Европа
Столтенберг: Ќе ја браниме секоја педа од нашата територија

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, денеска во Букурешт изјави дека воената алијанса е подготвена да ја брани секоја педа од својата територија.
Столтенберг, говорејќи на состанокот организиран од Институтот „Аспен“ од Романија и германскиот Маршалов фонд, истакна дека Романија е силен и многу важен сојузник на НАТО.
„Тоа го повторувам секој ден. Романија дава голем придонес за НАТО давајќи ми одличен заменик-генерален секретар“, нагласи тој.
Столтенберг најави дека министрите за надворешни работи на НАТО се состануваат во Букурешт во време кога на границите на Романија беснее руската војна.
„Ова е критично време за нашата безбедност, но ние испраќаме порака дека НАТО е тука, буден и подготвен да ја брани секоја педа од својата територија. Како одговор на војната во Украина, ја подигнавме подготвеноста на нашите војници. Ги удвоивме нашите борбени единици од две на осум. Минатата недела НАТО спроведе вежби во Романија во кои учествуваа авиони од Шпанија, Турција, САД и од Франција. Ова покажа дека сојузниците на НАТО соработуваат и дека се подготвени да ја одбранат секоја педа од земјата, како и нивниот воздушен простор“, рече генералниот секретар на НАТО.
Тој рече дека НАТО не е дел од конфликтот во Украина, но дека ѝ дава поддршка на таа земја.
„Украина е нација што има право на самоодбрана, што е напишано во Повелбата на ОН. Путин се соочува со неуспех и на тоа одговара со поголема бруталност. Имаме сè повеќе ракетни напади врз цивилната инфраструктура. Страшно е за Украина, но тоа е тешко време и за нас во Европа и целиот свет“, истакна Столтенберг.
Тој рече дека сите ние ја плаќаме цената на руската војна против Украина, но ја плаќаме во пари, а Украинците ја плаќаат со крв.
„Ако дозволиме Путин да победи, сите ќе платиме повисока цена бидејќи тогаш лекцијата што Путин и другите авторитарни лидери би ја научиле е дека се исплати да се користи сила. Тоа би го направило нашиот свет многу покревок и опасен. Затоа во наш интерес е да ја поддржиме Украина“, нагласи тој.
Според него, нема одржлив мир ако победи агресорот, ако угнетувањето и автократијата победат над демократијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Ковчегот на папата Франциско затворен, погребот в сабота наутро

Од средата наутро, кога телото на покојниот папа Франциско беше пренесено во базиликата „Свети Петар“, низ неа поминаа 150.000 луѓе од целиот свет. Ковчегот на папата беше затворен вечерва, а погребот ќе се одржи в сабота наутро.
Пред церемонијата на запечатување, во ковчегот на папата беа поставени 12 монети, по една за секоја година од неговиот понтификат, како и краток запис и извештај за неговото папство. Церемонијата ја водеше кардиналот Кевин Фарел, камерлегно на Светата Римска црква.
Реки верници доаѓаат во Рим за да присуствуваат на утрешниот погреб на папата Франциско, а се очекува и пристигнување на бројни делегации од целиот свет.
Во Рим се воведени строги безбедносни мерки, со илјадници волонтери и полицајци, систем против дронови, снајперисти на покривите и борбени авиони подготвени за полетување.
Европа
Жена во Шпанија ја продала новородената ќерка за 2.000 евра на двојка која не можела да има деца

Шпанската полиција уапси 37-годишна жена која ја продала својата новородена ќерка на пар кој се лекува од неплодност, јавува АФП.
Полицијата соопшти дека жената била уапсена минатиот месец во Мостолес, јужно предградие на Мадрид. Брачен пар осомничен за купување дете и двајца нивни роднини беа уапсени во јужниот град Кордоба.
Според прелиминарната истрага, жената се согласила да им ја предаде својата новородена ќерка на двојката за 2.000 евра. Сепак, по породувањето, таа се предомислила и побарала да ѝ го вратат детето.
Двојката, според АФП, одбила да го врати бебето освен ако жената не им го врати платениот износ, плус дополнителни 1.000 евра за покривање на трошоците што тврделе дека ги направиле во текот на месецот што го поминале со неа во Кордоба пред да се роди детето.
Полицијата започна истрага откако една жена поднесе жалба тврдејќи дека семејство во Кордоба го „киднапирало“ нејзиното новородено бебе. Детето е предадено во центар за заштита на деца во Кордоба. Полицијата, исто така, објави дека властите ѝ одзеле уште шест деца на жената во 2022 година поради занемарување.
Европа
Зеленски: Подготвени сме да разговараме за територија, но само под еден услов

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави денес дека Украина ќе биде подготвена да разговара за територијални прашања како дел од мировните преговори, но само откако Русија ќе се согласи на целосен и безусловен прекин на огнот.
„Целосно и безусловно примирје отвора можност да се разговара за сè“, изјави Зеленски пред новинарите во Киев.
Тој ја коментираше и изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп, кој во интервју за „Тајм“ изјави дека „Крим ќе остане со Русија“.
„Она што го кажува претседателот Трамп е вистина. Се согласувам со него дека денес немаме доволно оружје за да ја вратиме контролата врз Кримскиот Полуостров“, рече Зеленски.
Да потсетиме дека украинските претставници претходно решително ја отфрлија можноста за какви било територијални отстапки во замена за мир со Русија.