Култура
Костадиновска-Стојчевска во бугарскиот КИЦ во Скопје: Уметничката креативност нека биде поле за културен натпревар
„Во новите простории на Културно-информативниот центар на Бугарија во Скопје посакувам да се всели нова енергија во македонско-бугарските културни релации и со убава емоција да се разгори страста за уметничка креативност како ’поле за културен натпревар‘, во кој победник е културата. Во името на тоа пријателство отворете ѝ ги ширум портите на културата!“, порача денеска министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која заедно со министерот за култура на Бугарија, Велислав Минеков, ги отвори новите простории на бугарскиот Културно-информативен центар во Скопје.
Костадиновска-Стојчевска додаде дека бугарскиот КИЦ во Скопје и нашиот, македонскиот, во Софија, ја имаат таа цел – да нė поврзат, да нė едуцираат едни за други и преку културата да нė доближат и како народи и како пријатели.
На свеченоста за улогата на културно-информативните центри во Скопје и во Софија говореше и министерот за култура на Бугарија, Велислав Минеков. Тој го изрази задоволството од отворањето на новиот простор во центарот на Скопје, кој се промовира речиси по 20 години од отворањето на бугарскиот КИЦ во земјата.
„Културно-информативните центри“, рече Минеков, „се мост што создава услови за просперитет и зближување на двете култури и кој го обезбедува заслуженото место на културата во општествата“.
Свеченото отворање беше проследено со изложба на дела од современи уметници од Македонија и Бугарија.
Претходно, министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска имаше средба со својот бугарски колега Велислав Минеков, на која присуствуваа и амбасадорот на Бугарија, Ангел Ангелов, и директорката на бугарскиот КИЦ во Скопје, Антонија Велева.
На средбата министрите ја потврдија традиционалната соработка и го изразија своето задоволство од фактот што министерствата за култура на двете земји негуваат слични приоритети во својата културна политика, во делот на заштитата на културното наследство, како и во поттикнување на активностите на младите. Беа разменети мислења, ставови и идеи за подобрување и за унапредување на соработката во сите сегменти, како и за активности што би можеле да се реализираат како заедничка агенда на културно-информативните центри во двете држави.
Костадиновска-Стојчевска во оваа пригода го запозна Минеков и со идејата за отворање културно-информативен центар на Македонија во Благоевград изразувајќи уверување дека токму овие центри ќе придонесат за реализација на многу проекти и иницијативи преку кои бугарските и македонските автори и уметници ќе се претстават пред културната јавност во двете земји.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

