Свет
Најмалку 10 загинати во терористичкиот напад на хотел во Сомалија

Најмалку десет лица загинаа во терористички напад во хотел во близина на претседателската палата во Могадишу, главниот град на Сомалија, според полициските податоци. Меѓу жртвите има и две лица со двојно сомалиско-британско државјанство, изјави Мохамед Дахир од сомалиската полиција. Хотелот е популарно место за дружење владини претставници, а во нападот бил повреден сомалискиот министер за внатрешна безбедност, Ахмед Мохамед Дудише, соопшти полицијата.
Одговорноста за нападот ја презеде екстремистичката група Ал Шабаб, која е поврзана со Ал каеда и контролира голем дел од земјата наведувајќи во изјава за својата радиостаница дека блиската претседателска палата била цел на нападот.
Нападот се случи два дена по големата операција на сомалиската армија во центарот на земјата, во која беа убиени најмалку 100 члена на Ал Шабаб, меѓу кои и десет водачи, се вели во соопштението на вооружените сили. Во Сомалија беснее војна со децении, главно поради Ал Шабаб.
Претседателот Хасан Шеик Мохамуд, избран на функцијата на почетокот на годината, ја предводеше воената офанзива против групата Ал Шабаб. Сомалиската армија, со поддршка на вооружени кланови и цивили, во последните месеци беше успешна во борбата против Ал Шабаб и успеа да врати дел од територијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
(Фото) Аеродромот во Загреб затворен за сообраќај – мал авион слета надвор од пистата

Аеродромот „Фрањо Туѓман“ во Загреб денеска попладне беше затворен за секаков воздушен сообраќај поради инцидент со приватен авион кој се излизгал од пистата, пишува Индекс.
Како што потврдија од аеродромските служби, инцидентот се случил околу 15:21 часот, при слетување на приватен авион. Леталото при слетување проклизнало и завршило на тревната површина покрај пистата.
Според информации од авиокомпанијата, авионот бил празен и во инцидентот нема повредени.
Во моментот се преземаат мерки за отстранување на леталото од пистата, а аеродромот останува затворен до понатамошно известување.
Од Аеродромот „Фрањо Туѓман“ се извинија на патниците за доцнењата на пристигнувачките и поаѓачките летови и најавија дека јавноста ќе биде навремено информирана кога сообраќајот повторно ќе биде воспоставен.
Свет
Масовни протести во Шпанија против корупција

Повеќе од десетици илјади луѓе се собраа денес во Мадрид на демонстрации организирани од главната конзервативна опозициска партија, против владата на социјалистичкиот премиер Педро Санчез, обвинувајќи ја за корупција.
Демонстрантите се собраа на Шпанскиот плоштад во центарот на главниот град, велејќи му на Санчез да „поднесе оставка“.
Народната партија го свика собирот откако протечените аудио снимки наводно покажуваат дека член на Социјалистичката партија води кампања за клевета против полициска единица што истражува обвинувања за корупција, во која наводно се вклучени сопругата, братот и поранешната десна рака на Педро Санчез.
Социјалистичката членка ги негираше обвинувањата, кажувајќи им на новинарите дека спроведувала истражување за книгата и дека не работи во име на партијата или на Педро Санчез, а потоа ја напуштила Социјалистичката партија.
Лидерот на Народната партија, Алберто Нуњез Феихо, ја обвини владата за „мафијашки практики“ во аферата, тврдејќи дека Санчез е во центарот на повеќе корупциски скандали.
Народната партија процени дека повеќе од 100.000 луѓе присуствувале на денешниот митинг под слоганот „Мафија или демократија“.
Владин претставник во Мадрид процени дека на демонстрациите имало помеѓу 45.000 и 50.000 луѓе.
Свет
Тропската бура Барбара се формираше покрај брегот на Мексико

Тропската бура Барбара се формираше покрај југозападниот брег на Мексико, соопшти Националниот центар за урагани во Мајами рано утрово. Не се издадени предупредувања за крајбрежна опасност.
Брзината на ветерот беше околу 75 километри на час со повремени силни налети. Се очекува бурата да прерасне во ураган во понеделник.
Во делови од мексиканските држави Гереро, Мичоакан, Колима и Халиско можни се обилни врнежи од дожд од 5 до 10 сантиметри, а на некои места и до 15 сантиметри. Врнежите од дожд можат да доведат до поплави и лизгање на земјиштето.