Македонија
Дискриминирачки е 10.000 денари повисока плата да имаат вработени во министерства и секретаријати, предупреди Комисијата
Неоправдано е административците вработени во министерства и секретаријати да имаат 10.000 денари повисока плата од другите административци вработени до институциите, заклучи Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Комисијата бара од Владата и од Министерството за информатичко општество повлекување на одредбата од предлог-законот за административни службеници оти е дискриминирачка и се прави голема разлика во платите за вработени што работат иста работа и исполнуваат исти услови за вработување како и другите административци.
„Постојат категории од Б до Г, кои ги уредува овој закон, и тука разликата е 200 бода, со кои се ставаат во поволна положба за оние што се вработени во министерствата и секретаријатите. Оваа разлика од 200 бода во бруто-износ е 16.000 денари или 10.000 денари во нето-износ. Комисијата смета дека ваквото правење разлика не претставува легитимна цел или поделба ако се има предвид дека сите административни службеници работат иста работа, имаат работа од еднаква вредност, а се прави голема разлика во платите“, рече Исмаил Камбери, претседател на Комисијата.
Доколку оваа одредба за разлика во платите не биде повлечена, од Комисијата предупредуваат дека може да предизвика дискриминација на сите граѓани.
„Ако ваквата одредба остане во законот, Комисијата смета дека би се направиле системски проблеми во работењето на целата држава. Вработените што би зеле помала плата би изгубиле мотивација за работа, би се изгубиле ефективноста и ефикасноста на работењето на институциите, а во иднина и на долг рок може да биде основ за креирање структурна дискриминација, која може да предизвика директна дискриминација кон сите граѓани што ги користат сервисите на овие институции“, вели Камбери.
Комисијата препорачува воедначен пристап при одредување на платите за вработените во администрација, а од Владата зависи дали во предлог-законот ќе ги скрати привилегиите од 10.000 денари за вработените во министерства и секретаријати или пак ќе ги зголеми на останатите.
Предлог-законот за административни службеници беше објавен на ЕНЕР во октомври годинава. Од Комисијата известија дека стручното мислење е веќе испратено до Владата и до Министерството и најавија дека ќе го следат процесот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба на Гаши со шеикот Махир Муајкали
Претседателот на Собранието, Африм Гаши оствари средба со Имамот на Каба, шеикот д-р Махир Муајкали, кој за првпат е во четири дневна официјална посета на државата.
На средбата беше присутен и Реис ул Улема Шаќир еф. Фетаху, поглавар на Исламска верска заедница (ИВ).
„Во срдечната и конструктивна атмосфера, соговорниците се осврнаа на значењето на неговата посета, како и на важноста од меѓусебното почитување и разбирање. Притоа беше изразена искрена благодарност до државните власти на Кралството Саудиска Арабија за нивната досегашна поддршка и соработка. Во разговорот беше нагласено и значењето на зајакнувањето на врските и вредностите што ги споделуваат двете земји и народи, како и заедничката подготвеност за унапредување на институционалните односи и продлабочување на меѓусебната соработка“, соопшти Собранието.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ утре на 18. Конгрес ќе ја донесе новата „Стратегија за Македонија 2030“
ВМРО-ДПМНЕ утре во Кавадарци ќе го одржи својот 18-ти редовен Конгрес. Од партијата велат дека овој Конгрес претставува ново поглавје во политиката, во која првенствено треба да се обезбеди стабилно, предвидливо и државничко водство.
На Конгресот ќе биде донесена новата Стратегија на партијата: „Ново поглавје – Стратегија Македонија 2030“ (правци за дејствување, развој и државно водство), како и пропратни документи на истата.
„За да опстои и да напредува, македонската држава мора да има јасен стратегиски правец: стабилна државност, функционални институции, модерна економија и цврсто заштитен македонски идентитет. Оваа стратегија ја дефинира улогата на ВМРО-ДПМНЕ токму во таа насока: партија што предвидува, а не следи; партија што гради систем, а не мандат; политичка сила што поставува долгорочна архитектура на државата. Со оваа Стратегија ВМРО-ДПМНЕ се дефинира како водечка европска, демократска и вредносно ориентирана политичка сила во Македонија“, велат од партијата.
Македонија
Во завршна фаза комплетното реновирање на КАРИЛ и на четири операциони сали
Министерот за здравство, Азир Алиу, беше во обиколка на Клиника за ТОАРИЛУЦ и информира дека е во завршна фаза комплетното реновирање на КАРИЛ и на четири операциони сали во хируршкиот оперативен блок
„Комплетното реновирање на КАРИЛ е во завршна фаза и во најскоро време очекуваме овој простор да биде пуштен во употреба за пациентите. Се финализира и реновирањето на хируршкиот оперативен блок, каде се опфатени четири операциони сали во прва фаза. Во втора фаза е предвидена и нова операциона сала во рамки на Ургентниот центар, со што оваа Клиника ќе добие уште една сала за помали интервенции“, истакна министерот за здравство, Азир Алиу по денешната обиколка на Клиниката за ТОАРИЛУЦ.
На средбата со директорот на Клиниката, д-р Игор Мерџаноски беа разгледани можностите за набавка на нова најсовремена медицинска опрема наменета за КАРИЛ и за оперативниот блок, во насока на унапредување на условите за третман на пациентите.

