ до Железничкиот мост на реката Вардар. Во општина Аеродром за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон Горно и Долно Лисиче.
СВР Скопје апелира со сите учесници во сообраќајот да ги прочитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници.
Македонија
Гаши со честитка за празникот Водици
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, упати честитка по повод празникот Водици.
„Во име на Собранието на Република Северна Македонија и во мое лично име, Ви упатувам честитки по повод празникот Водици. Овој празник ја носи пораката на духовно прочистување и надеж, потсетувајќи нѐ на значењето на заедништвото и посветеноста во градењето на напредна и праведна држава. На православните верници им посакувам овој ден да донесе внатрешен мир, а во нивните домови да владеат здравјето, благосостојбата и спокојот“, пишува во честитката.
Македонија
Облачно и студено време, од утре внрежи од снег
Утрото ќе биде малку до умерено облачно и студено, а во текот на денот сончево со умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од североисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -8 до 0, а максималната ќе достигне од 0 до 6 степени, информира УХМР.
Во Скопје, сончево со умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од североисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -4, а максималната ќе достигне до 4 степени.
Утре преку денот времето ќе биде стабилно и суво со ниски утрински температури. Кон крајот на денот, во текот на ноќта и во среда се очекуваат повремени врнежи претежно од снег.
Од четврток ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди. По котлините ќе има услови за појава на магла.

